Недела на Свети Јован Лествичник: Искачување по лествицата на добродетелите

Неделата на светиот и божествен отец наш Јован Лествичник, духовен патеводител и сјаен ѕвездоносец на христијанското покајание, денес повторно го осветли просторот на нашата света Бигорска Обител, со благодатната светлина на неговото ангелско житие и со благословеното чиноначалствување на нашиот сакан Старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј.

Во храмот исполнет со многубројни богокопнежливи души, нашата Обител потона во молитви, благодарења и славословија на синоќешното повеќечасовно бдение и на денешната Божествената Литургија. Со мир и душевен трепет, верните чеда се собраа да Го прослават Бога и да Му се заблагодарат за дарот на покајанието, за силата на Крстот и за надежта во Воскресението.

Како и секоја година, така и денес, Црквата Божја го чествува Свети Јован како жив сведок на патот што води од земното кон небесното, од мракот на страстите кон светлината на добродетелите. Во неговото бесмртно дело „Лествица“, составено од триесет скалила, Преподобниот ни го предочува духовниот подвиг како искачување – искачување од покајание кон смирение, од воздржание кон љубов, од молитва кон созерцание.

Во својата беседа, пак, нашиот Старец г. Партениј потсети на важноста на денешното евангелско четиво – исцелението на бесомачното момче (Мк. 9,17–31) – каде што Господ, откако ја испитува верата на таткото, го нагласува вистинскиот клуч за победа над демонската сила: „Овој род се истерува само со пост и молитва“. Постот и молитвата, како две крила на духовниот човек, не треба да се празни формалности во животот на Христијаните, туку израз на љубовта кон Бога, на одрекување од својата волја и себепредавање на Божјата промисла со доверба. Тие се нашето оружје во борбата со духовното ропство, нашата сила во време на борба, нашата лествица кон Царството.

Старецот во своето слово ја истакна и родителската одговорност во спасението на децата, поттикнувајќи ги сите верни родители да го живеат Евангелието не само за себе, туку и за своите рожби. И како таткото од Евангелието, кој низ солзи извика: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“, и ние да пристапиме со скрушеност, но и со доверба, знаејќи дека Бог никогаш не ја одбива искрената вера.

Во духот на Преподобниот Јован Лествичник, кого го нарекуваме „пофалба на подвижниците“, и ние денес сме повикани да ја прифатиме духовната борба не како тежина, туку како љубовен одѕив на повикот Божји. Оти „ништо не треба да претпочитаме пред љубовта Негова“, пее Црквата.

Нека и оваа четврта недела од Постот ни биде поттик и надеж, дека преку покајание и смирение, со подвиг и трпение, ќе можеме да се искачиме по Јовановата лествица, зашто на нејзиниот крај нè чекаат Крстот и Воскресението, прегратката на Христа, на нашиот вечен Лекар и Спасител.

Преподобен оче, наставниче наш Јоване, моли Го Христа Бога за нас!