Света и Велика Сабота

Да молчи сета плот човечка, и нека стои со страв и трепет, и ништо земно во себе да не помислува: Царот над царевите и Господ над господарите доаѓа да се заколе и да им се даде како храна на верните.

Во сабота Господ се одмори од Своите дела откако го создаде светот и човекот и го воведе како цар во Вселената. И овој саботен ден Он одмора оти најпосле го заврши делото на нашето спасение.  Затоа оваа благословена сабота силен молк ја опфатил земјата, царот спие заклучен во гробот. Бог заспа во тело, но со душата слезе во подземјето и додека сета твар тагува, адот во ужас трепери, бидејќи во себе прими Душа, поинаква од сите, и смртно беше пронижан од оружјето на крстот. Кратко беше ликувањето на смртта. Таа Го проголта Синот Човечки, но не можеше да го задржи. Го проголта но не Го препозна. И затоа веќе слушаме: „Денес адот стенкајќи плаче…“ Христос слезе долу и со Својата светлина го озари местото на мракот, ги разори тешките порти, ги порази демоните, го ослободи затворените во адската сенка. Тишината е како еден миг на исчекување пред радосниот одек на Христовиот триумф над смртта кој веќе се чувствува во воздухот и кој силно ќе го потресе сето небо и земја.

Вчера, гледајќи Го како виси на Крстот, сонцето ја помрачи својата светлина и настапи ноќ; денес, пак, смртта ја губи својата власт и отстапува пред светлината на невечерниот ден. Вчера земјата тагуваше, размислувајќи за еврејската злоба и од жал се зави во облека на темнината;   денес народот што одеше во темнина виде голема светлина.

И сега со нас се случува она што постојано го слушаме во Давидовиот псалм: „Исчисти ме и ќе бидам побел од снег“. Побели од снег стануваат душите на оние кои го поминаа постот со покајание и зедоа удел во она што Господ го направи за нас. Побели од снегот стануваат поради белината што ја дава Господ. Оти он вели: „Оној Кој со верност кон Христа ќе го победи гревот, ја победува смртта, го поразува ѓаволот и ќе се облече во бела риза на очистувањето“. Токму со оваа белина зрачи во Великата и Света Блажена Сабота.

Иако во велелепието на бигорскиот храм, пред цветно сплетениот епитаф со положеното во него Христово тело, таговно се леат стиховите со кои Пречистата Мајка заедно со сите верни го оплакува Својот Син, сепак проблеснува зракот на радосното очекување кога Гробот ќе биде пронижан од неземна светлина и ќе одекне насекаде воскресното торжество: 

Воскресни Боже, суди и на земјата, зашто Ти владеш над сите народи!