Посета на Епископот г. Партениј со дел од рајчичкото сестринство кај Н. Б. Архиепископот г. г. Стефан

Со срдечна благодарност за архипастирскиот благослов и мудроста со кои беа овозможени историските сослуженија во Светата Земја, меѓу кои и во најголемата светиња на Сесветиот Гроб Христов, нашиот старец, Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со дел од сестринството на Рајчичкиот манастир „Св. Георгиј Победоносец“, го посети Неговото Блаженство Архиепископот г. г. Стефан, за да му подари еден скромен дар од светиот град Ерусалим – архиерејска панагија со ликот на нашиот Спасител, Господ Исус Христос.

На голема радост на Старецот и на нашето монашко семејство, Неговото Блаженство ја искористи оваа благословена можност да го собере во својата резиденција, под закрилата на Св. Георгиј Победоносец, речиси целото женско монаштво од епархијата, правејќи од оваа средба една срдечна и радосна монашка дружба со прекрасни споделени впечатоци од поклонението на Светите Места и благодатните богослуженија, кои со блескави букви се запишаа во историјата на нашата света Црква.