Кога ќе се изговори името на Пресветата Богородица, срцето трепери како да е погалено од тивка и светлозарна светлина. Во душата се раѓа мир, еднаков на оној мир што го чувствува детето кога се прилепува на градите од својата мајка. Секој Христијанин, секое чедо на Светата Црква, многупати ја искусил Богородичната прегратка и утехата што изобилно извира од неа. Таа е дар за верните, милостива Мајка што никого не остава без утеха и потрепа, туку сите што со доверба ѝ се обраќаат ги пресретнува со својот благ и мајчински поглед. Дури и најстрадалните, на кои светот често им ги затвора вратите и им ја одзема надежта, во Неа го наоѓаат своето последно, тивко прибежиште. Зашто во Нејзиното срце нема „туѓи“, туку сите сме прибрани како свои.
И токму затоа, нејзиното славно Успение е уште еден триумф над смртта. Физичката смрт немаше власт врз неа, туку таа заспа за веднаш потоа да полета кон својот Син и наш Бог, и да ја види Светлината на вечниот живот – онаа Светлина што ја носеше во својата пречиста утроба. Ете затоа Успението никогаш не го доживуваме како оставање. Не, Мајката не ги остава своите чеда. Богородица не замина за да нѐ напушти, туку за да ни стане уште поблиска, за да внимава на сите нас подеднакво и истовремено. Таа го отвори небото и ја претвори болката на разделбата во радост на заедничарењето. Затоа денес Црквата, исполнета со длабока надеж, едногласно ѝ принесува пофални и славословни химни, зашто таа на сите ни го покажа патот кон небесната Татковина.
Ова празнично славословие беше дотолку порадосно и возвишено, зашто оваа година, по првпат, сечесниот празник на Успението на Пресвета Богородица се прослави со сеноќно бдение токму во Пречистанската Обител – во нејзиниот величествен храм, каде што во изминатите години, со голема љубов и пожртвуваност, се создаваа духовни и практични услови за едно вакво раскошно молитвено торжество. И, навистина, му прилегаше на овој свештен простор да ѝ се принесе сеноќно светогорско бдение, што оваа година траеше цели тринаесет часа.
Огромниот број верни од сите возрасти што го исполнија храмот, со едно срце и една уста, и со синовска љубов кон Мајката на Животот ги пееја Успенските статии. Големиот, пак, број монаси, монахињи и свештенослужители, собрани околу својот старец, епископот Антаниски г. Партениј, од длабочините на своите срца излеваа топли прозби пред раскошниот Богородичен одар, тивко молејќи ја да испрати обилен благослов врз целиот свет. Посебен духовен раскош на бдението му дадоа монасите и членовите на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, кои пееја навистина неуморно и велелепно, достојно за Мајката Божја и за наслада на сите присутни.
Посебна духовна радост и умиление причини благодарственото обраќање на старешинката на манастирот Пречиста, монахињата Харитина, која, во име на целото сестринство, со особена почит му подари на нашиот Старец рачно изработен крст за благословување – како знак на благодарност и љубов за неговата несебична грижа и родителска љубов. Повод за овој уникатен и значаен дар беше првото големо торжествено светогорско бдение за празникот на Успението, отслужено токму во нивната Пречистанска Обител – едно духовно собитие кое претставува историски и благословен почеток за нова епоха од животот на овој Богородичен дом. Во своето срдечно, но достоинствено и смирено обраќање, сестра Харитина му ги упати на својот духовен отец следниве трогателни зборови:
Сакаме да искажеме благодарност, но истовремено и да побараме прошка од Богородица, што ниту заслуживме, ниту се потрудивме за оваа радост, за оваа Пасха, што нашата небесна Мајка ни ја подари!
A за сето ова да дојде до нас, требаше да почне од едно смирено срце, кое беше подготвено да се жртвува. Тоа татковско срце триесет години истрајно посвојува многу чеда, оставени и изгубени во суетата на овој свет. Мајката на сите нè најде преку својот верен слуга, нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој безусловно нè покрива, кој секојдневно нè прибира, нè обновува, нè очистува – и сето тоа со една желба: да не се лишиме од едната и вистинска Мајка!

Старецу наш, и од Вас бараме прошка за сè! Ве молиме да ни помогнете да издржиме до крај во борбата, та да ја искористиме дарувана и скапоцена слобода за послушност кон Божјата волја.
Благодариме, Старче, за примерот кој со Вашиот живот ни го давате! Вашата верност и љубов кон Богомајката, и близината со неа ни влева храброст и надеж!
Крстот на Вашиот живот, во сета своја убавина, нè прибира и задржува под Него, ни прави сенка во заморот, нè освежува од сонот, со својот блесок ни го држи погледот нагоре, нè сродува сите и испраќа радост до сите краишта на вселената!
А таквиот крст е тежок, но е украс на Црквата!
Примете, татко наш, еден симболичен спомен за ова прво сеноќно бдение во Обителта на Богомајката Пречиста на празникот на нејзиното преславно Успение – еден прекрасен и тежок крст со кој ќе нè благословувате од тука во вечноста!
Ис пола ети, Деспота!































