Теодорова сабота

Св. Теодор Тирон штедро го благослови големиот собор на верни

Сите маченикољупци, дојдете духовно да се развеселиме и да торжествуваме, зашто денес маченикот Теодор ни предлага тајна трпеза, која нѐ весели нас, празникољупците, и да му пееме: Радувај се непобедлив страдалнику, кој заканата непријателска на земјата ја разурна! Радувај се ти, кој твоето тело за Христа Бога на маки го предаде! Радувај се, ти кој во разните неволи искусен воин на небесната војска се покажа! Затоа украсу на мачениците, те молиме: за душите наши моли се.

Коливо

Славејќи го споменот за необичното и братољубиво чудо на светиот Теодор Тирон, со кое овој славен маченик го спаси тогашниот верен народ од осквернување во светите денови на Постот, Црквата мудро нѐ поучува да ја разликуваме вистинската, разумна храна за душата, од навидум слатката, но скверна храна на гревот. Оти не телесната храна, туку духовната храна е она што го спасува човекот. А нема подобра храна за душата во овие благословени денови од покајното очистување преку будност, молитва, пост, милосрдие и секое друго богоугодно дело,  за Божјата благодат да дејствува во нас, приведувајќи нѐ кон вистинскиот живот во Христа. Исто како што тогаш верните го љубеа Христа повеќе од било каква телесна храна, та беа спремни и да умрат само да не се осквернат, така и ние да Го возљубиме, воздржувајќи се од прекумерните грижи за храната и телото, кои го одвлекуваат умот од единственото што ни е потребно во овој живот – вистинската заедница со нашиот Господ.

Празнувањето на овој славен маченик на Црквата, отсекогаш бил причина голем број на верни да пристигнат од сите страни, за да имаат удел во светата богослужба. Така и оваа година нашите свети Обители радосно ги отворија своите порти, за сите оние кои што посакаа уште еднаш да си спомнат за големото чудо што со коливото го направил св. Теодор Тирон, a кое сведочи дека Бог никогаш нема да ги остави своите верни, туку ќе ги спаси од секакво искушение и скверна. Тогаш Бог го испрати Својот маченик, а сега на сите присутни во Бигорскиот храм штедро им ја испрати Својата благодат, поткрепувајќи ги Своите чеда во подвигот на Постот и хранејќи ги со бесмртната храна – Своето свето Тело и чесна Крв. А светиот Претеча и Крстител безмерно се радуваше гледајќи го големиот собор на причесници, кои несомнено го сведочеа искреното покајание на овој народ.

Господи прими ги молитвите на Твоите смирени чеда и не нѐ лишувај од Својата благодатна сила низ овие недели на Великиот Пост, кои полека нѐ приведуваат кон Твојот Голготски Крст и Твоето блескаво Воскресение. И нека овие молитви, поткрепени со молитвите на св. великомаченик Теодор Тирон, ја измолат Твојата милост за доброто на нашиот народ.