Покровот на Пречистата во Пречистанската Свештена Обител

Колку се возвишени делата на верата! Во време-просторот на Црквата, во тој чудесен кораб на спасението, кој сите ги повикува и во кого за секој има место, сите се сродуваат и стануваат едно семејство, еден род, едно стадо и еден Пастир. Личносното заедничарење во љубов со Бога, ангелите и луѓето, ги полни срцата со радост, благодарност и песна.

Нашата вистинска Мајка, Мајката на родот човечки, на родот христијански и особено на родот монашки, денес, за чијшто чудесен и спасителен Покров си спомнуваме, свештено и набожно беше прославена и воспеана во нашите монашки убежишта: Бигорски, Рајчица и пред сѐ, во нејзиниот Манастир над Кичево. Таму присуствуваше и богослужеше нашиот возљубен старец, Епископот Антаниски г. Партениј, а во чест на празникот, од Рајчица пристигнаа и моштите на Преподобниот Јован Кукузел, псалтот и химнограф, небесна слаткопојна птица, кој заедно со Преподобниот Роман Слаткопевец, Богородичниот песнописец, и со Светиот Апостол Ананија, преку кого прогледа и се крсти Божествениот Павле, се слават денес заедно со Покровителката на човечкиот род.

Богородичниот Покров, преполн со благодат и мајчинска топлина, ги осени на овој особен ден присутните верни, кои се собраа за со љубов да го прослават овој радосен празник. А од страна на нашиот мил старец и Епископ г. Партениј, беше изговорена беседа, налик на една градина богата со миризливи и разнобојни цвеќиња на мудрост и просвештение, за жедните богокопнежливи души:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Собрани сме, мили мои, во овој сечесен и великолепен храм од љубовта најсилна, мајчинска, од љубовта на Онаа Која ни ја донесе на свет врховната Љубов – Словото Божјо, нашиот Господ Исус Христос. Собрани сме, значи, за со благодарствени песни и моленија да го прославиме празникот на Пресветата Богородица наречен Покров, кој настанал после едно чудесно видение што го имал блажениот Андреј Јуродив во Константинопол, во познатата и славна Богородична црква Влахерна.

Имено, во време кога православниот народ бил притеснет од опасности, од наезди на туѓинци, меѓусебни војни и смртоносни болести, многуброен верен народ, по повеление на светиот Цариградски патријарх, се собирал во царскиот храм на Царицата на Ангелите – Влахерна, за да ги принесе своите покајнички воздишки и да се моли за мир и благосостојба. За време на едно од сеноќните бденија, поточно на 1 октомври 911 година, Преподобниот Андреј имал небесно откровение: горе во височините над народот ја здогледал Царицата небесна, облечена во раскошна царска порфира, со неискажлив блесок, придружува од Свети Јован Богослов и други апостоли, од мноштво светители, маченици и ангели. Таа заштитнички го простирала својот омофор врз насобраните верници, молејќи се со солзи и на колена за нивното спасение. Воодушевен од видението, тој го прашал својот ученик дали и тој го гледал истото. Светиот Епифаниј му одговорил: „Гледам, отче свети, и се ужаснувам!“ Така, и двајцата продолжиле да ја слават и да ѝ благодарат на Пресветата, Која со мајчинска љубов го покрива и го штити својот народ. Потем, на крајот од богослужбата, блажениот Андреј им раскажал на сите за големото чудо на милоста на Богородица и со тоа ги охрабрил да не се плашат, бидејќи Царицата ќе го избави својот град и својот народ од опасностите. Така и било.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Нешто слично, односно вакви ненадејни избавувања од големи беди по застапништвото на Пресвета Богородица, станувале многупати во историјата, а се случуваат и денес. Ова важи за општи опасности и беди, но и за лични искушенија. Колкупати само, кога сме биле во некое силно притеснение, Непорочната нè покривала и заштитувала со омофорот на љубовта своја?! Всушност, Таа постојано нè покрива со својата мајчинска љубов, чие олицетворение на симболичен начин му било покажано на Свети Андреј како омофор, распространет врз народот. Тоа значи дека љубовта на Мајката Божја е таа што секогаш нè покрива во нашите гревови, тегоби, опасности и искушенија. Љубовта покрива многу гревови – вели апостолот Петар (1. Петр. 4,8). А поголемо и посилно нешто од љубовта на Христовата Родителка нема. Таа прва стана жив храм на живиот Бог. Преку неа Синот и Словото Божјо слезе за Земјата и стана еден од нас, за да нè направи подобни на Себе по благодат. Таа е Христовата облека со која ние се облекуваме, та да можеме да седнеме со Бога на трпеза во Царството небесно. Таа е небесната манна преку која Бог нè храни со Својата Божественост. Таа е нашата најголема Светиња.

Во извадокот од Апостолот што се читаше пред малку, чувме опис на старозаветниот храм. Впрочем, ова апостолско четиво редовно се чита на скоро сите Богородични празници. Можеби некој ќе помисли каква врска има тоа со Богородица, бидејќи во него станува збор за старозаветната скинија, односно за тоа како било устроено и уредено тогашното светилиште. Меѓутоа, токму тука лежи големата симболика и врската со Пресветата наша Богородица, затоа што Таа е, всушност, совршената скинија Божја, преку Која секој богопредан човек станува храм Христов.

Поимот ‘храм Божји’ бездруго има своја хронологија и градација во свештената историја. Најнапред, Господ му беше заповедал на Мојсеј да сотвори подвижен храм, т.е. скинија – сеница од платништа и штици: Да Ми направите светилиште, од каде што ќе ви се јавувам вам. Сè направете како што ќе ти покажам Јас на планината: и образецот на скинијата, и образецот на сите предмети во неа – така да направите (Исход 25,8). Додека старозаветниот Израил минувал низ пустината четириесет години, каде и да одел, секаде со себе ја носел и таа свештена скинија, во која свето бил чуван Ковчегот на заветот и други светињи. Овој подвижен храм бил донесен и во светиот град Ерусалим, кој станал престолнина на избраниот народ во времето на светиот пророк и цар Давид. Во негово време градот бил утврден со ѕидини и украсен со кули и палати. Тогаш богољубивиот цар си помислил во себе: Јас живеам во раскошни градби, изѕидани од кедар и камен, а зарем Бог да живее во шатор?! Така тој посакал да подигне величествен дом каде непрестајно ќе се слави името Божјо и насобрал сè што било потребно за неговото градење. Меѓутоа, како што читаме од Светото Писмо, Бог му рекол на Давида дека не тој, ами потомството негово ќе го доврши храмот: Јас ќе го воздигнам по тебе твоето семе што ќе произлезе од твоите бедра и ќе го зацврстам царството негово. Тоа ќе изгради дом на името Мое (2. Сам. 7,12-13). И навистина така и би: царот Соломон го изградил познатиот величествен ерусалимски храм на единствениот вистински Бог Саваот: Јас бев издигнат на местото на таткото мој Давид и седнав на престолот Израилев, како што рече Господ, и изградив храм во чест на името Господово, Израиловиот Бог (1. Цар. 8,20). Она што е интересно да се напомене е фактот што и во првиот, подвижниот храм во скинијата, а и во вториот, ѕиданиот храм, доаѓал Бог во вид на светол облак и го озарувал тоа свето место: А кога Мојсеј влегуваше во скинијата, се спушташе столб од облак и се задржуваше пред вратата на скинијата, додека Господ зборуваше со Мојсеј (Исход 33,9). Исто и за Соломоновиот храм: Кога свештениците излегоа од светилиштето, облак го исполни домот Господов… светлината Господова го исполни храмот Господов (1. Цар. 8,10-11). Со еден збор, славата Божја пребивала во храмот, сè додека Синот Божји не се распна на Голгота, кога завесата од Светињата на Светињите се раскина на два дела. Тогаш славата Божја го напуштила храмот Ерусалимски и преминала во новозаветната Црква – не само во камените градби, ами, пред сè, во почитувачите и поклониците на вистинскиот Бог, во оние кои во себе го примаат Господа Исуса Христа преку соодветното причестување со телото и крвта Негови. Телото, пишува Светиот Апостол Павле, е за Господ, а Господ – за телотовашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ни е даден од Бога (1. Кор. 6:13,19).

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Првиот таков жив храм Христов бил, рековме, Царицата Богомајка. Овој одухотворен храм во себе целосно Го примил Бога, сместувајќи го Несместивиот и дарувајќи му Го на човештвото. Следствено, преку Богородица, денес секој човек има можност да биде спасен, да стане храм, живеалиште Божјо. Впрочем, Бог најмногу сака да живее во храмовите на нашите тела, односно да пребива во нашите срца. А за да Му ја исполниме на Христа таа најпосакувана желба, ја имаме како наша неуморна Спомагателка Пресветата Богомајка, која со денешниот празник ни покажува дека е секогаш тука за нас како чедољубива Мајка, покривајќи ги нашите многубројни слабости и поправајќи нè со својата охристовена љубов. Покровот на Пресвета Богородица ни дава право со слободоречие да ѝ се обраќаме на оваа најголема Мајка, секогаш кога сме во неволји и испитанија. Да ѝ речеме со смирение: „Мајко Пресвета, ние ги согледуваме своите многубројни слабости и ги признаваме и исповедаме своите недобројни гревови; понекогаш сме немоќни да опстоиме од нападите докрај, но Ти, како милозлива Мајка, тогаш кога сме во особена слабост, кога во себе не наоѓаме сили да се избориме со искушенијата и со злото во себе, дојди и помогни ни! Тебе Ти се предаваме сосема, не оставај нè, туку спаси нè“. Во својата грешност и понизност ќе кажам дека вака слично сум се молел уште во младоста. Ја кажував оваа молитва секогаш кога ги гледав своите слабости и сфаќав дека не можев да се изборам со нив. Затоа, кога ќе ме посетеше благодатта Божја; кога ќе го почувствував Бога во срцето свое, велев: „Господи, знам дека тоа што го посакувам кога сум паднат и слаб, не е добро, и затоа ми треба Твојата помош“. Исто така ѝ се молев и на Пречистата: „Мајко моја, во слабоста моја – тогаш ми требаш; кога јас, обземен од гревот, не ќе можам да ти се помолам, ти давам право тогаш самата да дејствуваш. Тогаш ми требаш најмногу, тогаш дојди и избави ме“. И Богородица навистина секогаш ми помагаше.

Па така, мили мои, не заборавајте ја Неа, бидејќи Таа е секогаш со нас, нè покрива со својот мајчински омофор. Ќе притекне, ќе нè избави, ќе нè заштити, ќе нè спаси, бидејќи е најголемата Мајка, Мајка на целиот свет. Да ја помолиме да го покрие со омофорот на својата љубов и денешниот свет, кој е особено смутен од тешки искушенија и има насушна потреба од покровот нејзин. Да испрати топлина и милост врз христијанскиот род, кој преживува голема духовна криза, та да се врати при Христа, при Евангелието Негово, за и светот да тргне по патеките Божји.

Амин!