Она што можеби не е познато за дел од јавноста, е дека во Бигорски манастир со години духовно се лекуваат зависници од дрога и добиваат шанса да си го вратат нивното место во домот и општеството .
Еден директен тв-пренос и „поголемата“ бројка присутни на богослужбата за Велигден, ги вивна критиките за Бигорски манастир, со обвинувања дека не биле почитувани препораките за заштитата од коронавирусот и за почитување на полицискиот час. Од манастирот објаснија дека сите присутни се дел од едно семејство.
„Монашката заедница од четирите манастири Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино, ја сочинуваат над педесет монаси, монахињи, искушеници, искушенички, и верници волонтери кои се дел од едното семејство во Господа. Исто така, нашите манастири, кои се занимаваат со социјална мисија и општествена хуманитарна дејност, згрижуваат над шеесет души од социјално ранливи категории, кои го делат манастирското секојдневие заедно со монасите и монахињите. Дополнително, во нашите манастири, со години, константно престојуваат околу петнаесетина градежни работници, кои, исто така, се дел од нашите заедници”, е наведено во реакцијата на Бигорскиот манастир.
Оттаму ги поканија сите што се сомневаат во тоа, да ги посетат нивните манастири надвор од полицискиот час и да ја запознаат социјалната мисија што ја вршат тие.
Она што можеби не е познато за дел од јавноста, е дека Бигорски манастир е прибежиште за многумина кои се отфрлени од семејствата и општеството. Меѓу другото, таму дваесет години духовно се лекуваат зависници од дрога. Идејата за тоа се родила откако сè поголем број зависници почнале да доаѓаат во манастирот, барајќи помош.
„Трогнат од жалосната и безизлезна состојба на овие млади луѓе, игуменот на манастирот, отец Партениј, го прифати нивното доаѓање како знак на Божјата волја, имајќи ја пред очи евангелската порака: „Оној што обрати грешник од лажлив пат, спасува една душа од смрт и ќе покрие многу гревови“, објаснуваат од Бигорски.
Кога демоните ќе завладеат со душата…
На веб-страницата на манастирот има сведоштва на лица кои таму побарале спас, и го нашле.
„По десетина години се оттргнав од канџите на дрогата. Кога дојдов во Бигорскиот манастир се наоѓав на работ на бездната, само што не се струполив во неа за засекогаш да ме снема од овој свет. Тука престојував повеќе од две години и чувствувам дека сум целосно излечен и повеќе не сум зависен од хероин. Формирав семејство, имам две деца, многу сум среќен. Редовно доаѓам во манастирот да им помагам на монасите, оти се чувствувам како дел од ова духовно светилиште“, сведочи М.З. од Скопје.
Тој пред една деценија бил еден од педесетината млади луѓе кои успеале да се оттргнат од дрогата преку разговори со игуменот Партениј, молитви, присуствување на богослужбите, занимавање со сликарство и изработка на сувенири.
Друг скопјанец сведочи како дрогата, алкохолот, цигарите, бунтовноста и ставот „живеј брзо, умри млад“, му станале бескрајно привлечни, мислејќи дека тоа е вистинскиот начин да се ужива во животот, се додека не се нашол во безизлезна ситуација. Барајќи место кадешто би го примиле без да го осудуваат, во 2015 година дошол во Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“.
„Дојдов во хаотична душевна состојба и без некоја голема надеж дека ќе се променам. Само што дојдов, видов дека нема ништо од сето она во кое јас уживав. Сепак, се појавуваше некоја мала надеж во мене, која потајно ми кажуваше дека ќе успеам. На почеток имав одбивност кон христијанството. Како што одминуваа првите денови, така почнав да го чувствувам мирот што владееше насекаде во манастирот. Имаа толку многу љубов и разбирање, што ги немав сретнато на ниедно место каде што сум бил”, раскажува тој.
Духовно лекување
Како што објаснуваат од манастирот, веднаш штом ќе пристигне, зависникот го добива своето место во заедницата, и ги дели со присутните сите услови што ги нуди манастирскиот живот – сместување, храна, комуникација со поискусните рековалесценти заради побрзо и полесно прилагодување на манастирскиот амбиент, родителска грижа и духовни поуки… Тој пак се обврзува да го почитува востановениот ред – послушност кон игуменот на манастирот и останатите браќа, редовно присуство на богослужбите, исполнување на секојдневните задачи што ќе бидат доделени – работа во кујна, во манастирската градина и овоштарник, одржување на дворот и на манастирската околина…
„Сето тоа му помага на зависникот во надминувањето на почетните физички и психички кризи, а подолгорочно, за зацврстување на неговиот карактер и духовно растење. Лекувањето се одвива во две фази: првата фаза се состои од детоксикација, а наредната фаза е подолготрајна и во неа се случуваат суштинските чекори за духовна обнова на личноста. Сите методи на лекување во оваа фаза се од духовна природа. Тоа содржи разговори со духовна содржина, запознавање со евангелските вистини, читање на духовна литература, а потоа откако суштински ќе се спознаат себеси и ќе ја сфатат погибелноста на гревот и страстите, очистување на душата преку светите тајни покајание, исповед и причест, и ослободување од ропството на зависноста“, објаснуваат од манастирот.
Оние што поседуваат цврста и непоколеблива волја да го остават зад себе таквиот живот, добиваат и шанса да си го вратат своето место во домот и општеството, што го изгубиле заради порокот.
Илјада години од основањето
Колку спасени животи, толку причини за радост. Но, покрај задоволството од ваквата социјална мисија, Бигорскиот манастир годинава има причини да се гордее и поради еден исклучително значаен јубилеј.
„Годинава се навршуваат 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир. Тоа е годишнина со која би се гордееле секој народ и секоја Црква. Со Божја помош и со застапништвото на светиот Јован Крстител, Македонската Православна Црква, заедно со државните институции, достоинствено ќе го одбележи милениумското постоење и ќе ја истакне улогата и местото на ова големо светилиште во духовниот живот на македонскиот народ, и во минатото, и во сегашноста и, секако, во иднината“, потенцираа во Велигденското послание поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод.
Автор: Катерина Блажевска