За блажен покој…

Непосредно пред својот роденден и пред почетокот на преобразителната и спасителна своја мисија во светот, мајката Црква денес човекољубиво нѐ повикува на грижлива молитва за покојните наши отци, браќа, сестри, роднини, родители и прародители. Со тоа таа ни укажува дека во неа сите ние, и живите и покојните, сме едно, еден свет, едно семејство, и дека во неа, всушност, сите се живи.

Во овој дух, Бигорската Света Обител, собрана околу својот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, изминатото ноќеденство го посвети на принесување срдечни молитви за блажен покој на заминатите од нас и да им се прости секое прегрешение, волно и неволно, „сите благочестиви и православни христијани, цареви, патријарси, архиереи, јереи, јеромонаси, јероѓакони, монаси, монахињи и сите отци и праотци, дедовци и прадедовци, родители и прародители, браќа и сестри и роднини наши, сите од краиштата до краиштата на вселената починати на земја, на море, во пустини, во гори и пештери и на секое место од почетокот, па сѐ до крајот“.

„Молитвата за покојните“, вдахновено ќе рече во една прилика нашиот возљубен Старец, „е еден длабок израз на нашата светла вера, која ги слави животот, љубовта и вечното заедничарење со Бога и со ближните. Молитвата за покојните е длабоко вкоренета во православната традиција и духовност, и таа ја одржува жива и непрекината врската меѓу живите и починатите. Таа го потврдува нашето верување и искуство во вечниот живот и во тоа дека смртта не ја прекинува заедницата меѓу нас и нашите ближни. Таа е исто така, израз и на крајна љубов и проштавање, бидејќи ни помага да ја надминеме нашата човечка ограниченост и да ја почувствуваме Божјата милост и љубов. Молитвата за нашите преминати ближни ни помага подобро да ги разбереме времето и вечноста. Таа е потсетник дека животот не завршува со телесната смрт, туку дека суштествува и вечност, духовен свет, каде што е вистинското наше пребивалиште.  Оваа молитва ја нагласува заедницата на сите верни, живи и починати, во Христа Спасителот“.