Споменот на Свети Григориј Палама во болка и жалост, со повик за молитва и покајание

Празничниот спомен на Светиот Григориј Палама, проповедникот на Таворската светлина, во овој надумно трагичен ден за нашето општество, стана молитвен факел пред Бога за младите души што ненадејно го загубија својот земен живот и за сите оние кои, со болка и страв, се борат за својот здив во болничките кревети. Потресени од оваа незамислива трагедија, сите присутни во неговиот свет храм во Рајчица ги вознесоа своите смирени и трепетни прозби кон великиот светител, барајќи од него брзо застапништво, надеж и утеха за ранетите срца на многуте ожалостени семејства во нашата земја.

Нека Бог, во овие страдални мигови, го прими денешното молење кон Светиот Григориј Палама и нека излее исцелителна благодат врз младите луѓе што се борат за живот. Нека им испрати духовна и телесна крепкост, нека ги утеши нивните родители, браќа, сестри и ближни, а на оние кои трагично заминаа нека им подари вечен покој во Своите небесни дворови.

Зборувајќи за одговорноста што треба да ја има христијанската заедница во вакви моменти на колективна тага и страдање, нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, им се обрати на присутните со слово на утеха. Тој истакна дека секој од нас е повикан да ја усвои доблеста на пожртвуваноста кон ближниот, да стане светлина и поддршка за оние што се соочуваат со неизмерна болка. Во свет полн со неизвесности и опасности, кога злото демне насекаде, ние сме повикани да бидеме глас на љубовта, раце на милосрдието и срца отворени за тагата и страдањето на другите.