Бисерни насмевки и небесна радост од посетата на младите бисерчиња во Бигорски и Рајчица

Денеска Свештената Бигорска Обител беше домаќин на еден прекрасен состав од млади дечиња од Охрид, кои со голема побожност, придружувани од нивните родители и раководители, го посетија овој манастир посветен на големиот и славен Пророк и Претеча Господов, светиот Јован Крстител.

Имено, се работи за дечињата кои се дел од Ансамблот „Бисери“ при Дом на култура „Григор Прличев“ од Охрид[1], кои дојдоа во нашиот манастир со цел пред игуменот и архимандрит Партениј, да ја отпеат првата детска велигденска песна чиј што автор на текст, музика и аранжман е г-ѓа Татијана Тренеска од Охрид – уметнички раководител на Ансамблот. Г-ѓа Татијана, уште пред неколку месеци побара благослов од нашиот Старец за да создаде вакво дело, а тој со голема радост ѝ ја изрази искрената поддршка, поткрепувајќи ја со своите топли молитви. Токму поради тоа, оваа велигденска песна што денеска толку весело прозвучи во манастирскиот синадикон на Бигорскиот манастир, потсетувајќи нѐ сите на атмосферата за самиот празник над празниците, Воскресението Христово, за првпат беше изведена пред него. Силно воочлива беше неговата огромна радост, а срдечната љубов кон овие млади и ревносни деца ја изрази штедро благословувајќи ги и канејќи ги да бидат дел од Велигденската прослава во Бигорскиот манастир. Меѓу другото, тој им подари и сликовници „Историјата на мојата црква“, и „Благовештение на Пресвета Богородица“ што е всушност, најновата публикација за деца од едицијата „Празниците на Православието, во издание на Бигорскиот манастир.

Радосните и распеани бисерчиња потоа го посетија и манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица. Заедно со сестринството, покрај радоста и песната, споделија и вкусен оброк.


[1] Ансамблот Бисери од пред една година е раководен од г-ѓа Татијана Тренеска, која важи за личност што неуморно твори прекрасни традиционални изведби. Ансамблот постои од 1975 година, а после подолга пауза од четири години, истиот е возобновен пред една година. Во рамките на Ансамблот постои и хор Весели бисерчиња, како и оркестар и повозрасни групи кои трудољубиво работат со цел да ја зачуваат нашата богата фолклорна традиција.