Кон крајот на деновите од благословениот престој на нашиот Старец Епископ г. Партениј заедно со неговата синодија од монаси, монахињи и групата млади на островот Имврос (Gökçeada, Турција), во навечерието од неделниот ден, последен од ова патување, бевме удостоени да присуствуваме и да се молиме на Воскресната вечерна богослужба во свештениот митрополитски храм „Успение на Пресвета Богородица“.
Пред почетокот на богослужението, Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил и Преосвештениот Епископ г. Партениј со свештенослужителите и монасите излегоа да ги пречекаат моштите од новоканонизираниот Преподобен и богоносен отец наш Гервасиј од Патра, коишто беа донесени и на Светата Митрополија на Имврос подарени од Високопреосвештениот Митрополит на Патра г. Хризостом. По свечениот и достоинствен пречек започна Вечерната богослужба на која претстоеше Митрополитот гостин, а на крајот Митрополитите г. Кирил како домаќин и г. Хризостом како гостин, се отпоздравија со пригодно и срдечно обраќање, во кое беше најавено и претстојното неделно литургиско собрание во присуство на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј.
Денеска, во сечесниот Митрополитски храм на Пресвета Богородица, молитвеното присуство на Сесветиот Патријарх Вселенски дополнително ја збогати Божествената Евхаристија со патријаршиски благослов. Со Светата Литургија чиноначалствуваше Митрополитот на Патра, г. Хрисостом, кому му сослужуваа свештенослужителите од неговата придружба, архимандритите Јоаким и Андреј, како и имвроски свештенослужители. На богослужението молитвено присуствуваше и нашиот возљубен Старец, Епископот г. Партениј, на кого од страна на Неговата Сесветост му беше укажана посебна чест. Имено, Вселенскиот Патријарх на нашиот Игумен му подари прекрасна икона од Пресветата Богородица со сребрен оков, копија на претставата на Мајката Божја Одигитрија којашто денес се чува во музејот Бенаки во Атина, со топли и искрени благослови.
На крајот од нашето патување, добросрдечниот наш домаќин, Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, уште еднаш му се заблагодари на нашиот Старец, за неговиот усрден труд да дојде на ова свето и древно ромејско место, заедно со своите монаси, монахињи и духовни чеда, и да ги збогати со своето присуство празничните настани во чест на Успението на Мајката Божја.