Конаците ќе го заживеат селото

Обновата на конаците во „Св. Георгиј Победоносец“ ќе биде дело на монасите од Бигорски

Во селото Рајчица, што се наоѓа на три-четири километри оддалеченост од Дебар, по патот што води од Маврови Анови за Дебар, се простира црквата „Св. Георгиј Победоносец“, а тука беа и манастирските конаци, кои повеќе од 50 години беа претворени во штали. Забот на времето си го направи своето. Манастирските конаци на Црквата беа одземени од Државата и потоа никој не се грижеше за нив. Беа разурнати до тој степен што не можеше да се изврши реконструкција и да се оспособат за своја намена. Овој манастир е метох на Бигорскиот манстир. Игуменот Партениј и братството на Бигорскиот манастир, покренаа активност за возобновување на манастирските конаци и враќање на монаштвото, како што било пред повеќе од половина век.

-За некој ден, на Крстовден, на 27 септември годинава, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј, ќе го освети камен-темелникот на манастирот и ќе започне неговата изградба, ни рече архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“.

Се упатуваме кон прекрасната црква „Св. Георгиј“. До влезната врата е поставена плоча на која на старословенски пишува: Црквата е изградена 1835 год., заедно со манастирските конаци, а зографисана е во периодот од 1840 – 1852 година. Куполите и горниот дел на ѕидовите ги зографисале зографите Михаил и монах Данил (истите што ги насликале иконите во Бигорскиот манастир), со тоа што долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од село Тресонче.

Монахот Доситеј ни вели дека овој храм претставува еден од поубавите културно-историски православни споменици. За жал, последниве педесетина години овој

манастир беше затворен, а убавите конаци беа претворени во штали. Манастирот никој не го одржуваше и тој пропадна.
Машините на ГП „Маврово“ го расчистуваа теренот каде што на местото на старите манастирски конаци, за догледно време ќе никнат нови.

-Пресреќен сум што ќе се обноват манастирските конаци – ни рече 72 годишниот Тасе Тодоровски, кој има куќа во непосредна близина на црквата. -Овој простор ќе се разубави и ќе се врати животот во Рајчица. Искрено да ви речам, тага ми беше кога ги гледав конаците како се распаѓаат и се прашував дали ние православците не можеме да собереме сила и да го обновиме манастирот.

Манастирот во Рајчица, како метох на Бигорскиот манастир бил изграден во 1835 год., за време на архимандрит Арсениј од страна на Бигорските монаси и неговиот живот бил тесно поврзан со животот на Бигорскиот манастир.

Духовниот живот во Бигорскиот манастир, последниве години повторно е обновен од страна на монасите, под духовно раководство на архимандрит Партениј, и токму тие покренаа активност за наполно сочуваниот црковен храм, „Св. Георгиј“ во село Рајчица да му се вратат конаците. Со тоа, како што истакнува архимандрит Партениј, ќе може да се исполни големата желба на сестрите кои го чекаат мигот кога ќе можат да се вселат во манастирот.

Се очекува идната година ова наше светилиште да биде готово и да биде отворено за сите оние кои сакаат да го посетат и да се помолат во него.

Пишува: Киро Кипроски