Духовна поткрепа на затворените во КПУ Затвор Скопје

Како продолжение на претходната Монашка проповед во КПД „Идризово“, на покана на директорот на установата Филип Андонов, како и останатите членови на управата, со одобрение на директорот на Управата за извршување на санкциите, почитуваниот г. Марјан Спасовски, а на наше особено задоволство, со благослов на нашиот игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, монасите од нашата света обител остварија уште една посета, овојпат во КПУ Затвор Скопје, во населбата Шуто Оризари.

По краткото запознавање, браќата им беседеа на затворениците за значењето на вистинската слобода во Христа, која Он ја плати со својата чесна Крв, како и за пронаоѓањето на вистинската своја личност и цел, преку покајанието. На крај, значителен број од слушателите на проповедта за Господовото Евангелие пристапија кон светата тајна исповед. За нивните духовни потреби, пак, на затворската библиотека беа подарени примероци од Новиот Завет, како и други душеполезни книги.

Со надеж дека оваа богоугодна соработка ќе продолжи и дополнително ќе се развива, во корист на нашите неволни браќа, се молиме на човекољубивиот Бог да биде милостив кон нив и кон нас и да ги посети со Својата благодат сите срца што жеднеат по Него. Амин.