Празнуваме денес уште еден празник на Божјото смирение, кое му донесе спасение на родот човечки. Какво ли Божествено смирение покажува Создателот на целата вселена! Преблагиот Бог не се срамел да се облече Себеси во нашето паднато тело! Он не се засрамил ниту од плотското обрезание, но како „Творец на законот го исполни тоа што е според Законот“. Господ се смирил, примајќи страдално тело. Се смирил, земајќи образ на Младенче, бессилно пред луѓето. Се смирил, раѓајќи се во јасли на бессловесни животни и во земја туѓа. Се смирил, дозволувајќи да биде носен од раце старечки, Оној Кого на небесата Го опкружува ангелскиот собор. Се смирил, дозволувајќи да биде допрен и повиен во пелени од раце човечки, Оној Кој седи на Престол огнен и на Кого не смеат да гледаат херувимите и серафимите. Се смирил, примајќи плотско обрезание, подобно на грешниците, Оној Кој дојде да го уништи гревот човечки, потопувајќи се во Својата најскапоцена Крв. А бил обрезан во осмиот ден од Своето Раѓање, предобразувајќи го денот на вечноста, денот на вечниот покој во идниот век.
Со ноќно бдение и Божествена Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше нашиот возљубен старец и владика, Епископ г. Партениј, Бигорската Свештена Обител, заедно со сестринствата од Рајчица и Пречиста, ги одбележа овие два големи празника, Господовиот и светителскиот.
Овој прв ден од Новата световна Година, нека ни биде, чеда мои, ден за голема благодарност кон нашиот милостив Бог, кој ни подари уште една година во нашите сопствени животи, година којашто како и секоја друга, е благопријатно време за покајание. Да Му благодариме на Трисветиот Бог, но и да Го помолиме да ни прости, како благ и незлоблив, за сите недостатоци во нашиот духовен живот, за сите наши гревови и непослушанија со кои сме Го натажиле. Новата Година ни се дава како уште една можност за осветување, за духовен напредок. Затоа да се трудиме да не Го нажалуваме Бога ниту со нашите гревови, ниту со нашата немарност. Да Го помолиме Христа да нѐ просветли со Својата благодат, та да бидеме подобри христијани, исполнети со Неговата љубов, сведоци на Неговата светост. Нека ни е благословено на сите Новото лето Господово!
Епископ г. Партениј, Игумен Бигорски