Бигорскиот монах Хрисант

Црковен алманах 2000

Во Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ се роди уште еден монах. По долго боготрагање и повеќе од двегодишен искушенички период во истиот манастир, Ристо Златанов, од раката на Митрополитот Тимотеј, го прими монашкиот потстриг. Тоа повторно раѓање, но сега само за Христа Спасителот, монахот Хрисант го прими на светата вечерна богослужба на празникот Отсекување на главата на Свети Јован Крстител, на 10 септември 1999 година. Како да сакаше во пресрет на големиот јубилеј, 2000 години од Раѓањето на Синот Божји, и тој да биде роден и подготвен, самопредано, во мир и молитва да Го пречека и да Му служи.

Монахот Хрисант е роден на 19 септември 1964 година во Ново Село, Струмица, од татко Стојан и мајка Магда. По завршувањето на гимназијата во Струмица, му претстои да го заврши и Машинскиот факултет во Скопје.Знаејќи дека, заради доброто христијанско воспитување, нема да ги остави беспомошни, ги завешта останатите свои двајца браќа и три сестри грижливо да се трудат околу своите родители. А тој, Хрисант, отсега ќе се грижи, преку непрекината молитва, за сопственото спасение, придржувајќи се на монашките правила, под раководство на игуменот, архимандрит Партениј.

Така, оваа бигорна, манастирска света обител, вгради во себе уште еден бигор во монашкиот бедем. Со тоа манастирот забрзано духовно расне и зрее, со сведоштво дека врутокот на монашката заедница ги враќа и повторно втемелува цврстите основи на неизгаснатото македонско монаштво.

Архимандрит Партениј