Бигорски – неповторливо богатство

– Или: како Лане Дугувеси и Аписаи Наумуака од Фиџи ја доживеаја средбата со убавините и вредностите на манастирот Бигорски

Гостите во разговор со монахот Доситеј

И во овие зимски денови, манастирот „Свети Јован Бигорски“ е посетуван од верниците и од трагачите по вредни културно – историски и црковни објекти.

Патуваме по долината на Радика, која во овие зимски денови е прекрасна, волшебна во својата убавина. На зимзелените и другите дрва сe уште се гледа белата прекривка, а зеленкастата чиста како солза вода, тивко жубори низ карпите и камењата на коритото од реката. Глетката е прекрасна. Каде и да погледнеш, кон Бистра или Кораб, се воодушевуваш од глетката, од зимските пејсажи кои смируваат и во душата создаваат спокој. Сакаме сето тоа да го впиеме во нашите души. Од време на време ќе помине по некое возило и ќе го наруши мирот. Но, тоа како и да не го забележуваме, опиени од дарот на природата. Сонцето се обидува да продре во кањонот на Радика и сончевите зраци откриваат прекрасни пејсажи што се менуваат како на филмска лента. Како што наближуваме кон манастирот „Св. Јован Бигорски“, така го снемува снегот. Пред нас е нова глетка. За само неколку минути ја напуштивме зимата и влегуваме во пролет. Сонцето пече и мошне е пријатно да се престојува во просторот на манастирските ливади, покрај Радика. Низ змиулестата и угорничава патека се упатуваме кон манастирот Бигорски. Од сите страни блика вода, се испреплетуваат малите поточиња. Качунките и кокичињата веќе излегле. Во манастирскиот двор владее потполн мир. Се слуша само жуборот од водата што блика од трите дулки на самиот влез и нашиот тропот по калдрмата.

На самиот влез во црквата „Св. Јован Крстител“ го среќаваме монахот Доситеј. Тој, на течен англиски јазик, им зборува на двајцата гости за постанокот на манастирот, за вредните копаничари и зографи кои го создале иконостасот и живописот на црквата…

Монахот Доситеј ни ги претставува гостите: Лане Дугувеси и Аписаи Д. Наумуака, вработени во мисијата на Обединетите нации на Косово, од островската земја Фиџи.

-Воодушевени сме со она што го видовме во овој манастир – го започна разговорот Дугувеси. Никаде во светот не сум видел ваков иконостас. Библијата е претставена на уникатен начин, во дрво. Тоа плени, восхитува и не нè остава рамнодушни. Во моите мисли се испреплетуваат многу прашања на кои не можам да си дадам одговор. Мајсторите биле генијалци. Ова дело е неповторливо…

Се интересиравме како дознале за манастирот и што било пресудно да го посетат во овие зимски денови.
-Неколку месеци престојуваме во мисијата на ОН во Косово, а често пати доаѓаме во Скопје – се вклучи во разговорот Наумуака. Ние сме православни верници и се интересираме за нашата вера. Во Скопје дојдовме до туристички проспекти, ги разгледавме и одлучивме да ги посетиме сите манастири во Македонија. Нашите очи ги привлече манастирот „Св. Јован Бигорски“, со иконостасот, местоположбата и архитектурата…

– Да бидам искрен, не очекував Бигорски да биде толку убав и неповторлив. Восхитени сме од сe што видовме тука. Иконостасот нè плени, а објаснувањата што ни ги даде монахот Доситеј, уште повеќе ни ја доближија верата во нашите срца…

Нашиот добар домаќин, монахот Доситеј, нè покани да го продолжиме разговорот во гостинската соба на манастирот.

– Ќе бидеме редовни гости на овој манастир – со големо задоволство ја соопштува одлуката Дугувеси. Иако сме многу оддалечени од Македонија, верата ни е иста и негуваме исти обичаи.

-Ако бидеме тука и ако бидеме слободни, Велигденските празници ќе ги поминеме во „Св. Јован Бигорски“ – истакнува Наумуака.

Монахот Доситеј ги запозна гостите од далечниот Фиџи со монашкиот живот во Македонија, со историјата на Мекедонската православна црква, за што двајцата гости покажаа голем интерес.

Сонцето се сокри зад Крчин. Ноќта почна да се спушта над манастирот. Се поздравивме со новите пријатели и домаќинот. Гостите од Фиџи ќе останат да ноќеваат во манастирот, да уживаат во дарот на природата и плодот од вредните раце на неимарите на ова црковно светилиште.

Киро КИПРОСКИ