„Оваа е верата на Апостолите, оваа е верата на Отците, оваа е верата на Православните, оваа вера вселената ја утврди“.
(Извадок од Синодиконот на Православието)
Православието, односно правоверието, е неопходно за животот на Христијанинот, бидејќи во спротивно постои голема опасност да се западне или во религиски фанатизам, или во агностицизам и секташтво. Гарант, вистински толкувач и чувар на верата е Црквата Христова која „вратите на пеколот нема да ја надвладеат“. Денес е торжеството на Православието, прва недела од Велигденскиот свет пост, во која ја славиме победата над сите ереси со кои Црквата со векови беше камшикувана, но секогаш, со Божја помош, излегувала како победник. Не малку погрешни учења и етоси ја потресуваат Црквата и денес, но сето тоа за неа е веќе видено и надминато, бидејќи сите тие кривоверија корен влечат од древните ереси за кои денеска се потсетивме преку читањето на т.н. Синодикон на Православието, во кој се обелоденуваат сите ереси, секти, заблудени философии, човечки мудрувања, а се прославува и пофалува правоверието и правилниот неизвалкан црковен етос преку носителите и предводниците и на едното и на другото. Навистина, денеска е денот кога се празнува триумфот на правата вера, вечниот оган на Божествената истина што гори во срцата на верниците, расветлувајќи го патот кон спасение и осветлувајќи ги душите со непроценливата светлина на Христовата мудрост.
Во нашата Свештена Бигорска Обител по отслуженото бдение и Света Литургија на кои претстоеше нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, се изврши и традиционалната литија со светите икони, бидејќи историски овој празник е востановен по враќањето на светите икони во храмовите и домовите, по повеќедецениското свирепо Иконоборство. По свештениот опход, Старецот со својот торжествен глас го прочита Синодиконот на Православието, со што нѐ потсети на хероите на верата и на нивните бесмртни подвизи за чистота и вистинитоста на христијанската вера.
И како што самиот тој во една прилика ќе каже, „Неделата на Православието не е само одбележување на победата над иконоборството, туку и потсетник на нашата задача да живееме во личносна заедница со Бога, во хармонија со луѓето и со сè што е создадено. Оти, верата не е статичен имот, туку динамично движение кон светоста, процес на непрекиното преумување и преобразба, каде што секој чекор напред е чекор поблиску до Бога. Нашата вера се мери со нашата способност да ја разбереме и споделиме Божјата љубов со светот околу нас, со нашата грижа за немоќните, осамените, тажните и занемарените, со нашата посветеност за заштита на Божјото творение. Православието не е просто една конфесионална припадност; тоа е начин на живеење. Неделата на Православието, пак, ни е еден погоден момент да си ја обновиме таа вера, чиста и најубава, во своите души и срца, и час во кој се потсетуваме на нашиот призив да бидеме светилници на добрината и љубовта во овој свет, следејќи го примерот на благословените витези на верата наша со нашите постапки и слова“.