(Видео) Свет и Велик Понеделник

Денот што пред нас се открива го сведочи неискажливото снисходење на нашиот Господ. Денес, облечениот во Божество прифаќа да се облече во облеката на страдањата, за преку страдањата нас да нè избави. Тргнува да се распне на Крст и да вкуси смрт, за да го симне од нас товарот што со векови го носевме и од страшната смрт да нè спаси. Денес, Создателот на Адама, Кој доброволно го прими Адамовиот лик, прифаќа да ја положи Својата душа за неговото избавување. Гледа на нас, потомците на Адам, и нè сожалува; плаче над нашата природа, која безброј пати беше повикувана кон покајание. Гледа дека не успеваме, дека сами не можеме да се вратиме, иако патот го знаеме, оти тукушто ќе помислиме да си дојдеме на себе, пак се враќаме во гревот и страстите. Он гледа дека без Неговите страшни страдања не можеме да се искупиме, зашто Го отфрливме, се одрековме од Него, а Он, сепак, остана неизменлив во Својата љубов кон нас. И заради таа љубов, иако не наоѓа во нас плод, не престанува да гладува по нас и по нашето спасение. Он, Премилостивиот, ја положува Својата милозлива душа за нас, ни доаѓа повторно, и пак нè прегрнува, иако Го отфрливме.

Навистина, не беше возможно поинаку, освен Самиот да стане еден од нас, да ни го покаже Небото, за да можеме ние, земните, преку покајание да се издигнеме кон небесното. Не се гнаси Он од паднатата човечка природа. Не го презира оној што Самиот го повика во постоење. Не ги остава оние што безброј пати Го оставиле, туку упорствува да ги врати при Себе и да ги спаси.

И ете, во овој Свет и Велик Понеделник, со трепет пред неискажливата милост Божја, повторно го започнуваме патот кон Светиот Град, не со телото, туку со срцето и духот, сосредоточени во тајната на Страдањата Христови. Смирено, со сострадални мисли и покајнички воздишки, тргнуваме по стапките на Учителот, Кој ги водеше учениците Свои – не кон слава, туку кон Крст. Со Апостолите духовно чекориме кон Неговите последни часови, за да Го созерцуваме Оној Кој доброволно страдаше и да Го прославиме неизмерното Негово долготрпение, што го надминува секое човечко умување. Срцата се скрушуваат пред вдахновените слова и песнопенија, во кои го слушаме гласот на пророците, на праведниците, на Самата Вистина, која ги буди душите од духовниот сон.

И додека погледите се вперени во ликот на Младоженецот, во Тивкиот и Смирен наш Спасител, Кој тивко влегува во храмот на нашите срца, онака како што влегува и во храмот на Бигорската обител и во домот на Победоносецот, Го молиме: разбуди го во нас, Господи, копнежот по Тебе што заради слабостите наши го згаснавме, разбуди ја ревноста што исчезна, љубовта што се излади. Утврди нè во верата, за да не се поколебаме кога ќе застанеме пред Голгота; да стоиме таму, под Крстот, не како гледачи, туку како оние што Те познаа, Тебе Распнатиот. И потоа, со радост не е од овој свет, да го дочекаме блесокот на Празниот Гроб и победата на животот.

Одејќи Господ на доброволно страдање,
на Апостолите по патот им велеше:
 Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе се предаде,
 како што е напишано за Него.
 Затоа дојдете со очистени мисли,
 да отидеме со Него да се распнеме
 и заради Него да се умртвиме за животните наслади,
 та со Него и да оживееме и да Го слушнеме како вика:
 Повеќе не одам во земниот Ерусалим да страдам,
 туку одам при Мојот Отец и вашиот Отец,
 при Мојот Бог и вашиот Бог,
 и ќе ве издигнам со Себе во горниот Ерусалим,
 во Царството Небесно.

__________________________________

Грядый Господь к вольной страсти,
апостолом глаголаше на пути:
се восходим во Иерусалим,
и предастся Сын Человеческий,
якоже есть писано о Нем.
Приидите убо и мы, очищенными смыслы,
сшествуим Ему, и сраспнемся, и умертвимся Его ради житейским сластем,
да и оживем с Ним, и услышим вопиюща Его:
не ктому в земный Иерусалим, за еже страдати,
но восхожду ко Отцу Моему, и Отцу вашему,
и Богу Моему, и Богу вашему,
и совозвышу вас в горний Иерусалим, 
в Царство Небесное