Кога славните ученици, при миењето на нозете на Вечерата, се просветлуваа, тогаш злочестивоот Јуда, болен од среброљубие, се помрачуваше и на беззаконите судии, Тебе – праведниот судија – Те предава. Душо среброљубива, гледај каде оди да се обеси таква душа; одврати се од среброљубието на Јуда, кој се осмели да Му направи такви работи на Својот Учител; Господи, Кој си добар за сите, Слава Ти!
(Тропар на Велики Четврток)
Создателот на Небото и на Земјата, на сѐ видливо и невидливо, предвечниот, безвремен, неспознатлив; Бесмртниот, вечно живиот Седржител, Бог Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, денес на Земјата го воспоставува своето љубовно, взаемно себепредавање со човекот, новиот и вечен Завет на љубов.
Денес се извршува тајната на Царството Небесно – Бог се соединува со човекот и човекот се причестува со Бога. Денес пред Своето страдање Христос ја основа Светата Тајна Евхаристија, Божествената Литургија, којашто до ден-денес се извршува и којашто ќе се исполни во идниот живот.
Според Божјиот домострој за спасението на човекот, Синот Божји, Кој се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек, вистинскиот Спасител и Господ наш Исус Христос, денес ги минува последните часови од животот на Земјата, подготвувајќи ги учениците за Своите спасителни страданија и смрт, но и за Воскресение. Денес, откако ги собра учениците Свои, ја соблекува горната наметка и се препашува за служење, клекнува и им ги мие нозете, смирениот Господ и Бог наш, оставајќи пример за тоа што значи да се биде прв. Потоа, седнувајќи на масата, го зема лебот, го осветува, го прекршува, им раздава на учениците, велејќи: „Земете, јадете, ова е Моето Тело, кое за вас се прекршува, за прошка на гревовите“, а по вечерата со чашата: „Пијте од неа сите, ова е Мојата крв на новиот завет која за вас и за мнозина се пролева за прошка на гревовите. Ова правете го во Мој спомен“.
На овој настан се открива и синот на лукавството, предавникот Јуда, кој по причестувањето излегува и брза да ги повика старешините, книжниците и фарисеите, да ги доведе, да го фатат Господа. А Христос како Бог, знаејќи сѐ што ќе се случи, ги носи учениците во Гетсиманија и откако се пододалечува, почнува да се моли кон Отецот со силни воздишки и со пот како крв, поради претстојните страдања. По некое време, доаѓа часот кога Спасителот добива целив, лажен поздрав од Својот ученик Јуда Искариот, договорен знак со книжниците и фарисеите за да биде фатен и одведен на судење.
Храмот и богослужението се центар на овие свештени и трогателни збиднувања, затоа со благочестие, побожност и скрушеност присуствуваме и ги живееме настаните на Тајната Вечера на трпезата Господова, при нозете на смирениот Господ и Спасител, станувајќи сведоци на Божествената љубов, но и на човечката беда. По денешната Света и Божествена Василиева Литургија, со која чиноначалствуваше нашиот Старец Епископ г. Партениј, беше извршен и чинот на Елеосвештение, Светото Таинство преку кое ни се дарува телесно и душевно здравје со помазувањето од осветениот елеј.
Ликот, пак, на нашиот возљубен Старец, владиката г. Партениј, силно задлабочен во настаните што се случуваат и трогнат од Божествената љубов кон човекот, зрачеше со светлината тивка на Светата Слава, пренесувајќи ни ја благодатта од заедничарењето со Христа.
„Ти, Кој ми го даваш телото за храна, волно, си оган, недостојни што гори, не гори ме немој, Создателе мој благ и навлези во сите членови мои… Изгори ги трњето на гревовите, душата очисти ја и помислата… Ти целиот приковај ме во Твојот страв, покривај ме секогаш, пази и чувај од секакво дело, слово душегубно. Очисти ме, измиј ме, устрој ме цел, украси ме, вразуми и просвети ме, покажи ме дом единствено на Духот, да не бидам веќе на гревови дом, та како од Твој храм по причеста света, да бега ко од оган злото и страста“.
Слава, Христе на Твоето неискажливо милосрдие!