Празникот на Светите Рамноапостолни Кирил и Методиј во скитот над Битуше

Мистичната тишина на планината Крчин, облагородена од горската роса и од магловитата свежест, со молитвени химни и песнопенија ја отвори својата прегратка, за да го прими светлиот годишен спомен на божествените Кирил и Методиј – светлите апостоли меѓу Словените, кои го пренесоа насекаде Словото Божествено и Го вдомија Христа во безброен народ. Тие, чиишто нозе поминаа недобројни гори и долини благовестејќи мир; чијшто поглед беше завртен не кон полињата на славата, туку кон возвисите на духот, повторно го посетија нашето време преку молитвеното празнување во Бигорскиот скит посветен на нив над селото Битуше.

Во навечерието на споменот, кога сончевата светлина почнува да му отстапува место на молитвената задлабоченост, се одржа празнична Вечерна богослужба, на којашто молитвено претстоеше Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј – пастирот, чиешто срце е отворено како древен псалтир за восфаление Божјо и чијашто љубов кон Светите Браќа е неизбришливо впишана во ѕидовите на овој свештен скит.

И навистина, љубовта на Старецот кон светите Рамноапостоли не е само историско признание за нивното дело или интелектуален опис, туку лична благодатна врска, духовна сродност, жива лоза од истото корениште на Словото и на молитвата. Токму таа љубов го роди овој скит, кој како една мала Магнаура на ридот, сега сведочи за тоа дека и македонската земја може да биде повторно евангелска, апостолска.

Денес, на самиот ден на празникот, кога беше повторно воспевано духовното раѓање на народите во Христовото име, се отслужи Утрена и Божествена Литургија со којашто чиноначалствуваше владиката г. Партениј. Освен бигорските свештенослужители, на наша голема радост, во литургиското таинство сослужуваа и: благочестивиот свештеник о. Миле Ангелковски од Дебар и благоговејните презвитери Василиј и Михаил од Православната црква на Чешките земји и на Словачка, односно од благословената моравска земја, каде што некогаш учителствувале и проповедале Светите Учители. Тоа беше Евхаристија што непосредно ги поврзуваше земните со небесните. Преку неа повторно и повторно се откри смислата на подвигот на Светите Рамноапостоли: дека човекот станува светлина само кога е просветлен од Словото, дека културата станува корисна и спасителна само кога извира од Крстот.

Голем број верен народ се собра на ова молитвено торжество, меѓу кои и ктиторите на светиот храм – благочестивото семејство Џиковски од Скопје, чиишто молитви и љубов, заедно со оние на останатите спомагатели, веќе се длабоко вплетени во темелите на оваа светилиште, како живи камења во духовната зграда.

По Светата Литургија следуваше културно-уметничка програма, во која зборот, песната и духовната традиција се соединија во еден благодарствен израз кон светите Учители.

Свети Кириле и Методије, отци и просветители,
во време на заборав вие нè потсетувате на суштината.
Во време на метеж, ни подарувате тишина исполнета со Логос.
Молете се непрестајно за нас, да не отпаднеме од светлината што ни ја дарувавте!