Денес долготрпеливиот наш Господ повторно ги поткрепува Своите ученици, напојувајќи ги нивните жедни души со словото за љубовта која простува многу гревови. Ги воведува Он апостолите во уште едно длабоко таинство, кое ги збунува нивните мисли, истовремено трогнувајќи им ги срцата. Гледа Оној Кој гледа сè и ги знае длабините на срцата наши. Гледа како Му се приближува едно раскајано срце, а како едно од избраните Го предава. Гледа како една душа со смирена љубов и пламена вера Му излева солзи и нозете со косата своја Му ги мие, а другата како одбира на погибел да се предаде. Му се приближува блудница, полевајќи Го со скапоцено миро и пристапувајќи Му не како на обичен човек, ами како на Битие што е над нашето битие, со неспоредливо поголема моќ и добрина, со богата сострадалност и сеопростувачка љубов, а од Него се одвојува ученикот Јуда. Гледа Он и нас нè повикува да го видиме човекот во неговиот најдобар и најлош облик.
Милостивиот наш Бог, Кој доброволно го зеде на Себе тешкиот јарем на страдањата и смртта, денес смирено го прима и најдоброто и најлошото од човекот: ја пофалува излеаната милост и покајаната љубов на жената блудница и го прифаќа најстрашното предавство од Својот ученик. Он не се згнаси од нашата природа, туку со сострадание ја прими. Но од ништо човечко толку не се згрози – ниту од болеста, ни од лепрата, дури ни од гревот човечки, оти Он сè може да исцели и поправи – а само се згрози и смртно се нажали од силата на човечката осуда и од незапирливата страст на среброљубието. Навистина, голема е болката пред ова страшно сознание дека лакомиот ученик не беше допрен од милосрдната постапка и зборовите Христови, и не се исплаши од тоа дека ништо што е тајно нема да остане сокриено, туку напротив ќе биде објавено јавно.
Збунети се нашите мисли, тага ги исполнува нашите срца. Како можеше тоа да му се случи на еден од избраните, на еден од повиканите, на еден од оние кои највозљубени Свои ученици ги нарече? Милостивиот Бог никого не принудува да оди по Него. Ниеден призив не е помоќен и ниеден избор не е послободен од оној изразен во Неговите зборови: „Ако сакаш, земи го крстот свој и тргни по Мене!“ Он никогаш не ја наметнува волјата Своја врз оние кои не сакаат да Му служат.
И еве, во оваа толку трогателна ноќ, скрушено стоиме во храмот носејќи ја болката од тежината на овие настани кои сите нас нè разобличуваат. Бидејќи сите ние многу пати во своите слабости сме Го предале Господа. Но нема за нас поохрабрувачки зборови од оние топли молби кои нашиот сакан Старец и владика, еднаш Му ги упати на Христа: „Колку ли само пати Те предадов, Господи, колку пати! Те оставав поради мојата мрзеливост, Те оставав поради мојата суета, Те оставав поради мојата немарност. Во себе не наоѓам сили да го правам тоа што е по Твоја волја. А Ти… Ти си за мене секогаш тука. Кога и да ми е потребна благодат, Ти милостиво ми ја испраќаш; го милуваш моето срце, ми помагаш, постојано ме креваш. Тогаш во благодатта си велам: нема никогаш да Те оставам, Господи, ќе чинам според Твојата волја. Но, само за кратко време. Во слабоста своја јас повторно Те оставам и Те предавам. А ти одново и одново ми проштаваш“.
Да, Он, во Својата надумна љубов што сè простува, која ќе го опростеше и предавството, доколку Јуда сам на себе не си пресудеше – не нè осудува. Не нè презира, како што не ја презре блудницата, туку нè повикува да ги оставиме делата на мракот и да Го следиме во Распетието, за да земеме удел и во Воскресението. А пред тоа, сите заедно, уште еднаш си побаравме прошка, за така измирени заедно да тргнеме по Оној што ни заповеда да го љубиме другиот повеќе од себеси. На чинот на опростувањто прв побара прошка Старецот, упатувајќи ни ги овие слатки зборови:
„Отци свети, возљубени браќа и сестри,
Откако според милоста Божја ја завршивме Светата и Велика Четириесетница, веќе длабоко навлеговме и во Светата Велика Страдална Седмица. Утре ќе го празнуваме преславниот и сеспасителен настан на Тајната Вечера, тоа најголемо Таинство што благодатно секојпат се повторува во рамките на Божествената Литургија. Затоа, стоејќи со посебно благогоговение и благодарност пред Воскресението, неопходно е да пристапиме со благочестива сериозност, со чисти мисли и совест, со скрушени срца и опростени со сите, та да седнеме, колку што е можно подостојно, со нашиот Господ на Неговата Тајна Вечера. Христос нè повикува како деца Свои да учествуваме во тоа Таинство над сите таинства, да се храниме со Неговото чесно тело и да се напојуваме со Неговата животворна крв, преку кои имаме залог за вечен живот.
Денеска, на Светата и Велика среда, пред самиот почеток на страшните таинства, ќе ја отслужиме и последната Преждеосвештена Литургија за оваа година. И пред да почнеме со литургиското споменување и доживување на спасоносните настани, Светата Црква уште еднаш нè повикува и поттикнува да се помириме со сите, со себеси и со Бога. Имено, сега ќе го извршиме предвидениот чин за меѓусебно помирување, за утре помирени и опростени да седнеме на Тајната Вечера со нашиот премил Господ, во заедница со Него и едни со други.
Да се потрудиме да ги поминеме последните денови од Страдалната Седмица во смирение и скрушеност, во молитвено молчание, во умилително созерцание и во непоматена љубов меѓу себе. Сега, дозволете ми да побарам прошка од сите вас: благословете, отци свети, и простете ми, грешниот, за сè што погрешив во целиот мој живот и во целата Света Четириесетница, со збор, со дело, со помисли и со сите мои сетила.
Од сè срце ви посакувам светлината на Воскресението да ги озарува вашите животи и радоста од победата над смртта да ги исполнува срцата ваши! Добра Пасха!“