Рождество Христово – Божик

Светата и светла ноќ на пресветлото Рождество Христово блесна во нашата Свештена Бигорска Обител со невечерната светлина од Витлеем и со неизречивата радост на Ангелите небески. Како и секоја година, ова возвишено таинство на Божјото воплотување и вочовечување беше прославено со молитвено радование и благодарење, како и со величествена литургиска убавина.

Празничната радост по вчерашната свечена Вечерна богослужба и Божествената Василиева Литургија, продолжи попладнето со традиционалната бадникова закуска, одржана во свечениот манастирски синодикон. Таму, собрани околу својот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, во братската љубов и трепетно очекување на Богомладенецот, монасите и гостите на манастирот ги пееја божикните каланди, коишто со радост ја пренесуваат спасителната вест за Раѓањето на Спасителот. Овие омилени народни песни, исполнети со длабока вера и поетска убавина, ги поврзаа срцата на сите присутни со атмосферата на онаа витлеемска ноќ од пред повеќе од две илјади години.

Следуваше сеноќното бдение – едно небоземно свештенотаинско искуство кое го престори бигорскиот храм во вистински Витлеем. Со величественото песнопение на браќата од бигорскиот хор и на браќата од хорот „Митрополит Козма Пречистански“, молитвите и химните, небесната радост се прелеа врз земјата, облевајќи ги срцата на сите присутни. Светлината од Христовото Раѓање ги осветлуваше не само иконите и фреските, ами и лицата на сите верни, додека радоста на Ангелите и Пастирите ги проникнуваше нивните души.

На сеноќното повеќечасовно бдение претстоеше нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. Со посебно божикно вдахновение, тој чиноначалствуваше со Божествената Евхаристија, принесувајќи ја бескрвната жртва пред олтарот на Бога небесниот, за спасение на сите и нас. Неговото тајноводство, исполнето со љубов и благодат, ги повика сите присутни на коренита духовна преобразба и соединение со Богомладенецот.

По завршувањето на литургиското торжество, Старецот со топло родителско срце им подели божикни пакетчиња на најмладите – што особено ги израдува чистите детски души и внесена дополнителна насмевка и светлина во оваа свештена ноќ.

Во ова светло празненство на Раѓањето на Господа, Му благодариме неизмерно на Бога за дарот на животот, за светлината и љубовта што ги донесе во светот. Божик е ново раѓање и за нас – остварување на призивот дека сме повикани да живееме како деца на незаодната Светлина.

Изгревот на изгревите, Кој денес ни засветли од Витлеем јудејски преку пречистата Дева Марија, да го озарува вашиот живот со незаодната светлина на Невечерниот Ден, и спокојот Негов што надминува надминува секој ум, да се насели во вашето срце.

Христос се роди!