Го славиме преславното и сечесно упокојување на пречистата и пренепорочна Мајка и Дева Богородица. Ова Нејзино заминување, кое црковно се нарекува успение (заспивање) или преселување, во суштина е едно Нејзино вечно присуството и близина до секого од нас. Овие неискажливи и надумни таинства со страв и трепет, со умиление и восхит во побожноста, со благодарност се примаат во срцето.
Мајката на Животот кон живот вечен се преселува.
Всушност, славиме триумф на животот над смртта. Мајката на Светлината остана нетлена и по смртта жива и пребива во неискажлива и непристапна светлина. Не можеме ни да погледнеме во Неа – признаваат ангелските вишни воинства – висината го надминува секој ум. Таа светлина не е некоја апстрактна и материјална, туку реална и несоздадена која извира од силата на љубовта, молитвата, светоста и чистотата на Онаа преку која Бог се облече во човечката природа, се вочовечи. А колку Пресветата смирено, скромно и незабележливо живееше во сенката на овој живот, имајќи непоимлива љубов за луѓето! Болката што Пресвета Богородица ја доживеала во животот особено под крстот на Голгота била бескрајна и лута. И тоа што Таа останала жива е благодарение на Божјата сила, за потоа да го види и Воскресението на својот Син и Бог и да биде поткрепа на Апостолите и на првите Христијани.
Дури само спомнувањето на нејзиното име го засладува срцето.
Нашата Свештена Обител на Чесниот Претеча најторжествено, со љубов и посветеност го пречека и прослави овој христијански и црковен празник, извршувајќи сеноќно молитвено и песнено бдение на кое претстоеше нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј. Со умиление се изврши традиционалната литанија и опход околу храмот со плаштаницата на Пресвета Богородица и се испеаја погребните статии од страна на целиот верен народ кој го преполнуваше Бигорскиот храм. А пак, круната на празнувањето – Светата и Божествена Евхаристија беше вистински влез во вечниот и незаоден осми ден на Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух. Нашиот Старец, личноста која нѐ соединува со реалноста на вечноста, нѐ напои со созерцателни сили и благодат преку вдахновеното и пофално слово за Пресветата Владичица и Богомајката која послужи во остварувањето на Божјата промисла за спасението на светот.