Според семилосрдната благодат Божја, еве сме на прагот на најсветите денови, подготвени да се нурнеме во сострадалната тишина којашто ни го распарува срцето. Во оваа свештена ноќ, гледаме како се остваруваат древните пророштва за страдањата, Крстот и Воскресението. Со недели Црквата нè подготвуваше, повикувајќи нè кон засилена молитва и покајание. И не само што нè повикуваше, туку ни испраќаше и силна поткрепа преку многуте спомени карактеристични за богослужението на овој Свет и Велик Пост.
Но, еве сега, Црквата нè води кон настаните што засекогаш ја променија историјата на човештвото. Во оваа таинствена ноќ пред нас се открива најдлабоката вистина за човекот. Го гледаме човекот – тоа омилено Божјо создание – како со солзи и миро ги облева нозете на Спасителот, а веќе следниот миг со бакнеж Го предава. Потресна е оваа сцена, за која слушаме од црковните песнопенија: едно грешно битие се скрушува во покајание и колена преклонува пред Христа, со срце распарчено од вина и полно со копнеж по Неговата прошка. Жена блудница во рацете носи скапоцено миро и треперејќи од болка, Му се приближува, миејќи ги нозете Негови. Во темнината на оваа ноќ, во темнината на нејзиниот грешен живот, блеснува зрак светлина: не, не е Оној пред Кого таа рони солзи само обичен човек, туку Бог чијашто љубов е бескрајна и сеопростувачка. Он ги гледа сите дела на покајанието и ги благословува, ветувајќи дека споменот на таа смирена љубов ќе се слави додека траат дните.
Но, таму е и Јуда. Ученикот што делеше трпеза со Учителот, кој беше сведок на многу чудеса и поуки. Тој, кој ги слушаше слатките Христови зборови и го прими лебот од Неговите раце, а потоа ја подаде истата таа рака за триесет сребреници. Предавство, придружено од среброљубие, болка што ни ги распарува срцата кога слушаме како оваа погубна страст од ученикот направи предавник. Што ќе ми дадете за да ви Го предадам? Треперат нашите грла од овие страшни зборови, не можејќи да ги изговорат. Како можеше тоа да му се случи на еден од избраните, кој беше меѓу највозљубените Христови ученици?
Но, страда нашиот Бог не толку поради предавството, оти нема такви меѓу нас коишто не Го предале, туку страда поради тоа што срцето останува затворено, прободено од похотата, од страста на зависта и омразата, што не сака да биде допрено од Неговата сеопростувачка љубов. А во Неговата бескрајна милост, Он нè прегрнува сите, без оглед на нашите слабости, без оглед на гревовите и раните што поради нив ги носиме.
Во оваа ноќ, која го најавува неискажливото страдање и тешкиот пат кон Голгота, душите се потонати во тивок трепет. Свиени глави, смирени мисли. Господ повторно нè собира нас, Своите чеда, но не за суд, туку во љубов. Црквата за последен пат нè повикува да се задлабочиме во овие примери и да размислиме кого подражававме, патувајќи низ Светата Четириесетница: митарот или фарисејот? Блудниот син, Светата Марија Египетска, денешната покаена грешница, или ученикот предавник? Нè повикува да го оставиме сето она што нè раздвојува – гордоста, судењето, желбата за земното. Го имаме тој непроценлив дар Самиот Господ да нè повика да ги оставиме делата на мракот и да Го следиме во Распетието, за да земеме удел во Неговата воскресенска слава.
Но претходно, според востановената богослужбена практика, уште еднаш да се погледнеме во очи со ближниот, да побараме прошка еден од друг и, така измирени, да тргнеме по Оној Кој ни заповеда да го љубиме другиот повеќе од себеси. А нашиот возљубен Старец, кој во сè ни е пример – во трпение, смиреност и пожртвувана љубов – и овој пат прв ни го покажа патот кон меѓусебното проштевање, смирено барајќи прошка и проштевајќи ги нашите бројни прегрешенија:
„Мили мои во Христа Распнатиот,
Во пресрет на големите, страшни, таинствени и спасоносни настани; пред самата Христова Тајна Вечера и пред Неговите сеспасителни Страданија, денска, на Светата и Велика Среда, Црквата Божја нè повикува на една последна и суштествено важна внатрешна подготовка: нѐ повикува на очистување на срцата преку љубовта и проштавањето.
Пред утре да ја слушнеме заповедта на Божествениот Учител:’Земете, јадете, ова е Моето тело… Пијте од неа сите, ова е Мојата крв… и ова правете го во Мој спомен‘ – треба најнапред да го чуеме и повикот на Неговата милост: ’Простете им на вашите должници, како што и Јас ви проштавам вам‘.
Не можеме да влеземе на Вечерата Господова ако нашето срце е затворено за ближните, за прошката кон нашите со-луѓе. Не можеме да се соединиме со Оној Кој се распна за сите, а да не сакаме да се помириме со тие што ни згрешиле. Велика Среда нè поставува пред оваа одлучувачка врата – вратата на проштавањето. Само ако ја отвориме, ќе можеме да влеземе во длабочината на Тајната.
’Што е полесно‘, прашува свети Јован Златоуст, ’од тоа да простиш? Не треба ни да патуваш, ни да плаќаш, ни да се жртвуваш. Само да сакаш – и веќе си победил‘.
А победата на проштавањето е навистина најголемата победа на човекот, оти тогаш Христос царува во срцето. Да ја исползуваме оваа Велика Среда како еден благословен час на простување, на измирување, на обновување на мирот, прво со ближните, па со Бога. И тогаш со достоинство ќе можеме да седнеме на Тајната и Вечера и со радост ќе можеме да Го поздравиме Воскреснатиот Господ ,со чисто срце и со просветлена душа.
’Простете, за да ви биде простено. Помирете се, за да бидете примени. Љубете, за да живеете!‘
Благословете, отци свети и браќа, и простете ми мене грешниот, за сè што згрешив во текот на целиот мој живот и во оваа Света Четириесетница, со зборови, дела, помисли и со сите мои сетила. И на сите вас нека ви е простено и од мене и од Бога. Добра Пасха!“