Настапи денот на Победоносецот храбар и вљубеникот Господов, Свети Георгиј славниот. Зборови не се доволни за пофалба на поборникот за вистинската и света вера, вера во Вистината, во Воскресението и во Животот наш, во највозљубениот Господ, Бог и Спасител Исус Христос. Го пофали и прослави Бога до крај и со сѐ, а сега Бог го прославува него и на Небото и на Земјата. Изобилни реки од чудеса, исцеленија, заштита и просветленија точи светилото на Црквата, неугасливиот факел на верата и исповедништвото, коњаникот обесмртен.
Кнежинскиот Манастир стана домаќин на денешната прослава во чест на Светиот Великомаченик Георгиј, на кого е посветен и под чија закрила опстојува. Мајка Софија, која особено се потруди за достојна прослава на споменот на Страстотерпецот, не можеше да ја сокрие радоста од пристигнувањето на светите и чесни мошти на Свети Георгиј од Рајчица, кои точеа благодат и го исполнуваа воздухот и душите; а особено од пристигнувањето на нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, врз кого почива секоја наша радост и по чии молитви сите ние се укрепуваме. Тој претстоеше на Светата и Божествена Литургија со што остави силен отпечаток на денешново славје. Всушност, вадејќи ни богатства од својата длабока духовна ризница, пастирски и татковски ги настави своите чеда, при што се покажа неговата свештена љубов и почит кон Светиот Великомаченик Георгиј, денешниот славеник.
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!
Денес, мили мои, сме озарени од блесокот на споменот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, во чест на преносот на моштите и обновувањето на неговиот преславен храм во Лида Палестинска, местото каде што тој со својата маченичка крв славно Го прославил својот Господ и бил овенчан од Него со Божествена слава. Еве, повеќе од илјада и седумстотини години неговиот спомен сјае во небесната и во земската Црква. Црквата го удостоила и со називот велик или голем Маченик, затоа што неговите страдања заради Христа, опишани во Житието, се навистина огромни и несфатливи. Но, исто така, Црквата го именува и како Победоносец, бидејќи безбројни се победите што тој им ги донел на Христијаните во духовните битки против злото и гревот, против страстите и егоизмот.
Општопознато е дека Светиот Георгиј бил воен трибун во римската војска. Започнал уште од мошне млади години, околу тринаесет, да се занимава со војничката професија, одликувајќи се со чесност и со ревност. Впрочем, тој бил воспитан во добродетелен живот уште во својот дом, бидејќи израснал во едно топло христијанско семејство. Меѓу другото, и неговиот татко пострадал маченички заради Христа. Мајка му продолжила да го воспитува во христијанските добродетели, така што Свети Георгиј израснал во еден доблестен, храбар и здраворазумен младич. Како таков, тој сериозно ја сфаќал својата работна должност кон Империјата и трудејќи се чесно во војничките работи, тој ѝ донел многу победи на римската војска. И не само тоа. Преку својот личен пример на добродетелен живот, бестрашност и слобода во Бога, тој допринел многумина од неговите совојници да ја прифатат христијанската вера и да се крстат. Проповедал, значи, и со збор и со дела.
Како римски военоначалник служел за време на императорот Диоклецијан, кој бил човек со деспотско однесување и жесток гонител на Христијаните. Во годината по Христа 303-та, Диоклецијан спровел суров бран на измачување и погубување на Христијани. И токму тогаш, во тоа најстрашно време кога многумина се плашеле, Светиот Георгиј се објавил себеси пред императорот за Христијанин, а кога овој му се заканил и накрај го подложил на ужасни измачувања, за ништо и со ништо не сакал да се откаже од животворното учење што го беше примил. Немало сила што можела да ја разниша неговата бескомпромисна вера во Христа. Едноставно, сите негови желби, сиот срдечен копнеж, целиот стремеж на неговиот внатрешен човек бил насочен кон Господа Исуса Христа. Да, како Христијанин, тој дотогаш совесно ја беше исполнувал својата војничка должност кон земскиот цар, но кога дошло на ред да се покаже неговата верноста и преданост кон небескиот Цар, за него не постел никаков сомнеж или колебање, за тоа кого би требало повеќе да го претпочита. Со еден збор, нему Христос му бил сè: исполнение на неговото срце и на сите негови желанија, Младоженец на неговата светла душа којашто копнеела по вечниот живот во Бога.
Следствено, станува јасно зошто Свети Георгиј, во време на најсилните клевети кон Христијаните и на жестоките гонења, не само што не се затскривал, со цел да си ја сочува високата позиција и честа што ги поседувал во општеството, туку напротив, уште поотворено и поупорно започнал да ја исповеда својата христијанска вера. Поради тоа, од императорот Диоклецијан најнапред бил примамуван со соблазнителни предлози и ветувања за да се откаже од Христа, а откако сите нив мудро ги отфрлил, бил подложен на неизречиви страданија и маки. Но Светиот Великомаченик храбро останувал на своето силно верување и исповедание. Накрај и животот свој го положил за верата Христова.
Од каде, мили мои, сета таа храброст и одлучност во овој млад воин Христов? Оттаму што тој Го поставил Христа над сѐ во својот живот. Се исполнил со Божествен ерос кон Христа и токму затоа бил даруван со необична духовна сила, та со радост да ги издржи тие стравотни измачувања. Примерот на Светиот Великомаченик Георгиј треба и нас да нѐ поттикне, за како Христијани сѐ во својот живот да гледаме преку призмата на Божјата вечност, преку Христа и во Христа. Само ако го живееме животот охристовено, ќе имаме право да се наречеме Христијани. Од Житието на Свети Георгиј читаме како кога го прашаа како се вика, тој одговорил: „Христијанин“. Не го кажал ни своето крстено име, туку она што за него беше најскапоцено и најважно – да се именува себеси со името на Христа. Со ова Победоносецот ни покажа колку голема одговорност имаме ние, носејќи го сесветото Христово име, и дека тоа не треба да биде само едно обично именување, туку и содржина на нашиот живот. „Светлината Христова ги просветлува сите“ – често пати ја повторува Црквата оваа синтагма. Значи ние сме тие кои сме повикани да бидеме светлина, според словата на нашиот Спасител, Кој ја упати таа порака, односно заповед кон учениците: Вие сте светлината на светот (Матеј 5,14).
Свети Георгиј и во најтешките маченија бил светлина. Подобно на него, и ние во нашите искушенија треба со радост и благодарност да си го носиме крстот, знаејќи дека на крајот доаѓа венецот од Христос и спасението. На крајот од маченичкиот подвиг на Свети Георгиј, откако претрпел бројни болки, ангел од небото слегол во темницата и го охрабрувал, за и натаму да биде мажествен, оти ќе биде овенчан од венцедателот Господ Исус Христос. Така и било. Свети Георгиј продолжил бестрашно и докрај да ја исповеда христијанската вера и најпосле неговата чесна глава била за Христа отсечена, за вечно да живее во Царството Небесно. И еве, како што кажавме, над илјада и седумстотини години тој се наоѓа во редот на најомилените светии во сиот христијански свет. Просто нема поголем град или село, а да нема храм посветен на овој велик и свет Маченик Христов.
Гледате ли каква сила доаѓа во човекот од верата во Христа? Обичен човек, а сепак да може да се стекне со чудесни Божествени особини и да стане Бог по благодат! Сите Светии на Црквата наша, светителите, мачениците, преподобните, праведните денес имаат голема сила и слобода во небесната Црква и затоа така ни помагаат нам овде, во земската. Тие со сите свои сили Го возљубиле Христа, Кој дава живот вечен. Оти, без Христа, мили мои, без верата во Него, ние сме буквално ништо. Ако не го насочиме својот живот, своите желби и копнежи, пред сè, кон Царството Небесно, ние навистина ќе бидеме живи мртовци. Секој паметен човек вака или онака доаѓа до овој заклучок. Ќе ви наведам еден пример што ме инспирираше деновиве. Некои урбани млади луѓе, кои милуваат да цртаат графити и да пишуваат пароли по ѕидовите на улица, на една место напишале: „Умираме на 18 години, а на 80 само нè погребуваат“. Воопшто не е далеку од вистината ова што го напишале. Зашто, бездруго, ако човек ја изгуби верата во Христа, во вечноста, во идеалите на животот во радост, тој навистина во овој живот станува само еден мртовец. За жал, очигледно е дека многумина во христијанскиот свет ја изгубиле оваа вера и затоа насекаде гледаме хаос. Братоубиствени војни, распад на моралните и етичките вредности, газење на сè што е свето – како, на пример, бракот и семејството кое е Црква во мало. Нема повеќе нормално и здраво живеење на човекот, Христијаните останале Христијани само на име, а не и според содржина. Не Го ставаме Христа над сè како денешниот наш славеник, Свети Георгиј Победоносец, кој целосно се охристовил и се здобил со голема сила, така што непрестајно твори чудеса и ни помага во нашите слабости. По неговите молитви да стекнеме и ние мажественост во верата и подвизите заради Христа, та да можеме и ние да сведочиме за верата на светлината, на благословот и на вистината.
Амин!