Денес победничката Црква, сè уште блескајќи со боите на Воскресението, низ сплет од прекрасни стихови шепоти тивко во нашите души за славното житие на онаа која заедно со својот богомудар син ја закити вселената со велелепни храмови, за во нив да ја одрази славата Божја. Навистина, кој нема да си спомне за тоа како една смирена царица и мајка, со огнена вера и љубов кон Бога, ја помина Светата Земја, чекорејќи таму каде што газеле нозете Христови и секое место кое сведочи за настан од Неговиот живот го запечати со раскошна црква. Дури се удостои со честа да го пронајде во земјата и да го подари на сите нас Христовото знамение за победата над смртта. Дело рамно на апостолите. Слава која до ден денес ја озарува земната и небесна Црква. Спомен за првите Ромејски императори, кои им подарија слобода на Христијаните. Спомен од кој ние, наследниците на нивното материјално и духовно завештание, постојано се напојуваме и црпиме вдахновение.
Оној кој ја посетил Светата Земја и ги видел трагите на некогашното големо благолепие што како полуразурнати темели и ѕидови сведочат за големата ревност на оваа славна наша вљубеничка во Бога, која ревнувала секаде да остави печат на таа своја небесна љубов, не може да не ја сака и почитува светата Царица Елена. Таа христољубива светителка, која уште одамна најде место во срцето на нашиот свет Старец и Владика, епископот Антаниски Партениј, со своето молитвено застапништво и духовно присуство го обележи целиот негов монашки подвиг, благословувајќи го за дело благочестиво и апостолско, одраз на нејзиното. Оваа посебна врска, несфатлива за духовно слепите, неусетно го водеше низ животот, помагајќи му да ги воскреснува разорените храмови, и оние материјалните, но уште повеќе, оние невидливите – човечките души и семејства.
Денес, монашкото светилиште на Победоносецот, смиреното сестринство и пристигнатите гости, се удостои уште еднаш да ја почувствува и види со своите духовни очи, духовната блискост на Старецот со Светата Рамноапостолна Елена и нејзиниот син, Цар Константин. Благодатната архиерејска Литургија што ја отслужи Епископ Партениј, ја откри во полн сјај взаемната љубов што ги поврзува духовно сродните, а нас, пак, неговите духовни рожби, нè удостои да ѕирнеме во тоа неискажливо таинство и уште повеќе да ги засакаме Светиот Константин и неговата мајка царица Елена.
Свети Рамноапостолни цареви Константин и Елена, кои ја украсивте Вселената со безброј храмови Божји, украсете ги и нашите души со вашата љубов за Христа, та да постанат тие живи храмови на живиот Бог!