Уметнички дострели крај изворот на копаничарството

НА СЕДМАТА КОЛОНИЈА НА КОПАНИЧАРИТЕ ВО МАНАСТИРОТ СВ. ЈОВАН БИГОРСКИ

На годинешнава седма по ред средба на копаничарите на Македонија, што ја организираше соодветното здружение, учествуваа 20 копаничари од Охрид, Битола, Прилеп и Скопје.

Во дворот на манастирот Св. Јован Бигорски беа поставени импровизирани ателјеа, каде копаничарите во мир, сконцентрирани врз дрвото и длетото, ги создаваа своите нови дела, а во слободното време и во вечерните часови имаа можност да разменуваат мислења за копаничарството, за нашите врвни мајстори и нивните дела кои се наоѓаат во црквите и манастирите, не само во Македонија, туку и на Балканот и во Европа.

-Не случајно го избравме манастирот Св. Јован Бигорски, како место каде што ја одржуваме Колонијата. Тука се наоѓа грандиозното ремек-дело на виртуозот на длетото и дрвото, познатиот копаничар Петре Филиповски – Гарката, изработено пред 160 години, неповторливиот иконостас што плени, восхитува, инспирира и ние го нарековме извор на копаничарството, дело на ненадминати копаничари, ни рече Злате Крстески, претседател на здружението на копаничарите на Македонија, организатор на Колонијата и учесник. И продолжи: Оваа колонија е македонска и има за цел да го негува копаничарството, да го афирмира и омасовува. На првата колонија учествуваа само неколку копаничари, а денеска оваа бројка за два и повеќе пати е зголемена, исто така и условите за работа значително се подобрени. Планираме во наредните години, Колонијата да прерасне во меѓународна, да се запознаеме со други техники и начини на изработка на фигури во дрво.

-Големо е задоволството да се престојува во овој рај на природата и врв на уметничките дострели што се наоѓаат во манастирот, ни рече копаничарот Стеван Боцевски од Прилеп. За овие неколку денови учество на Колонијата, вредното дело на копаничарите – грандиозниот иконостас во црквата Св. Јован Крстител, го посетијанеколку стотици млади луѓе од целата држава и покажаа голем интерес и јас верувам дека многу од нив ќе започнат да се занимаваат со оваа благородна работа, која е код на нашиот македонски народ. Убеден сум дека доаѓаат подобри денови за копаничарството, резбарството кое е наше големо национално богатство. Да се вратиме во минатото и сето тоа да го вклопиме во новото време. Така ќе придонесеме за заздравување на националното духовно богатство, што е и цел на Колонијата и на копаничарите, потенцира Боцевски. Со овие размислувања се сложуваат и копаничарите Петре Блажески, Цветко Маркоски и Божин Старкоски од Охрид, Димче Бунтевски од Скопје, Мирко Гашперац, Тони Размоски од Битола.

Најмладиот учесник на колонијата беше 17 – годишниот Никола Михајловски од Битола, кој е мошне талентиран и задоволство беше да се гледа како со тенките и нежни рачиња со длетото и чеканот, создава ликови на дрво.

-Пред четири години започнав да се занимавам со копаничарство и верувам дека љубовта кон дрвото и длетото ја носам од „мали нозе“ ни рече Михајловски. Тоа е моето хоби, мојата професија и мојата егзистенција. Работам во ателјето на мајсторот Злате Крстески, задоволен сум што мојата творечка енергија можам правилно и рационално да ја насочам.

Учесниците на VII-та колонија на копаничари – 2000 год., покренаа иницијатива за создавање на спомен соба во манастирскиот комплекс на прочуениот македонски копаничар Петре Филиповски – Гарката и на сите македонски копаничари. Во манастирот планираат да ги донесат и моштите кои се наоѓаат во гробиштата во Крушево, а тука ќе бидат изложени и највредните копаничарски дела.

-Тоа го заслужил Гарката, тоа ќе биде почит за неговиот труд и за вредното дело што ни го оставил, како и за делото на неговите ученици, ни рече Злате Крстески, претседател на здружението на копаничарите на Македонија и додаде: „Веруваме дека ќе најдеме разбирање кај надлежниот архиереј на Дебарско-кичевската епархија, како и со Заводот за заштита на културните споменици на Македонија“.

Киро КИПРОСКИ