Првата Акатистна пофалба

Радувај се, благопријатно молитвено кадило; Радувај се, на целиот свет очистување!

Радувај се, цврста поткрепо на верата; Радувај се, светло познание на благодатта!

Радувај се, ти Која избавуваш од варварско идолослужение; Радувај се, ти Која не ослободуваш од лоши дела!

Радувај се, ти што ја уништи моќта на прелеста; Радувај се, ти што ја изобличи идолската лага!

Во сите тие прекрасни и боговдахновени химни на светите Отци што деновиве умилно ни ги галат душите, ништо толку не ја буди милоста во нас како овие чудесни пофалби кон најнежната Мајка и славна Владичица на светот, Пресветата Богородица Дева, кон која ги упатуваме сега скрушените молитви од име на сиот човечки род, просејќи уште еднаш да нѐ заштити од погибелта на паганското зло, кое полека се вовлекува во сите катчиња на нашиот живот. Неизмерна ни е благодарноста, што кога се исполни времето смирената Богомајка не се воспротиви, туку кротко ги прими ангелските зборови и со тоа се удостои да Го роди Творецот на Животот, и стане посредничка во нашето спасение. Славно е и преславно тоа свето раѓање, кое ни ги отвори повторно вратите на рајот, и неискажлива е небесната слава со која Бог го овенча нејзиното смирение. Во Нејзиниот благороден лик го гледаме ликот на вистинската жена – ликот на бескрајното спасение, ликот на убавината, ликот на силата и смирението, ликот на чистотата и љубовта и победата на таа љубов. Секогаш кога нашите мајки со вера гледале во тој лик, станувале усрдни носители на верноста кон Бога и силни чувари на моралот. Само благодарение на оние кои се трудат да ѝ се уподобат, без оглед на сето зло кое се пробива низ светот, во истиот тој свет силно се слави празникот на животот.

Нека и сега милостивата Мајка погледне благо кон овој наш род, нека ни дарува просветление за да си го препознаеме и да не го отфрламе благословот што Бог сѐ уште го излева на нас, дарувајќи ни рожби. Нека ја оттргне паганската заблуда која ги слави страстите, а понижува добродетелите и која од нашиот народ прави неплодно дрво, без надеж за својата иднина.