Четириесет дена по највеликиот празник Воскресение Христово – Пасха, Спасителот наш Исус Христос се вознесе на небото и седна оддесно на Бога Отца. Овој настан, пророкуван уште од Пророците во Стариот Завет се исполни денес пред очите на Апостолите на Маслиновата гора во Ерусалим, откако жив им се јави и ги испрати по светот, велејќи: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин!“(Матеј 28, 19-21) „Додека тие Го гледаа, Он се подигна, и облак Го подзеде од пред очите нивни…“(Дела 1,9). Тоа не значи разделување на Христос од Своите ученици зашто Самиот рече: и ете, Јас сум со вас преку сите дни. Како што вели Светиот Григориј Палама, Христос со Својата човечка природа се издигна и се прослави, откако претходно се смири, се понижи во бесчестие. „Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст. Па затоа и Бог високо Го издигна и Му даде име, што е над секое име, та во името на Исуса да ги преклони колената на сè што е небесно, земно и подземно и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот“ (Фил. 2, 8-11). Така и ние треба да поминеме низ тесниот и трнлив пат. Пат на распетие и воскресение, пат на понижение и вознесение. Вознесението е запечатување на спасителното дело на Христа и триумф на сето она што Спасителот го направи за луѓето.
Делото Господово на Земјата го продолжува Црквата. Таа со силата што нејзиниот Основател ѝ ја даде, поучува, чудотвори, осветува и ги спасува верниците. Тие преку Црквата се соединети со Христа, Кој рекол: „зашто, каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“ (Матеј 18,20).
Да се вознесеме и ние во висините при Бога со целото наше битие зашто Вознесението на Христа ни го отвори патот кон горниот Ерусалим. Нашиот велелепен бигорски храм денес мисловно ни беше и Маслиновата гора и горниот Ерусалим, во кој се поклонивме на Христа Кој се вознесе во слава. Нашата радост изобилуваше од присуството и претстоењето на нашиот Старец и Игумен, Епископ г. Партениј, но и од сослужувањето на благоговејниот јереј г. Светогор Сандиќ од Сремската епархија, кој пристигна во нашата Свештена Обител со група благочестиви поклоници од православна и братска Србија. Радоста од заедничарењето во Телото и Крвта Христова ги исполни присутните со благодарност и возвишени чувства.