Рождество Христово во Бигорски

О, ново таинство! О, прекрасно снисходење!  Суштиот станува битие; Несоздадениот се создава; Неопфатливиот станува достапен преку разумната душа, посредувајќи меѓу Божеството и грубата плот. Богатиот осиромашува, се понижува до плотта моја, за мене да ме збогати со Неговото Божество; Исполнетиот се испразнува, се празни за кратко во Својата слава, за мене да ме направи причесник на Неговата полнота. Какво богатство на добрина! Какво е ова таинство за мене! Го стекнав образот Божји и не го сочував и сега Он ја прима мојата плот за и образот да ми го спаси и плотта да ја направи бесмрттна. Он стапува во второ општење со нас, попрекрасно од првото, бидејќи тогаш ни го дарува подоброто, а сега го прима полошото; но тоа е побоголепно од првото, повозвишено за умот. (Св Григориј Богослов)

Навистина е необично и прекрасно таинството на оваа света ноќ, која во Бигорскиот манастир донесе на молитвено поклонение големо мнозинство на верни души што, подобно на тројцата Мудреци, пристигнаа од сите страни на земјава, привлечени од благодатниот призив на Црквата за учество во светото таинство на Рождеството. Овие ревносни поклоници на Богомладенецот најпрвин беа внесени во радоста на Божикното торжество, преку краткиот, но полн со вдахновение бадников настап на нашата драга пријателка Вера Милошевска од Љубојна и нејзините соработници, која со посебна љубов ги отпеа прекрасните Божикни каланди, вклучително и најновата во нејзина интерпретација „Христос се роди денес“.

Потоа на големо изненадување на нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, неговото верно чедо, Отец Бобан Митевски, по покана на нашето братство, ја искористи оваа богодарувана можност пред бројните чеда на Старецот да ја презентира првата книга со негови беседи, насловена како Бог се јави во тело, воскресна во слава, слевајќи ги своите впечатоци од книгата во едно прекрасно благодарствено обраќање до нашиот татко:

Високопреподобен оче свет, за секоја почит достоен игумене на оваа сечесна Претечева обител, г. Партениј,
Возљубени отци на Бигорскиот манастир, 
Возљубени сестри од синодиите при манастирите Рајчица, Пречиста и Кнежино,
Браќа и сестри во Христа, воплотеното Слово,

Од самиот момент кога бев почестен со ваквата прилика, да се обратам на овој свет ден пред ваков почитуван собор, почнав да  составувам разни концепти во мислите: како и со што да ви се обратам, како да кажам, што да кажам, па се пишуваа редовите во главата, па се бришеа… сѐ додека не си реков – зборувај за тоа што го гледаш, на што си сведок, што и самиот го чувствуваш и немој многу да должиш.

Љубовта е идентитетот на оваа свештена обител, на нејзиниот игумен и на браќата и на сестрите од метосите. Таа љубов, во Христа Родениот и Воскреснатиот, сите овде присутните, без исклучок, сме ја почувствувале и виделе, и ја чувствуваме и ја гледаме. И токму поради таа љубов сме собрани вечерва – за љубовта што нѐ приведе кон Христа и за љубовта на која толку силно, толку секогаш и секаде, толку од сѐ срце сакаме да ѝ се заблагодаруваме на разни начини, со големи и ситни нешта… Значи собрани сме за да објавиме една благодарност, еден благодарствен дар.

Отец,

Бев повикан вечерва да Ви го објавам дарот на Вашите деца, на монасите и монахињите, дарот со кој тие сакаат и да се заблагодарат за Вашата љубов и за Вашата жртва, но и со кој сакаат да го отворат прославувањето на јубилејот 1000 години од основањето на свештената Бигорска обител и 25-годишнината од Вашата монашка и свештеничка служба, како и 50-годишнината од Вашето раѓање по плот. 

Ете тие, и мои браќа и сестри, со кои заедно духовно се родивме од вас во Исуса Христа преку Евангелието (сп. 1. Кор. 4, 15), ми дадоа ваква животна привилегија, и затоа сум и радосен, а воедно и со трепет што изразува почит Ви обзнанувам дека излезе од печат Вашето прво авторско дело, книгата со Вашиот потпис: Бог се јави во тело – воскресна во слава.  

Не толку често се случува ова – личниот јубилеј да се поклопи со јубилејот на светињата во која духовно си се родил и за која животот си го посветил. И тоа, без да гледаме во сѐ нешто смисла, значи нешто, кажува нешто. Зборуваме за еден милениумски и еден личен јубилеј, за една милениумска и за една поединечна свештена историја, и двете и толку лични и толку заеднички, и наши и нечии, и минати и сегашни, истории со падови и подеми, со искушенија и победи, со распетија и воскресенија…

Книгата што е пред нас, само по обем е мала, а во сѐ друго е голема. Во неа се поместени десет беседи, од кои пет за Рождеството Христово и пет за Пасха, за Воскресение Христово. Рождественските се од периодот 2014-2018 година, а Воскресенските од 2015-2019 година.

Прво, зошто токму овие беседи? Воведничарот во ова дело, авторот на предисловието, доволно прецизно го сублимира одговорот во една реченица: ‘Празникот на Рождеството, како почеток на Евангелието, нѐ упатува на раѓањето на Бигорската обител, а Светата Пасха – на нејзиното севкупно воскресение, што таа го живее во годините на игуменувањето на старец Партениј’.

Второ, на каква критика ќе ги изложиме стилот и структурата на текстот? 

Несомнена и лесно согледлива е констатацијата дека проповедите се производ на духовничката дејност и на солидната богословска наобразба, на искуството на овој очевидец и служител на Словото (Лука 1,2).

Отец Партениј говори, би рекол, со леснотија и спонтаност, фиксирајќи се на одредена главна тема во една проповед, околу која го составува мозаикот. Така, на пример, читајќи ја книгата, со едно чувство на ексклузивност што ми го овозможија браќата и сестрите монаси, ги забележав следните главни теми, и тоа:

Во Божикните омилии: смирение / мир / вера, надеж и љубов / острастената човечка природа – обновена од Воплотеното Слово / обожение;

Во Пасхалните: Преобразување на светот преку сведоштво / преобразување и лично воскресение / за жедта по Бога / Воскресението Христово – постојана наша реалност и за совршената Христова љубов.

Сите теми се постојани актуелни, потребни и за почетниците и за тие што веќе напреднале во духовниот живот. Овие теми се и поттикнувачки и отрезнувачки, и те воведуваат и те утврдуваат.

Авторот на беседите настапува моќно, внесувајќи го читателот со силен вовед, кој најчесто е сублимат на чувството, на она духовно треперење произлезено од молитвата и расудувањето пред самиот празник. И така говори низ целиот текст, сигурно, со таа негова препознатлива љубовна доза на строгост, но истовремено и со длабока емотивност – чиниш како тука да ти зборува и да го слушаш тој толку познат мелодичен глас што говори во такт и во прецизни интервали, и те тера да слушаш, но истовремено и ти го активира умот да размислуваш. Главно, те успокојува.

А како зборува отец Партениј? Со срце и од срце. И самиот вели, цитирам: ‘ќе дадам целосна слобода на срцето мое, за самото тоа да ви се обрати’ или на друго место: ‘Како да ви зборувам и како би можел да ви ја објаснам радоста што сега ми гори во срцето?’ 

По текстот се познава дека повеќе се говори од веќе стекнатото знаење, без онаа непотребна моментална подготовка – пред самиот чин, туку со подготовката што е постојана, што е континуирана. Лесно се гледа дека авторот живее и со богословието и со преданието, зашто текстот е светопреданиски – светоотечки, се цитираат и светите отци и нивните расудувања и се говори и со теолошките претпоставки.

Ќе си го дадам тој простор, да завршам со една своја исповед, со едно чувство на благодарност и си едно барање и од своето, но и од името на сите присутните и на тие отсутните:

Отец,

Ви благодарам за тоа што нѐ научивте да љубиме и да пребиваме во послушанието,

за тоа што својот живот ни го посветивте и што нѐ направивте интерес на вашето секојдневие,

за тоа што ни помагате крстот свој да го носиме, правејќи го неретко и Ваш крст,

за тоа што се молите за  нас и ни служите,

за тоа што постојано Христа ни го сведочите,

за тоа што нѐ љубите.

Мили наши браќа и сестри – ви благодарам за оваа можност и, не земајте ми го следново за суета, туку како барање: чувајте го Старецот, овој дар од небото, заради самите себе и заради нас сите! Чувајте го како што впрочем и го чувате, со послушание и оддаденост, со добар подвиг и голема ревност, неотстапувајќи од заветите и исполнувајќи ги до совршенство.

На едно место и при една прилика, чинам поучувајќи за Новото Лето Господово, отецот ја заврши својата поука со зборовите на свети Василиј Велики: ‘Сите за еден, еден за сите’. И оваа максима е суштината и на вечерашново дело и на сите Бигорски дела и на овдешните Бигорци и на сите нас Бигорците во светот.

Отец, нека Ви се множат делата – и непишаните и пишаните. На многаја лета“.


Овај спонтан и прекрасно срочен благодарен излив на отец Бобан, кој со презентацијата всушност им даде израз на големата љубов и почит на сите бигорски чеда, го вдахнови нашиот Старец да ги ги сподели со нас своите созерцанија за празникот, што како чудесен духовен мозаик склопија едно навистина длабоко созерцателно слово за Светлината која денес дојде во светот:

Преподобни мои браќа и сестри монаси,
Мој возљубен отче Бобане,
Сакана наша Верче од прекрасниот музички состав Љубојна и драги нејзини соработници,
Најмили мои духовни чеда и гости, смирени поклоници на Витлеемскиот Богомладенец,

Морам на сите да ви признам дека до солзи ме трогна вашата љубов, со која ме опсипавте вечерва. Затекнат и поразен од неа, би сакал, најнапред, да им се заблагодарам на моите браќа монаси и сестри монахињи, што го составиле овој зборник на проповеди Бог се јави во тело, воскресна во слава, и одлучиле токму вечерва да го обзнанат. А особено им благодарам што како промотор го повикале моето многу возљубено духовно чедо, достојниот свештеник на нашиот добар Бог, отец Бобан Митевски.

Познато е дека зборовите имаат духовна сила. Па така, кога за некого ќе кажеме достоен, потребно е тоа навистина да е така. А за него овој збор несомнено доликува. Како духовен раководител, имам и приличен број духовни чеда свештеници, коишто претходно, пред да стапат во свештениот клир на Црквата, редовно доаѓаа кај мене, се исповедаа, духовно растеа. Меѓутоа, денес некои од нив многу ретко, или воопшто не доаѓаат. Со отец Бобан тоа не е случај. Тој сè уште редовно го посетува нашиот Манастир, го почитува преданието на Отците, се труди да живее светопреданиски. Нема пости да започнат, а тој да не се јави, да не побара благослов, да не дојде на исповед, како сите вас. Слава Му на Христа, имам и други духовни чеда свештеници, ревносни како него, благодарни, богољубиви. Но, вечерва зборувам конкретно за него, затоа што тој, на повик од моите собраќа, денешниов голем празник, го направи уште поголем и посебен за мене. Затоа што тој, како свештеник Христов, кој станал пастир и духовен татко на многу луѓе, секогаш ја сведочи Божествената љубов, што овде на земјата ни ја донесе денес воплотеното Слово Божјо.

Предвечното Слово на безвремениот Бог, собеспочетниот Син на беспочетниот Отец, дојде и го посети светот што го создал, оваа планета, оваа чудесна вселена, во една тивка ноќ.  И оттогаш, таа навидум вообичаена ноќ над дотогаш незнајното гратче Витлеем, стана најрадосната и за сите спасителна ноќ. Господ Исус Христос се спушти на земјата како светлина во мракот. Се сеќавате, на самиот почеток од Светото Писмо, каде се зборува за создавањето на светот, духовниот и материјалниот, од предвечниот Совет на Светата Троица, во првиот ден била создадена светлината: И рече Бог: „Нека биде светлина!“ И би светлина (Битие 1,3). Остава впечаток тоа што Бог ја привел светлината во битие уште пред да ги создаде сонцето, месечината и ѕвездите, како небесни тела кои лачат светлина. Со ова, Он сака да ни покаже дека светлината е токму Негово својство, Негов производ, јавување на Божјата присутност; со еден збор, дека Он е Светлина. Дури подоцна, во четвртиот ден од Божјото создавање, биле создадени небесните тела, за да раководат со светлината. Така, Бог, всушност, оставил пророштво дека некогаш, во една необична ноќ, на еден таинствен начин, Он Самиот ќе дојде на оваа планета како светлина и ќе ја озари ноќта на нашиот живот.

Зошто Бог ја избрал ноќта како време за Своето доаѓање на земјата? Тоа не е случајност. Имено, во ноќта секогаш се случуваат таинствени нешта. Во ноќните и темни часови, умот на човека најлесно се смирува, душевните сили се сосредоточуваат, се смирува внатрешноста, завладејува спокојството. Во ноќното доба ние највнимателно се обраќаме до Бога. Тоа е пракса докажана од Светите Отци; ноќното време е најпогодно за молитва. Уште, Бог се родил како светлина во ноќта, за да ни покаже дека дојде да го осветли нашиот духовен мрак, кого, за жал, самите ние си го предизвикавме. Ја избрал ноќта, за да ни посведочи дека Он, Кој по суштина е Светлина, ќе го осветлува патот на човештвото и за сите што ќе поверуваат во Него ќе нема темнина. Христос во Евангелието вели: Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот (Јован 8,12).

Дошол во тивка, безметежна ноќ, во бедна и студена пештера – живеалиште за животните, за да ни го остави Своето Божествено смирение како безвременски пример што треба да го следиме, како пат по кој се стигнува до Него. Погледнете што ни сведочи Евангелието: оние смирените и едноставни луѓе од таа Рождественска ноќ, кои искрено Го бараа во Своите срца и Му ги принесоа Нему како дар – ете, тие први се удостоиле да Му се поклонат и со свои очи да Го видат Спасението на светот, Надежта на народите. Тоа биле кротките и едноставни пастири, кои им се приклучиле на Ангелското славословие, смирените Мудреци богобаратели, незлобливиот Јосиф. Да одберел Бог некој славен, шумен и помпезен начин за да дојде на земјата, тогаш сигурно ќе Му се поклонеле и Ирод, и првосвештениците, и фарисеите. Ама не заради Него Самиот, заради Неговата добрина и љубов, туку заради суета и себељубие. Затоа Он дошол така тајно и скриено, за да можат да го препознаат само оние кои вистински Го бараат. Истото се случува и денес: оние кои вистински и во смирение Го бараат – Он ќе ги посети; ќе дојде во нив како што дошол во овој свет во таа таинствена Витлеемска ноќ пред две илјади години.

Да размислуваме вечерва за ова, да се препуштиме на едно молитвено созерцание за смирението и љубовта Христова. Него сега да Го повикаме во нашите срца, за Он да ја просветли нашата темнина и таа да стане успокојувачка светлина. Тоа е и целта на Неговото вочовечување. Он само бара од нас да Му го отстапиме сопственото срце за да може да живее во Него. Срцето човечко е Неговото најубаво и најпосакувано живелиште. Од него Он прави тврдина на радоста, мирот, убавината и благородството, на ангелската чистота. Попладнево, додека бев повлечен малку во својата ќелија, ми испратија фотографии и снимки од Бадниковите поворки во повеќе градови од нашата Татковина. Ја гледам Битола – Широк Сокак преполн со деца! Соборниот храм во Скопје – исто така, нема каде игла да фрлиш! Кичево, Куманово, Гевгелија… Секаде низ Македонија! И ги слушав тие детски ангелски души како со радост Му пеат на Бога: „Вечниот Бог слезе и во Дева се всели“. Не можев да се воздржам од наплив на емоции и започнав да плачам. Се помолив: „Господи, слушни ги овие Твои деца! Слушни ги гласовите на овие невини и чисти дечиња и дај им разум на возрасните, да не се мразат меѓу себе, да не ги уништуваат своите животи, да не ја упропастуваат повеќе оваа прекрасна планета, која Ти за сите нас ја создаде“. Вчера многу се растревожив кога еден брат ми покажа сателитска снимка од пожарите во Австралија. Огнот го оцртуваше целиот континент! Илјадници пожари, човечки жртви, катастрофа за животинскиот и растителен свет, небото во градовите целото црвено, пеколно – нешто многу страшно, апокалиптично! А сето тоа од каде? Од деструктивната дејност на човекот, кој воден од себељубието, се уништува најнапред себеси, а потоа и околината. Луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината – сведочи Спасителот (Јован 3,19). Човек што го вселил мракот во себе, станува негативен, деструктивен рушител. Бог не сака да бидеме такви. Затоа и се воплотил, мили мои. Што е, всушност, Божик? Вселувањето на Господ во срцата на луѓето. Слезе меѓу нас, стана човек, за да нè направи Негови роднини, браќа, сонаследници; да нè седне на Неговата Царска трпеза. Многумина од вас ме прашаа: „Отче, имам ли благослов да се причестам утре?“ Што значи тоа? Утрово што ни претстои, крајот од оваа бдениска ноќ, ќе заврши со Светата Трпеза, со Божествената Литургија. Со Тајната Вечера, на која Господ нè направи царски синови. Ете, тоа е вистински Божик. Затоа, да го прославуваме достоинствено, како некој кој е повикан на царска гозба. Ширете ја Неговата љубов, Неговата Светлина! Самите вие бидете светлина!

Отец Бобан убаво забележал – кога проповедам оставам моето срце да ви зборува. Она што Бог во моментот ќе ме просветли тоа и го кажувам. Затоа понекогаш и правам дигресии, но со љубов ви зборувам, сакам кажаното да влезе во вашите срца. Навистина, понекогаш и се подготвувам, читам, истражувам – впрочем, целокупниот наш живот треба да биде една подготовка, едно постојано богомислие. И по своите слабости понекогаш паѓам, многупати се расејувам, ама знам дека Христос е целта на мојот живот и Него сакам да Го радувам. Да се трудиме да Го радуваме Господа, Кој е непрестајно веселие на Ангелите. Вечерва на едни луѓе им кажав: ако сите ние што се нарекуваме со Христовото име сме вистински Христијани, целиот свет ќе стане христијански. Така што, секој од нас, поединечно, има голема одговорност. Од нас самите зависи колку нашето опкружување, нашето општество, нашата држава, овој свет, ќе бидат побезбедни и подобро заштитени од понекогаш суровиот господар на планетата. А кој е тој господар? Се разбира, човекот. Создавајќи го своето највозвишено Создание според Својот образ, Бог му го дал на човекот и дарот за господственост. Го поставил за цар на творението, сè му предал нему. Но, за жал, во овој наш заеднички дом – планетата Земја, не се покажуваме баш за некои добри домаќини и очигледно на сите ни треба поправка. Почнувајќи секој од себеси. Општо земено, далеку сме од тоа што го зборува Христос во Евангелието. Далеку сме од Христос на Евангелието. Си измислуваме некои свои христоси, според мерката на нашиот егоизам. За голема жал, има дури и епископи, владици, свештеници, Христијани, кои создаваат и проповедаат за некојси христос, кој не е опишан во Евангелието, кој не е Христос на љубовта. Некаков фарисејски христос. Деновиве читав проповед од еден епископ од соседна православна црква и просто се запрепастив. Во време кога светот е загрозен од тешки еколошки катастрофи, кога младината е наполно обезличена и дезориентирана, тој е заглавен некаде во Средниот век, зборува за некакви династии и задужбини, полагајќи преку нив право на власт врз одредени територии, спомнува некакви јурисдикции, омеѓувања. Се прашувам, за каков христос зборува овој владика? Христос кој е присутен само во некакви национал-романтичарски идеи? Но, вистинскиот Христос е без граници, Он е љубов. Затоа, мили мои, внимавајте и чувајте се од овие проповеди и од нивните проповедници. Вие самите, водени од љубовта, вникнете длабоко во Евангелието и сведочете за Христовата љубов во него.

Простете ми и од длабочината на срцето на сите ви посакувам радосно Рождество Христово! Уште еднаш благодарност до сите и добро бдение!“


Благодатно отварајќи си ги своите срца за светото неискажливо раѓање на Божественото Дете, што како неискажлива светлина го разбива мракот на гревот, присутните верни го преполнија бигорскиот храм и со молитвена усрдност и будност се препуштија на сладоста на божикните стихири, кои боголепно го претставуваа пред нивните очи чудото на Витлеемскиот настан, правејќи го Рождеството Христово една восхитувачка реалност и радост за секого од нив. Таа реалност ја вкусивме и преку небесната храна што оваа ноќ штедро им се нуди на сите – светото Тело и чесната Крв на нашиот Спасител и Господ Исус Христос, Кој за нас сега слегува од небото за и нас да нѐ издигне таму.

Христос се роди!