Покајанието и смирението ни ја откриваат Христовата убавина

Просветлена од Мајката на незаодната Светлина, од мракот на страстите си се ослободила. Затоа, откако влезе во духовната благодат, просветли ги, Марие, оние што верно те слават.

(Од Покајниот канон на св. Андреј Критски)

 

Полека молитвено се движиме низ спасоносната пустина на Великата Четириесетница. Поголемиот дел од патот е веќе зад нас, еве сме среде петтата седмица, гледајќи како таму во далечината сѐ повеќе се наѕира високо издигнатата Голготска гора, и мракот сѐ посилно го пронижуваат воскресните зраци. Наеднаш пред нас се исправа еден чудесен лик, лик на една од аскетски подвизи исцрпена жена, која сепак, зрачи со внатрешната убавина на својата низ борби и искушенија облагодатена душа. Светата Марија Египетска – големата подвижничка и неповторлив пример за покајание. Не случајно светата Црква ни ја поставила овде, предавајќи ни го како пример за подражавање нејзиното свето житие. Кога таа можела, Христа ради, да се обрати од нејзиниот грешен живот и да помине полни 47 години во најстрог пост во пустината отаде Јордан, можеме и ние, Христијаните, да се потрудиме, од љубов кон Христа, да се одвратиме од грешните навики и ревносно да принесеме покајание, поминувајќи ги со подвиг на воздржание и љубов кон ближните, овие 47 дена среде благословената пустина на Великиот Пост.

Со голем восхит пред неискажливиот подвиг на една навидум слаба а сепак во покајанието ненадмината жена, нашите монашки обители силно ја прегрнаа можноста на оваа  благодатна сеноќна богослужба да го следат примерот на преподобната Марија и да ги измијат со покајни солзи своите души, ранети од болеста на гревот. Во ноќната тишина, трогнати од вешто составените стихови на Покајниот канон, каде престапите на праотците стануваат праобраз на страстите што го мачат човекот, секој од нас си наоѓа во себе некаков одраз, некаков дел од сеопштата историска панорама, во која е предадена историјата на човечкиот грев и на човечката праведност. Така беззаконијата на старозаветните злодеи, стануваат слика на нашата огревовена душа: Кому си се уподобила, душо многугрешна? На првиот Каин и на оној Ламех? Ти која го каменува телото со лоши дела и го уби умот со неразумни желби. Но тука се и праведниците, чиј што пример сме повикани да го подражаваме: Душо бедна и неопитна, умот на праведниот и невин Јосиф подражавај го и со безумни желби не осквернувај се, секогаш во грев живеејќи. Неусетно стиховите нѐводат кон средба со благиот Христос, Кој за душата е единствениот пат на спасение: Крвта од Твоите ребра да ми биде и купел и напиток, кој ја точи водата на проштавањето, та двојно да се очистам…  А житието на Светата Марија Египетска, кое толку умилно беше прочитано од нашиот возљубен Старец, архимандрит Партениј и кое толку силно го буди во грев заспаното срце, во нас раѓа и надеж дека милостивиот Бог нема да го презре нашето макар и мало покајание, и подобно на неа, ќе не издигне од нечистотијата на нашите беззаконија, дарувајќи ни ја рајската убавина на својата брачна одаја.

Нека преподобната ги прими нашите скромни молитви што оваа ноќ и ги принесовме и нека ги принесе пред Престолот Божји, умножени со своето моќно застапништво, па да ни даде ревност да ја подражаваме во нејзиното покајание, за да бидеме удостоени макар и со делче од нејзината небесна радост.