Да се слави споменот на Светиите Божји значи да се учествува во нивната слава и радост што ги имаат во небесната Црква. Затоа земската Црква им посветува големо внимание на оние кои го достигнале обожението и во најголема мера се охристовиле и ги повикува верните на литургиско славење на нивните спомени, заради утеха и поткрепување. Споменот на Светиите е виното кое го развеселува срцето човеково и колку човек повеќе се труди во благодарноста и во молитвата, толку повеќе небесна радост прима.
Денеска нашата монашка заедница, заедно со многубројните притекнати светителољубиви души, со евхаристиско собрание во Рајчица го прослави денот на маченичкото страдање и преселување во вечноста на славниот Христов воин, Великиот Победоносец Георгиј. Ова вселенско светило на Црквата Христова е наречен Победоносец, не затоа што извојувал многу победи како римски военоначалник, ами затоа што со љубовта Христова го победил злото и со своите страданија и маченичката крв го победил паганското кривоверие и лажното неверие. Згора на тоа, тој и до денес на оние кои му се молат и го просат неговото застапништво им дарува победи во нивните духовни битки против егоизмот, страстите и гревот. Тој постојано носи победи и ја спроведува Божествената правда на Земјата. И затоа неговиот спомен е толку светол и славен, како што ќе рече нашиот возљубен старец и духовен татко, Епископот Антаниски г. Партениј, кој чиноначалствуваше со денешната Божествена Литургија, во храмот на Свети Георгиј, во неговиот свештен дом во Рајчица. Се чини дека сите присутни, преку радоста и умилението, посведочија дека тоа е навистина така.
Голем подарок од Победоносецот за сестрите од неговата киновија во Рајчица беше посетата на нашите сакани сестри монахињи од Манастирот на Свети Јован Претеча во Слепче. Дружбата на двете сестринства беше уште едно сведоштво за убавината од заедничарењето во радоста на Светиите.
Овој прекрасен спомен на Великиот Победоносец не помина без татковско наставление од нашиот Старец, кој во духот на денешното евангелско четиво, вдахновено ни беседеше за неопходноста од присуството на љубовта во секој наш подвиг заради Христа:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Според милоста Божја и денес, мили мои, се удостоивме да го слушнеме Евангелието што секогаш се чита на празници на Маченици. Тоа започна со зборовите Христови: Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг (Јован 15,17). Така Господ го воведува поучението Свое кон учениците, со кое им навестува за маките и страданијата што ќе ги имаат во светот. Ако светот ве мрази, продолжува Спасителот, знајте дека мене светот уште пред вас Ме замрази… Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат (Јован 15,18-19). По страданието и Воскресението на Господ Исус Христос, учениците Негови, овенчани со љубовта Божествена, навистина ќе ги истрпат сите тие маки од овој свет.
Впечатливо е тоа што Христос на Своите последователи им се обраќа како на мало стадо. Не бој се, мало стадо (Лука 12,32). Впрочем, набљудувајќи низ сета историја, оние кои ќе се овенчаат со натсветската Божествена љубов навистина се мало стадо, во споредба со огромното световно мноштво. Светот многу често зборувал и зборува за некаква си љубов, за заедништво, за поврзаност, за комуникација. Меѓутоа, повеќе од јасно е дека без Бога нема вистинска пожртвувана љубов, туку само сетилна и животинска, површна, користољубива. Христос на Крстот ни покажа што е љубовта Божја, љубов која само Он ја има и ја дава: ги рашири Своите раце во самопожртвувана прегратка за спасение на светот и стана Првомаченик и Младоженец на Црквата. Врз Својата чесна крв Он ја втемели Црквата, а потем ја доизгради врз крвта на светите Маченици. По Него, најнапред пострадале и сите Негови Апостоли, кои со маченички венец го потврдија Воскресението и со својата жртвена љубов засекогаш ја запечатија вистината за него. По нив, маченички пострадаа и многу други следбеници Христови, зголемувајќи ја славата на Црквата и ширејќи ја вистината за Воскресението.
Еве, денес сме празнично собрани, за да го прославиме споменот на големиот Маченик на Црквата Божја, Свети Георгиј Победоносец, кој со својата саможртва, со својот страдалнички подвиг, подобно на Христа, го победи светот и злото во него и со својата крв, со своите живот и смрт, засведочи дека Христовото Воскресение е неоспорен факт.
Да, Великиот Георгиј ги имал на ум зборовите Христови за љубовта и знаел дека само таа, љубовта Божествена е печат на верата во Него. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јован 13,35) – вели Господ. Таа е лозинката, таа е знакот за препознавање на оние кои се Христови. А каде што се присутни омразата и зависта, таму е несомнено печатот на антихристот. Па и сите ние во Црквата, доколку не се бориме со страста на зависта и на омразата, земаме учество во уделот на Каин, стануваме братоубијци и Божјата благодат се повлекува од нас. Ја губиме врската со Бога и немаме ништо заедничко со нашиот Спасител, отпаѓаме од богооткриената вера и наместо деца на Христа, стануваме, за жал, деца на антихристот. Наместо сведоци на љубовта и на Воскресението, стануваме мракоподобни и носители на темнината. Можеме дури и за Христа да зборуваме, но во суштина остануваме многу далеку од Него, стануваме Негови противници. Сите гледаме какви парадоксални појави има насекаде околу нас. Некои ги користат црковните правила, па дури и евангелските поуки, за да ги осудуваат, а и убиваат браќата свои. Ги откриваат слабостите на другите, наместо да го покријат братот свој со љубов и на тој начин да му помогнат да се исцели.
Се прашувам: што заедничко има ова со Христа? Каков пример ни остави Он во Евангелието Свое? Со милост и широчина ги покриваше грешниците. Ја заштити блудницата што требаше да биде каменувана; не ја осуди, туку ја спаси, ја покри со Својата Божествена љубов, давајќи ѝ можност да се поправи: Ни Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш (Јован 8,11). Исто така, ѝ дозволи на една друга извикана грешна жена да Му ги помаже нозете и главата и на тој начин да Го подготви Неговото тело за погребение. И нејзе ѝ даде шанса да стане подобра, па дури ја пофали и нејзината љубов: Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен (Матеј 26,13). Во последствие, таа стана Негова ревносна ученичка и беше спасена. Истото се случи и со цариникот Закхеј. Тој беше осуден и презрен од сите, но не и од Господ. Он, напротив, отиде во неговиот дом и поттикнувајќи го неговото покајание, рече: Денес дојде спасението за овој дом (Лука 19,9).
Гледате ли колку убави примери ни остави Христос! Затоа и кога ни предвиде маки и страдања во овој свет, кој, бидејќи далеку од Бога, дише со омраза кон вистината и кон светлината, Он започна со зборовите: Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг. Па така, мили мои, да се богатиме со таа љубов и тогаш сите нешта во нашите животи ќе бидат на свое место. Оти, да знаете дека без милост и без љубов, Господ не го прима дури ни маченичкиот подвиг. Ниту монаштвото го прифаќа како жртва, ако нема љубов во него. Оној монах кој нема доволно љубов во себе за своите браќа и со-луѓе, не ќе може да се одржи до крајот. Имаме еден многу поучен пример од времето на гонењето на Христијаните во 4 век. Имено, свештеникот и ѓаконот во некоја црква биле смртно скарани еден со друг. Долго време се мразеле и не зборувале меѓу себе, а служеле и Божествена Литургија. Сепак, по некое време ѓаконот искрено се покајал и прв побарал прошка од свештеникот. Но, овој никако не сакал да му опрости, туку се ожесточил уште повеќе против својот ближен. Во тоа време и нивната црковна заедница била откриена од римските власти и сите Христијани, и верниците и клириците, биле осудени на смрт. Притоа, Римјаните често имале практика да ги погубуваат првин верниците и тоа пред очите на црковните старешини, за да ги устрашат нив и да ги натераат да се одречат од Христа, та на тој начин да ја посрамат Црквата. Следствено, кога тие заедно биле изведени на губилиштето, ѓаконот повторно го молел и проколнувал презвитерот да му опрости, затоа што, еве, сега ќе треба да ја положат душата за Својот Спасител. За жал, свештеникот бил толку ожесточен во срцето, што ни сега, пред самата смрт, никако не сакал да попушти и да се опрости со ѓаконот. Дошло ред да го погубат ѓаконот и тој храбро Му останал верен на Христа и бил овенчан со маченички венец. Господ му го прифатил покајанието и подвигот и го примил како свет маченик во Царството Свое. Кога дошол редот, пак, на свештеникот, тој иако претходно бил уверен во себе дека нема да се поколеба и дека гордо ќе пострада за Господа, пред самиот крај извикал: „Застанете! Јас не верувам повеќе во Христос, поштедете ме!“ Неговата суровост кон братот не му дозволила да принесе богоугодна жртва. Бог не ја прифатил неговата жртва, оти тој немал љубов, не сакал да опрости и да се уподоби на својот Спасител во проштавањето. Затоа Он не го прими во Царството Небесно, бидејќи во него нема место за оние кои немаат љубов.
Па така, мили мои, да се трудиме да имаме љубов Христова во себе и меѓу себе, оти во спротивно, Господ нема да ги прими нашите подвизи, колку големи и да се тие. Да го помолиме Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец да ни дарува победа на љубовта над омразата во нас, победа на доброто над злото, победа на сожалението и милосрдието над егоизмот, жестокосрдечноста и осудувањето. Да ја чуваме и развиваме таа Божествена љубов Христова во своите срца. Амин!
Христос воскресе!