Радувај се, зашто ти си Му престол на Царот. Радувај се, зашто Го носиш Носителот на сè. Радувај се, ѕвездо, на сонцето објавување. Радувај се, утробо, на божественото воплотување. Радувај се, Невесто неневестна!
Дојде време великопосната молитва што деновиве како покајни воздишки се откорнуваше од душата, да ја крунисаме со најубавата стиховна пофалба, упатена кон Онаа Која Бога ни Го роди и на луѓето патот кон спасението им го отвори – пресветата, пречистата, превоспеаната Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија. Додека од нашите благодарни срца излегуваат прекрасните химни, не можеме а да не си помислиме каква ли љубов за Неа носел во себе црковниот поет што толку синовски, со огромна љубов ги составил овие благодарствени стихови. И навистина, зарем би можеле да најдеме посоодветно време да ѝ упатуваме на Преблагодатната толку великолепни пофални слова, отколку овие свети денови на Великиот Пост, кога со целото свое битие ја чувствуваме близината Христова. Кој нè удостои со тоа блаженство ако не Таа, Благословената Богомајка? И како да не ѝ благодарат срцата наши, како да не плетат венец од пофалби, воскликнувајќи:
Радувај се, на целиот свет очистување. Радувај се, на Бога кон смртните благоволение. Радувај се, на смртните кон Бога дерзновение.
Да, таков беше овој прв Акатистен поздрав што во нашите монашки обители привлече многу верни учесници во соборната пофалба кон Дева. Душите на присутните, пак, во Претечевиот храм, длабоко го чувствува секој стих на восфаление што излегуваше од душата на нашиот сакан Старец, Епсокопот Антаниски г. Партениј. И како што се редеа пофалбите за Богоблагословената од неговите усни, така растеше напливот на умиление и солзно благодарење што сите ги вознесуваше нагоре. А Онаа на Која ѝ прилега секаква слава, ги позема овие наши умилни молитви и ги издигнува и Му ги принесува на својот Син како најубав дар, просејќи за нас благодатна поткрепа и сила за посниот подвиг. И кога таа не се уморува во посредувањето свое за нас, како ние да престанеме да ѝ упатуваме пофалби, како да го угаснеме копнежот во нашето срце за постојано славословење?! Оној кој на вистински начин се поврзал со својот најсакан Христос како со Младоженец, не може во срцето свое да не ја има Неговата света Мајка. Оти како може да го љубиме слаткиот грозд, а да не го почитуваме ластарот што ни го произведе тој плод? Како можеме да го бараме Царството, а да го заборавиме клучот што го отвора тоа Царство? Како да не ја опеваме Зората која го најавува најубавиот Ден, или живеалиштето кое во себе Го смести најдрагоцениот Гостин? Затоа денес разгорените од љубов монашки срца, на оваа прва акатистна пофалба кон Мајката на нашиот Бог, го преточија во зборовите од Акатистот сето она што им тлееше во душите во овие неколку претходни дена, сите најнежни чувства на бескрајна верност кон Небесната Царица и Нејзиниот Син:
Радувај се, лествице небесна, преку која Бог слезе. Радувај се, мосте што земните ги водиш на Небо. Радувај се, за ангелите многуговорено чудо. Радувај се, за демоните многуисплакана рано… Радувај се, го надминуваш знаењето на мудрите. Радувај се, ги просветлуваш мислите на верните. Радувај се, невесто неневестна.
Нека биде со нас во ова посно поприште, нека ги просветлува мислите наши, водејќи нè кон покајание, љубовно носење на ближните и нека ни биде учителка во усрдната молитва која ги очистува срцата и осветува душите! Амин.