Божествената ризница криена во земјата – крстот на Животодавецот, на благочестивиот цар Константин му се покажа на небесата, за да му го покаже духовниот знак на неговата победа над непријателите. Радувајќи се, со вера и љубов, научен од Бога, тој побрза да го издигне предметот на своето видение, што грижливо го извади од прегратките на земјата, за избавување на светот и за спасение на душите наши.
Литиска стихира на празникот
Одекнува силно гласот на Црквата, која уште еднаш потврдува дека ја наследивме победата Христова, станавме носители на неговиот знак победнички и попусто се обидуваат сите светски водачи да воспостават мир на земјата – тој знак е единствениот сигурен залог за мирот: „Крстот е чувар на целата вселена, крстот е убавина на Црквата, крстот е моќ на царевите и утврдување на верните. Крстот е слава на ангелите и пораз на демоните.“ Затоа денес низ секој богослужбен стих како да ни зборува Самиот Христос, поучувајќи нè:
„Додека светот ве мами со своите похоти и ве тера да мислите само на себе, нека Мојот Крст ви биде секогаш потсетник за несебичноста и за најголемата љубов – доброволното себепредавање и жртва за другите, тој најсовршен пример на Божествена љубов. Ќе станете вистински луѓе, онакви како што треба да бидете, какви што сум ве замислил и создал, тогаш кога ќе излезете од теснотијата на вашите срца, и ќе се нурнете во бескрајниот простор на Мојата слобода и љубов“.
Повикот да излеземе од себе и да љубиме и да служиме и даваме, да го земеме својот крст на откажување од себеси, можеби се чини безумство во очите на светот, но со тоа ја објавуваме нашата вера во она што победува не со сила, туку со љубов, не со заплашување и закани, туку со себераспетие. И застануваме на страната на оваа љубов во еден свет кој е раководен од сила, бидејќи како членови на Христовата Црква, ние припаѓаме на идниот свет каде ќе нема повеќе насилство, ни тага, ни болка, туку само љубов и радост.
Многу сведоци на Христовата љубов што доби облик на крст се собраа денес во Манастирот на Победоносецот во Рајчица и смирено го принесоа своето поклонение пред Чесното Дрво, кое победоносно се издигна од пастирските рацете на нашиот старец и владика, Епископот г. Партениј. Затоа нивните смирени срца беа плодна почва во која вдахновените зборови на љубениот наш Старец ни го опишаа Крстот Христов како воскресение и жвиот:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес, мили мои, на денот кога Црквата Божја со големо торжество го слави празникот на сесветското Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Христов, што се случило по повелба на Светата царица Елена и на тогашниот Ерусалимски Патријарх Свети Макариј, го слушнавме Евангелието што нè потсети на страшната драма на Голгота. Чувме за избавителните страданија на Спасителот на светот, нашиот преблаг Бог Исус Христос. Нешто на кое треба секојдневно да се сеќаваме сите, бидејќи секој од нас треба да живее со споменот за Крстот и во Крстот и преку Крстот Христов.
Го нарекуваме Крстот животворен, поради тоа што Животодавецот беше распнат на него. Крстот е знак и на Воскресението, затоа што на него издивна Воскресителот Кој ја победи смртта. Го слушнавме пред малку апостолот Павле, кој вели дека словото за крстот е безумие за оние што пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја (1. Кор. 1,18). Крстот е безумство за оние кои гинат, т.е. за оние кои не веруваат во неговата моќ, кои го пренебрегнуваат распнувањето и Воскресението Христово и следствено, не веруваат во животворната христијанска вера и во преобразувачката сила на Евангелието. Крстот беше безумство и за разбојникот на Голгота, распнат од левата страна на Христа, кој не успеа да Го препознае Спасителот Христос. Слично на него, и денес секој човек утврден во гревот, кој не сака да се покае, да се смири, да го скроти своето его, не може да се здобие со духовни очи, та да Го спознае Христа како единствена вистина и Крстот Негов – како патоказ кон Воскресението и кон вечниот живот. Левиот разбојник хулел на Христа; бил човек кој не верувал во доброто, сосема оддаден на гревот и на ниските страсти. Роптајќи против сите, тој безумно загинал таму, иако непосредно до него висел на крст Оној Кој во тој час излеал прошка и живот за целиот свет, за сите што со смирение ќе Го прифатат.
Десниот, пак, разбојник, постапил многу благоразумно. Се смирил себеси и станал правичен. Осудувајќи се себеси, дека праведно страда поради своите гревови, застанал на страната на правдата, зад Христа, Кој невино и неправедно бил распнат со него. Впрочем, овој благоразумен разбојник ни го покажа начинот според кој треба и ние да се раководиме во нашето секојдневно понесување на крстот. Во животот имаме маки, страданија, искушенија… Но, тука до нас е Крстот Спасителов кој дава утеха. За сите наши болки тој е лек. Кога страдаш, кога чувствуваш болка, тага, можеби и очајание, помисли на Крстот и на Распнатиот на него и ќе ти се даде утеха. И не само утеха, туку и храброст и животни сили. Токму како на разбојникот од десната страна, кој смирувајќи се себеси, започна дури и да Го брани Христа, како неправедно осуден. Тоа ни покажува колку Господ го сака смирението, ја сака правдата, сака да бидеме пожртвувани за другите, да ги заштитуваме ближните кога над нив се извршува некаква неправда.
Крстообразниот начин на живот го прифатиле сите светии на Црквата Христова. Го прифатиле Крстот како знамение на благородноста, на светоста, на вечноста. Сфатиле дека Крстот значи распетие, страдание, но и дека не се сведува само на тоа. Ја почувствувале преобразувачката сила на Крстот којашто доаѓа од Воскресението, зашто Крстот од Велики Петок завршува со победата над смртта. И блесокот со кој тој ја озарува вселената се, всушност, зраците од Воскресението кои носат неизмерна радост во срцата на верните. Затоа се вели дека преку Крстот дојде радост за целиот свет. Да, Крстот подразбира болка и страдање, но неговата главна порака е радоста. Иако на него умре Спасителот на светот, тој е симбол на животот. Крстот е неразделив од Воскресението. Затоа на овој ден пееме: „На Твојот Крст се поклонуваме, Владико, и Твоето свето Воскресение го славиме“.
Да го прифатиме и ние, мили мои, крстовоскресниот начин на живот, смирувајќи се во љубовта, бидејќи преку неа ќе добиеме прошка на нашите гревови и ќе го наследиме Царството Небесно. Да се угледаме на благоразумниот разбојник, кој во смирение и правичност извикал: Спомни си за мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое! Тогаш, во најголемата агонија, во најстрашните маки, единствениот Човекољубец му одговори: Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во Рајот! (Лука 23,42-43) Колку чудесно! Ајде да се смируваме и ние, та овие зборови еден ден да бидат упатени и кон нас. Да поитаме од сè срце кон Христа, сеќавајќи се секогаш на Неговиот Крст и така да го придобиеме вечниот живот.
Силата на Крстот Господов нека биде со сите вас! Амин!