Која земна уста и небесен ум не би пристапиле да ја восфалат славната невеста Христова, Преподобна наша мајка Параскева, чие нетлено тело и денес сведочи за нејзиниот големиот подвиг на крајно трпение во неволјите и девствена чистота, што смирено Му ги принесе на својот Младоженец!? Оти таа, како небесна птица задоена со слободата на духот, оставајќи сѐ овоземно, минливо и пропадливо, кон Него усрдно полетала и со сето свое младешко срце за Него се прилепила. Љубејќи Го својот Христос и заради Него страдајќи, над врагот кој постојано се бори против Бога и човечките души, вистинска победа извојувала, и откако од себе силно го оттурнала и поразила, на висината на добродетелите успешно застанала. Затоа и ден денес помош и сила од Сесилниот Бог ни испраќа, нажалени тешејќи, обесхрабрени храбрејќи, онеправдани радувајќи, болни лекувајќи, слаби крепејќи, осамени дружејќи, на праведни радувајќи се и за сите молејќи се, оти има срце милостиво, христоподобно, сострадателно, љубовно.
Токму нејзиниот незаборавлив спомен што во Дебар верно и свето се чува, го причини денешното литургиско торжество во Сечесниот Храм кој во нејзина чест е подигнат, собирајќи ги тука на благодарна молитва благоверните дебарчани и сите Христијани од крајов. Со срца преполни љубов и почит кон Преподобната, тие радосно се придружија на благодарењето на нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, кој го водеше ова таинство, проследен со служењето христољубивиот јереј Миле, што веќе толку години неуморно се труди на нивата Господова, на браќата јеромонаси и монаси, и со молитвениот удел на псалтите, монахињите и верните чеда. И како да не ѝ благодариме на нашата славна застапничка пред Бога, кога таа благоволи благодатно да присуствува во своето светилиште?! Тука беа и чесните мошти на Светата Преподобномаченица Параскева, коишто пристигнаа од домот на Пречистата во Кичево, и достојно цветно украсени, го закитија храмот и сите ги исполнија со благодат. Така, со едно срце и мисла собрани околу светата Трпеза, обединети во пофалбите и во смирените прозби кон Преподобната да не го остава во овие тешки мигови родот христијански, од неа примивме голем благослов и небесна награда, насладувајќи се од заедничката Чаша на Животот. Не послатка храна за душата беше и созерцателното слово на нашиот сакан Старец, кој вдахновено нè потсети сите дека светоста не е нешто недостижно, далечно и невозможно за денешните верни, туку е реална цел и заповед на Оној Кој рекол: Бидете совршени како што е Мојот Отец. Зборувајќи за таа реална цел што ја достигнале многу Светии Божји и денешната насекаде почитувана Света Параскева, тој умешно ни го доближи духот, ревноста и силата на прославените чеда Божји, чиј особено близок пријател им е самиот.