Славата на Бигорски – Раѓањето на најголемиот меѓу родените од жена

Исаиевиот глас пророчки, денес се исполни, со зачнувањето на Јована, најголемиот од пророците. Ете, вели, ќе го испратам Ангелот свој пред лицето твое, кој ќе ти го приготви патот твој. Овој воин на небесниот Цар, што потрча пред Него, навистина ги исправи патеките на нашиот Бог, човек по природа, но ангел по житие; зашто прегрнувајќи целосна чистота и смиреномудире, го имаше она што е според природата, го избегна она што е против природата, подвизувајќи се над природата. Него, сите верни, подражавајќи го во добродетели, да го замолиме да се застапува за нас, за да бидат спасени душите наши.“

Во богозарно духовно веселие и со изобилна благодарност кон Бога, Бигорската свештена обител изминатото ноќоденство го прослави својот небесен покровител и духовен војвода и патеводител, чесниот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов, свети Јован, чијшто серадосен празник, неговото чудесно Раѓање, со векови е слава и пофалба на ова негово древно светилиште.

Раѓањето на Претечата, со право, е еден од најголемите настани во историјата на спасението. Тоа не е само еден биографски миг од необичниот живот на преславниот Крстител, туку преломна точка во времето, знак на преодот од сенката кон светлината, од Законот кон Благодатта, од очекувањето кон исполнувањето. Зачнувањето и раѓањето на свети Јован од неплодната Елисавета, според зборот на Архангелот, се сведоштво дека ништо не е невозможно за Бога и дека Божјото дело секогаш се раѓа во тишината на послушанието и во длабочината на смирението.

Токму тоа чудесно и севоспеано Раѓање го празнува денес нашата света Обител – со сите сили на својата душа, со љубовта на срцето, со трепетот на молитвата, со воскликот на славословието. Славата на манастирот – Иванден, за нас, населниците на Светијовановата тврдина, е нешто повеќе од празник; тоа е дихание на самата наша душа, благодарност за сите чуда и избавувања, за сите покајанија и воскресенија што се случиле овде, на ова осветено од солзи и подвиг место, посветено на оној кој иако човек по природа, натприродно живееше во пустината, за да им Го покаже Месијата Христос на опустените човечки срца.

И како што доликува за една манастирска Претечева слава, и оваа година торжеството започна со сеноќно бдение, исполнето со длабока побожност и духовен восторг. Навечерието на празникот, кога тишината на ноќта се претвора во псалмопоен пулс на вечноста, собра во домот на Чесниот Крстител многуброен благочестив народ – монаси, монахињи, свештенослужители, верници, поклоници – сите тие водени од жедта по молитвено заедничарење со земскиот ангел, човекот небесен. Во оваа славословна ноќ, во која богослужението се претвори во небоземна симфонија на молитвословија, химни и стихири, молитвеното претстојание со црковниот собор му припаѓаше на Старецот на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, кој со вдахновен спокој и со духовна проникливост ги возвишуваше нашите срца кон сечесниот лик на Претечата Господов, на „гласот што вика во пустината“, гласот што уште од мајчина утроба Го препозна Јагнето Божјо Кое доаѓаше за спасение на светот и Го проповедаше како светлина и радост на светот. Неговото молитвено стоење како пастир кој родителски го љуби својот народ, внесе топлина и тивка радост во душите – радост од присуството на оној кој го подготвува патот за Господа во срцето на секој што верува.

Утрово, пак, торжеството продолжи со Божествената Литургија, со којашто, исто така, тајноводеше нашиот возљубен Старец, принесувајќи ја најсветата Евхаристија како благодарност кон Бога за сите добрини и милости што преку Својот Претеча и Крстител ги излева врз оваа света Обител.

Во словото по Евангелието, Старецот зборуваше со особен жар и благодарност за Претечата, опишувајќи го како архетип на монаштвото, икона на подвигот, тишината и покајанието, мостот меѓу старото и новото, вдахновител на личното среќавање со Христа. Потсети дека свети Јован е повик не само на надворешен подвиг, туку на внатрешно обраќање, на враќање кон срцето, кон пустината во себе, каде што навистина се среќаваме со Бога.

Во ова празнично славје, целата Обител беше исполнета со внатрешна радост и тивко ликување, со оние солзи радосници што ги принесуваме не од емоција, туку од чувството на Божјо присуство. Бигорски светна во духовно велелепие, како некогаш Елисавета кога „се исполни со Дух Свети“, слушајќи го поздравот на Пресвета Богородица.

Нека ни биде за многу години овој благословен роденден и нека славниот Претеча го благословува ова свое илјадалетно светилиште и сите кои со вера и љубов притекнуваат во него! Нека ни го подготвува на сите патот за Господа во пустината на нашите срца!

Свети Јоване, Претечо и Крстителу Господов, моли Го Христа Бога за нас!