Тука царува убавото и совршеното

Во манастирот се вршат подготовки за традиционалниот црковно-народен собор на 11 септември со што ќе биде одбележана и 2.000 годишнината од раѓањето на патронот Св. Јован Крстител

Пред нецела година на 17 октомври, 1998 лето господово, беше извршен чинот на преосветување на манастирската црква „Свети Јован Крстител“ – Бигорски манастир. Проповед одржа митрополитот Брегалнички г. Стефан, кој меѓу другото истакна: при секое доаѓање овде, во овој манастир, ме обзема ретко чувство исполнето со духовна радост и восхит и тоа од повеќе причини: заради духовноста која надалеку зрачела и зрачи од овој наш неугаслив светилник, духовност од која со векови се хранеле нашите претшественици. Така е и денес во овој манастирски комплекс. Ме обзема чувство на восхит, зашто ретко каде, а можеби и никаде на друго место, не се надградило така Божјото и човечкото, она што Бог Творецот му го подарил на ова место, или она што човекот мајстор го подигнал на овој простор. Овде, навистина царуваат убавото и совршеното – потенцира г. Стефан.

Нашиот митрополит за сe е во право. Секогаш манастирскиот комплекс го привлекува вниманието на посетителите, на љубителите на ексклузивностите, на вредните културно-историски блага. Постојано доаѓаат гости од сите страни на нашата држава и од странство, за да се восхитуваат на вредните дела што ги оставиле ми- јачките зографи,на неповторливиот иконостас, на иконите и живописот, на конакот, чардаците, трпезаријата…

-Во овие денови на јулските летни одмори посетеноста на манастирот е зголемена – ни рече игуменот на манастирот, архимандритот Партениј. Секој што дошол, се воодушевил од манастирот и повторно се враќа да се напои од врутокот на генијалноста на мијачките зографи и копаничари. Тоа што е создадено пленува. Во изминативе месеци, голем број на странски мисии кои престојуваа во Македонија, задолжително доаѓаа во манастирот.

Игуменот Партениј е мошне амбициозен и како старешина на манастирот во изминативе години, со поддршка на монашкото братство и на Дебарско-кичевската епархија, успешно беа реализирани повеќе зафати за заштита на овој древен средновековен манастир. Целосно беа уредени конаците, трпезаријата, гостинските соби, а деновиве започнаа работите за замена на покривот на трпезаријата.

-Зимава, а посебно напролет, кога имаше поројни дождови, покривот ја пропушташе водата и на неколку места беше оштетен таванот на трпезаријата. Токму тоа ни даде сигнал да извршиме целосна реконструкција на кровот – ни рече архимандритот Партениј. Според документацијата кровот бил заменет пред дваесет години.

Меѓутоа се покажа дека замената била неквалитетна. Потрошени биле големи парични средства, а матерјалот што бил поставен, бил неквалитетен, вистинско ѓубре – строго ни зборуваше Партениј. По сите изгледи парите наменети за манастирот биле пренасочени за други цели. Меѓутоа задоволен е што нивното барање за овој зафат наишло на одобрување од страна на министерот за култура Димитар Димитров, и работите на овој мошне значаен зафат за заштита на трпезаријата и на целиот манастирски комплекс се изведуваат квалитетно и под стручен надзор на екипа на Заводот за заштита на културните споменици на Македонија. Реконструкцијата на кровот се очекува да заврши до крајот на идниот месец, пред 11 септември, кога е славата на Бигорскиот манастир и кога традиционално ќе се одржи голем црковно-народен собор. Годинава се одбележува и 2.000 годишнината од раѓањето на патронот – Свети Јован Крстител.

Во наредниот период, како што нè запозна архимандритот Партениј, планирано е да се изврши заштита на целиот иконостас, комплетно чистење на резбите, а пред тоа ќе биде сменет подот на црквата и ќе бидат извршени санациони работи на страничните ѕидови. Динамиката на овие работи ќе зависи од тоа како ќе пристигнуваат средствата од доброволните донатори.

Го водиме разговорот со архимандритот Партениј, а мајсторите дојдени од Пустец, Мала Преспа, со големо внимание го подготвуваа кровот на кој ќе бидат положени камените плочи за покрив. Тие се вистински мајстори и монашкото братство очекува дека манастирскиот комплекс по завршувањето на овој зафат ќе биде уште попривлечен.

Јулското сонце пече, но во манастирскиот двор е мошне пријатно да се престојува. Каде и да погледнеш сè е убаво, и во мислите ти доаѓа желба тука вечно да престојуваш. Сè е совршено, а во книгата за манастирот е запишано: Тука, како со времето да застанало сè, освен манастирските чешми и љубопитноста на посетителите.

Пишува: Киро Кипроски