Благодарност за небесната Војвотка

Радуј се, Пренепорочна, која Го роди Патот на животот и која го спаси светот од гревовниот потоп! Радуј се, Богоневесто, која со страв ги прими зборовите Божји! Радуј се, живеалиште на Господарот на созданието!

 

Веќе илјада лета овој празник ја собира Црквата на заедничка пофалба кон Небесната Царица, фалејќи ја во радостите, заради бројните нејзини чудеса и милост кон човечкиот род, и уште повеќе во жалостите, знаејќи дека подобра застапничка пред Бога немаме, од оваа наша нежна и сожалива Мајка, Која смело стои за нас пред Бога како пред свој Син. Навистина, друг пат за наше спасение нема, освен преку неа. Како што и Самиот Бог преку неа дојде на земјата, така и секој човек стасува до Бога единствено преку неа – Мајката на светот, Пресветата, Пречиста и Преблагословена Богородица. И тоа е сведоштво на сите Светии, целата Небесна Црква. Како што вели преподобниот Силуан Атонски: „Да не беше Мајката Божја ќе погинев во гревовите свои“.

Затоа за нас, земните, нема поубав дар и подостојна служба од тоа непрестајно да ѝ принесуваме пофалба заедно со нејзиниот Син. А кога во таа пофалба ќе се слеат многу усти, срца и души, тогаш Бог ја вселува во нив својата радост, мир и слатка утеха. А има ли подобра утеха од недостижната тајна на нашето спасение, дека Христос е Син на Бога Живиот, и дека Пречистата Дева е навистина Богородица. Блажени сме ние, знаејќи дека Господ Семоќниот и Сесилниот, и Неговата полна со љубов Мајка, никогаш не отстапуваат од нас.

Љубовта кон Богомајката што како силен факел гори во секое монашко срце, ги собра браќата и сестрите и присутните гости во Светата Бигорска обител на последната Акатистна пофалба, на која се изнесува целата полнота на моќните акатистни стихови и умилниот Благодарствен канон, што црковниот поет ги составил за достојно да ја прослави оваа Небесна Лествица која води во вечен живот. Принесувајќи ѝ ги, заедно со нив, и нашите скромни благодарни молитви, нашата несовршена љубов и неизмерна почит, примивме неспоредливо повеќе отколку што дадовме,  се насладивме од преобилната благодат што Господ по благоволението на Својата Мајка ја излеа врз нас.

Нека Преблагословената Мајка го простре својот омофор врз нашата Татковина, и целиот род на православните, а на Црквата да ѝ го дарува посакуваниот мир и единство во Светиот Дух!