Во овие благодатни денови на Светата и Велика Четириесетница, кога секоја воздишка на покајникот се претвора во молитва и секој смирен чекор по патот на постот станува скалило кон светлозарното Воскресение, храмот на светиот великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица блеснува како вистинско духовно небо, мистично закрилено од небесната Царица. Онаа, која во свештените химни е наречена „Христова книга одухотворена“, во оваа акатистна вечер е нашето најсигурно прибежиште и тивко пристаниште. Пред нејзиниот благ и мајчински поглед, кој како со невидлива рака ги брише солзите на искушенијата и влева предвкус на идната надеж, ги полагаме сите свои животни тегоби, црпејќи духовна поткрепа од нејзиното безмерно достоинство. Таа е неразрушива тврдина на нашето спасение и светол облак што милостиво го покрива и заштитува народот Божји во времиња на искушенија.
И додека монашкото сестринство, оваа тивка ноќ со свештена ревност ги врши последните подготовки за претстојната манастирска слава, мирисот на темјанот во храмот на Победоносецот се обединува со радосното и трепетно исчекување на акатистните пофалби. Зашто овие химни, испеани во чест на Онаа Која е „повисока од небесата“, секогаш се исцелителен мелем за придојдените души, чија што нежна љубов и смирени подвизи се силно сведоштво дека под покровот на Богородица, патот кон Пасхата е многу полесен.
Така, собрани во молитвено единство околу својот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, и стоејќи верно со него пред пречистиот Богородичен образ „Достојно Ест“, мноштвото верни ги слеаја своите прозби со неговото слаткогласно молење, во чијашто длабочина созерцателно се наѕира непрестајниот подвиг и непоколебливата синовска приврзаност кон Богомајката.
Двете сестринства, пак, Рајчичкото и Пречистанското, утврдени во благословот на својот духовен татко, ги обединија и своите гласови во единствена молитвена симфонија. Сотворувајќи прекрасен духовен собор каков што прилега само на Нејзиното царско име, тие ги ткаеја умилните химни на Акатистот, вознесувајќи ги притоа своите монашки души, но и срцата на сите присутни, кон „Палатата на Царот Единствен“ и „Престолот огнезрачен на Седржителот.


























