Недела на страшниот суд
,,Елате, благословени од Мојот Отец, наследете го Царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“ (Матеј 25, 34-36).
Месопусна недела. Го оставаме животинското месо од исхраната, да ги оставиме и животинските неразумни страсти и желби и со радост да потрчаме кон престојното боиште на постот, да запливаме во морето на подвигот, земајќи ги за оружје Крстот, Словото Божјо и молитвата.
Со Крстот да го распнеме нашиот стар човек што се распаѓа во лажните страсти; со Словото Божјо да престојуваме во Вистината; и преку молитвата да ги изгориме сите предлози на исконскиот богомрзец.
Си споменуваме за оној страшен час на последниот, неподмитлив и праведен Суд Божји, кога секој човек ќе застане да даде одговор за своите дела. О, каков момент! Кој не би затреперил и не би молел за милост од Единствениот безгрешен, но и милостив Судија. Секој човек ќе признае дека е грешен и дека милоста Божја го држи. Затоа да се отрезниме од пијанството на гревот и да повикаме кон Бога: Безгрешен Боже, згрешив, прости, помилуј и спаси ме!
Свештената Бигорска Обител на Чесниот Пророк, Претеча и Крстител Јован – проповедникот на покајанието – се подготвува за почеток на благословениот пат – четириесетдневното поприше на светиот велигденски пост, отслужувајќи Божествена Литургија тајноводена од старецот и игумен, Епископот г. Партениј Антаниски.
„Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!“ (2 Кор. 6,2) Никој да не ја пропушти шансата којашто Бог ни ја дава преку Црквата Своја, нудејќи ни ја Својата безгранична татковска прегратка во која се наоѓа крајот и исполнувањето на секоја човечка желба и копнеж, во која постои лек за секоја рана и болест и во која има неизмерна љубов и прошка. Да се удостоиме да го слушнеме најблагиот Христов глас: ,,Елате, благословени од Мојот Отец, наследете го Царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“ (Матеј 25, 34-36). Да го украсиме нашиот пост со вакви богоугодни дела, па со радост да излеземе пред Лицето на Воскреснатиот наш Спасител, Господ и Бог, Исус Христос. Само така ќе не препознае како Свои верни чеда и пријатели и ќе влеземе во вечната радост на невечерниот ден, во свадбената одаја на Младоженецот Христос, во Царството Небесно.