Четворицата монаси во Бигорскиот манастир

Што се случува со монаштвото во Македонија?

Одлуката за моето замонашување дојде спонтано, по извесен опит во црковниот живот, но во време кога се вршеше голем притисок врз монаштвото во Македонија и моите родители реагираа негативно на мојата одлука да бидам монах. – Сега во Бигорскиот манастир има четворица монаси и двајца искушеници.

 

Јеромонах Доситеј: „И моите родители реагираа негативно, но сега работите се променти“

„Сите соби во манастирот беа пусти и населени со лилјаци. Со голема упорност, пред сe благодарение на енергијата и сесрдното залагање на нашиот игумен, обезбедивме средства од некои фирми и од месното население, па сега имаме струја во сите соби, направивме и централно греење, инсталирана е водоводна мрежа, а ќелиите се целосно реновирани“. Вака го започнуваме разговорот со еромонахот Доситеј, еден од четворицата монаси во Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“. Заедно со нив, во манастирот живеат уште двајца искушеници од Струмица и од Ресен. Дваесет и шест годишниот еромонах Доситеј е замонашен во септември 1996 год., во манастирот во кој е и денес, каде што бил искушеник подолго време. Има завршено гимназија во Прилеп, студирал на Електротехничкиот факултет, а сега е вонреден студент на Теолошкиот факултет во Скопје.

Одлуката за моето замонашување дојде спонтано, по извесен опит во црковниот живот. Ја донесов сам и свесно, а искушеничкиот период само ја потврди и ја зацврсти мојата одлука. Инаку, мојот дедо е свештеник, но тоа немаше никакво значење за мојата одлука, ниту, пак, тој влијаеше на мојата определба за замонашување. Во периодот кога имаше големи бранувања околу монаштвото во Македонија, кога бевме изложени буквално на линч, и моите родители, се разбира, реагираа негативно на одлуката за замонашување, но сега работите се доста променети. Секако, во меѓувреме попушти и притисокот врз нас воопшто. Големиот број на посетители на манастирите ги пренесуваат позитивните впечатоци за монаштвото меѓу народот, така што веќе ги нема непријатните сцени од порано. Чинам, нашиот народ полека сфаќа дека монасите не се она што сакаа да го прикажат пропагандите или, пак, петпарачките антихристијански филмови!“ – вели еромонахот Доситеј.

Освен преку посетите во манастирот, конатактите се остваруваат и со излегување од манастирските ќелии и посетување на родителите и роднините. Тоа, се разбира, велат монасите, е вообичаена работа, меѓутоа директно е поврзана со активностите на манастирот. Значи, кога во манастирот има период на помали активности, тогаш монасите можат да одвојат време за да ги посетат своите родители на неколку дена. Инаку, Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ е меѓу неколкуте манастири, таканаречени обновувачи на монаштвото. Првите монаси во него дојдоа во јуни 1995 година, а меу нив беше и сегашниот игумен на манастирот, отец Партениј, кој пред тоа извесно време престојувал на Света Гора. Заедно со него во Бигорски престојувал и монахот Иларион, сегашен игумен на Лесновскиот манастир. Набрзо потоа доаѓаат и дрги искушеници, така што за кратко време, во овој наш манастир се формира поголемо монашко братство. Неколкумина од нив заминуваат на други места, со цел да спасат и да заживеат барем дел од нашите прекрасни цркви и манастири. Сега во Бигорскиот манастир, покрај игуменот Партениј и еромонахот Доситеј, престојуваат уште и еромонахот Макариј и ероѓаконот Вартоломеј, како и двајцата искушеници од Струмица и од Ресен.

По лек во манастирот – без разлика на верата

Во нашиот манастир будењето е во 03 часот и 30 минути наутро, а веќе во четири започнува полуноќницата, потоа следува утрената и на крај Литургијата. Сето тоа трае до 08 часот, а потоа монасите се повлекуваат во ќелиите и го довршуваат своето правило. Трпезата се поставува во 10 часот, а потоа секој оди на своето послушание. Вечерната започнува во 16 часот, а повечерието е во 19 часот, по што монасите се повлекуваат во своите ќелии. Би сакал да кажам дека нашиот манастир има голем имот, меѓутоа, неговото враќање оди бавно. Доколку се стори нешто во тој поглед, манастирот ќе има поголеми приходи и така ќе можеме да се зафатиме со поголеми проекти. Еден таков проект е и обновувањето на манастирот „Св. Георгиј“, во селото Рајчица, крај Дебар. Тој манастир е наш метох. Има прекрасна зографисана црква, но конаците се целосно разурнати.

Имаме готов проект и наскоро би можеле да започнеме со првата фаза од реконструкцијата. Се надеваме дека во догледно време ќе заживее и овој македонски манастир, како женски манастир.

Но, во сите овие убави работи, има и една негативна појава за која сакам да зборувам сега, и ја користам оваа можност преку „Нова Македонија“ да ја известам и јавноста. Имено, од верници во Скопје, а во последно време и од Битола и од Ресен, дознавме дека некои жени облечени во црно, како да се монахињи, шетаат по куќи и собираат пари, лажно претставувајќи се како калуѓерки испратени од нас во „мисија“. Ве молиме да ? пренесете на јавноста дека ние немаме испратено никого за во наше име да собира пари по станови. Исто така, треба да се знае дека ние сме машки манастир и дека кај нас нема монахињи, така што жените кои доаѓаат облечени како монахињи за да собираат пари по куќите, веројатно се некоја организирана група, која на тој начин го злоупотребува авторитетот на манастирот за да печали пари за лична корист. Црквите и манастирите се единствените места каде што можат да се остават пари. Не е наш обичај да собираме пари по куќите. Таа навика дојде со некои секти што се намножија во државата!“ – вели еромонахот Доситеј.

Потоа, заедно со него доаѓаме до чешмите со света, лековита вода, кои се наоѓаат под самата црква. Силни млазови вода течат во огромниот мрамор. На чешмата две жени од Ростуше им ги мијат нозете на дечињата. Ни кажаа дека иако дечињата уште малку ќе наполнат три години сеуште не можат да одат. Слушнале дека водата им помага на таквите деца и дошле да пробаат. Манастирот е православен, тие се муслиманки, но тоа не пречи кога е во прашање дете, кога е во прашање лек. Манастирските порти и конаци се отворени за сите – вели еромонахот Доситеј, посакувајќи ни среќен пат, со молба да ги поздравиме браќата и сестрите, монаси и монахињи во манастирите што допрва треба да ги посетиме. Еден од нив е и манастирот „Свети Јован“, во демирхисарското село Слепче, со неговиот игумен, о. Серафим.

Блаже МИНЕВСКИ