Заедничкото за сите Светии е нивната целосна насоченост кон Христа, нивната заљубеност во вечно живиот Бог, нивниот самозаборав во освојувањето на вечноста преку подвигот на служење на ближниот, а преку него – на Бога. Денеска го славиме споменот на Светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон, заедно со Седумтемина рамноапостолни словенски Просветители, Светите Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј. Огромната полза од молитвеното застапништво, исцелителната помош и просветлувачкото дејство што постојано и богато ни се испраќа, нè задолжува со голема побожност и љубов да Го почитуваме Причинителот и Неговите синови по благодат и соработници, Светиите. Особена благодарност и љубов им должиме на нашите Просветители, бидејќи се ползуваме од нивниот подвиг и повикани сме да го подражаваме нивниот богољубив и пожртвуван нарав.
Светите словенски Просветители, иако го имале сето удопство на овој свет, сета мудрост од науките и од духовноста, сета ромејската возвишеност и префинетост на духот, сепак одлучиле да го земат на себе тешкиот подвиг, Христа ради, да ги евангелизираат, покрстат и цивилизираат тогаш варварските народи и од грабливи волци да ги направат кротки јагниња кои ќе цицаат од животворното млеко на Евангелието Христово, преку мајката Црква и да пораснат во Христа за вечен живот. Биле потполно свесни за тежината и жртвата што ја бара тоа дело, а го наѕираа и својот крај, но љубовта Христова ги гонеше да размислуваат за Началникот и Завршителот на верата – Исуса (сп. Евр.12,2).
Благодарствено спомнувајќи си за големото дело на љубовта на овие свети мажи, Бигорската Свештена Обител празнично го одбележа нивниот спомен, крунисувајќи го со Света Божествена архиерејска Евхаристија, која ја изврши нашиот старец и игумен, Епископот г. Партениј, достојно и праведно благодарејќи, воспевајќи и молејќи се за покров и заштита.