Во благодатна и молитвена атмосфера, Манастирот Рајчица ја прослави својата слава, светлиот годишен спомен на светиот, славен и победоносен великомаченик Георгиј. Со духовна радост и со благодарствено трепетно чувство кон небесниот покровител на Рајчичкиот манастир, во навечерието на споменот беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на која со архијерејско достоинство и со молитвена задлабоченост претстоеше нашиот возљубен Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј.
Химните на љубов кон светиот Великомаченик и на верата во Христа Воскреснатиот одекнуваа во убавината на манастирскиот храм, каде што се собра множество верници, за да ја споделат радоста и благодарноста и да се насладуваат со духовните плодови на празникот. На крајот од Вечерната, светителољубивиот Старец со пастирска грижа и татковска ревност се обрати со пригодна беседа, потсетувајќи нè на примерот на Свети Георгиј како на патоказ кон Христовата љубов, заедништво и обожение.
На ова духовно торжество присуствуваа и претставници од локалната власт во Дебар, како и видни граѓани од градот, што уште еднаш сведочи за соработката и почитта што ја ужива Манастирот кај народот, без разлика на нивната верска и национална припадност.
Денеска, пак, во продолжение на славеничката радост, беше отслужена празнична Утрена, а потоа и Божествената Литургија, со која чиноначалствуваше Преосвештениот Антаниски г. Партениј, во сослужение со свештенослужителите од бигорското братство. Хорот „Митрополит Козма Пречистански“ со своето благозвучно пеење уште повеќе ја возвиши богослужбената радост. Присуството на многуброен народ, обединет во молитвата и во благодарноста кон светиот Победоносец, го засили благодатното присуство на Светиот на празникот. За тоа присуство говореше и Старецот во својата вдахновена проповед по читањето на Светото Евангелие.
По Литургијата следеше водосвет, како благослов за сите присутни и за самиот Манастир. Потоа, како израз на љубовта кон традицијата и како благодарност за празникот, беше приредена уметничка програма. Членовите на културно-уметничкото друштво „Илинден“ од Струга, облечени во народни носии, ја изразија својата радост преку изведби на македонски народни игри и песни, збогатувајќи ја празничната атмосфера.
Радосна беше оваа слава, исполнета со молитви, благодарности, духовна убавина и славословие кон Христа Воскреснатиот, преку чие име Светиот Георгиј ја извојува победата над злото и смртта. Да имаме секогаш пред очи таков пример, како што и самиот апостол Павле нè повикува да се угледуваме на оние кои преку вера и трпение ги наследуваат ветувањата (сп. Евр. 6,12).