Почеток на Великиот и Чесен Пост
Засветли благодатта Твоја, Господи, засветли просвештението на душите наши. Ова е време благопријатно, ова е време за покајание; да ги отфрлиме делата на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината; и откако ќе ја препливаме големата морска шир на постот, да стигнеме и до тридневното Воскресение на Господа и Спасителот наш Исус Христос, Кој ги спасува душите наши.
(Стихира на Вечерната богослужба)
Најпосле пристигнавме на самиот праг на Светата Четириесетница, во предворјето на најсветиот Пост. Ова е период на засилена молитва, дејствително покајание и реална преобразба. Нашата Црква богомудро и таинствено нè воведува во еден нов амбиент од духовниот живот – амбиент на интензивна духовна борба, кон ослободување од сè она што го оптоварува и повредува нашето битие, за очистени да Му се приближиме на Бога и да го видиме Неговото Воскресение. Во оваа тивка ноќ, Црквата го упатува својот повик до секоја човечка душа, до сите нас кои сме жедни да тргнеме на благословеното четириесетдневно крстовоскресно патување. Вечерва, умилителните зборови, мудро сплетени од боговдахновените Отци, со посебна топлина и грижливост нè повикуваат да ја оставиме сета наша немарност, та со ослободени души да го пречекориме прагот и да влеземе во прекрасната четириесетдневна таговна радост, во ова најсвето и за дела на љубовта најблагопријатно време. Копнее секоја човечка душа, брза да се врати при својот извор, онаму каде што блеска убавината на Царството, чиишто двери се затворени од многуте наши гревови. Ете, смирено стоејќи пред тие двери, го започнуваме ова наше себеочистително патешествие, проштавајќи си еден на друг и ставајќи си елеј на раните што сме си ги причиниле. Да, на сите нам ни претстои молитвено талкање по пустината на Постот, покајно чекорење до срцето на ближниот, благословен подвиг направен за доброто на големото семејство на светот.
Не одвраќај го лицето Свое од чедото Свое… Пази ја душата моја и избави ја – тивко и со покаен трепет на срцата, пееме заедно со стотиците верни, за кои Претечевиот храм вечерва беше претесен. Стоиме со молитвено слободоречие и со скрушени срца, кои се нашиот штит пред силата на злото од овој свет. Умилителните стихири отпеани од монашкиот хор, трогателниот чин на меѓусебно проштавање, како и словото на возљубениот ни Старец, епископот Антаниски, г. Партениј, чијашто татковска љубов се жртвува, простува, буди, исцелува и преобразува, нè потсетија на претстојното покајно патување низ време-просторот на постот.