Бог, Кој почива на разумни престоли, денес на земјата свет престол си подготви; Оној што со мудрост ги утврди небесата, со Своето човекољубие духовно небо сочини, зашто од неполоден корен ни израсна сад живоносен – Својата Мајка. Господи, Кој си Бог на чудеса и надеж на безнадежните, слава Ти.
(Стихира од вечерната богослужба на празникот)
Ако Воплотувањето на Синот Божји беше изгрејсонце во мракот на земјата, тогаш Раѓањето на избраната Богородица и Божја невеста е зора на утрото што со првите зраци ја проби темната ноќ на човештвото, отворајќи ни го големиот дар на спасението и радосно објавувајќи му крај на неплодството на родот човечки! Бидејќи денес, Царицата на сите и Господарка на светот, од неплодна и исушена утроба блесна. Денес Црквата радосно го воспева и слави почетокот на нашето избавување, зашто се роди Мајката на благодатта и милоста. Денес се радуваме на една света рожба – плод на молитва, милост и добри дела, од светите родители Јоаким и Ана. Денес, паднатите во тешки гревови и очај, нека се утешат со надеж, бидејќи обновувањето на паднатите и надежта на безнадежните се роди на земјата. Навистина денес, семоќниот и штедар Бог го посети со неискажлива милост Своето создание и ги повика на радост царот Давид и сите славни предци што со многу солзи и плач, измолија од Бога благословен плод од утробата.
Го гледаме денес ова новородено дете и со благодарни срца се поклонуваме пред неискажливата љубов Божја и несфатливата мудрост на Света Троица. Неизмерно се радуваме зашто во тоа малечко чедо е скриена тајната претскажана од вековите, и исполнувањето на пророштвото, преку неа човекот се издигна до блескавата светлина на Престолот на Животот. Денес Адам Му ја понуди на Бога оваа родена бласкава ѕвезда која изгреа од молитви и солзи, од добрината и верноста на благословена стара возраст и беспрекорна чистота на брачната постела. Ова мило девојче што сега немо и без плач лежи во прегратките на Света Ана, ќе стане Посредничка за целото човештво. Лесна е како перо, а сепак поширока од небесата; во малечко и слабо тело, а сепак идно живеалиште и почивка на Небесниот Цар. Таа е храм на вечноста, бидејќи преку неа Самиот Бог се облече во човечка природа. Лулка на пречистото Јагне Божјо која во себе го подготви спасението на светот.
Со Нејзиното раѓање се исполни времето долгоочекувано; и со првите ноти од новозаветната мелодија на љубовта и спасението преку благодатта заврши тажната песна на Стариот Закон.
Секоја монашка молитва зрачи со љубов и сила оти извира од чисто и вљубено во Христа срце, но кога тоа срце треба да ја воспее и пофали Мајката на својот Жених, тогаш молитвата се претвора во бескрајна топлина и умиление. Слеана со усрдните молитвени воздишки на присутните верни во храмот, како разнобоен мирисен букет се издига кон небесата, кон нежните прегратки на Царицата и од Нејзините раце го симнува мајчинскиот благослов и закрила. Таква е нашата Мајка – штедро го излева над сите свои чеда благословот и благодатта на Нејзиниот Син. Затоа нашите монашки обители ликуваат сега, славејќи го Нејзиното свето рождество и низ умилни стихови го фалат надумниот Промислител Кој таинствено преку Неа го устрои нашето спасение.
Нека Мајката на Животот, Која денес се роди од неплодна утроба, го облагороди и направи плоден родот наш христијански и нека измоли сладок нектар на излеана прошка од небото за секоја страдна душа. Амин.