Осветени конаците на манастирот „Свети Георгиј“

Осветени конаците на манастирот „Свети Георгиј“ во дебарското село Рајчица

Во ова време, кога постојано по северозападните прeдели на нашата земја ни се испраќаат зли пораки за целата татковина, кога ни се обесчестуваат манастири и светињи во краиштата каде што се војува, ни даде Господ конаци за сите македонски верници. Ова, меѓу другото, го истакна поглаварот на Македонската православна црква архиепископот Oхридски и Македонски г. г. Стефан на вчерашните духовденски црковно – народни свечености во Дебарското село Рајчица, каде што беа осветени новите конаци на манастирот „Св. Георгиј Победоносец“, дел од Бигорскиот манастир. Неговото блаженство рече дека нема поважен интерес од интересот на татковината. Затоа е потребно најпрвин конечно да сфатиме дека нема одбрана на земјата, додека не запрат меѓусебните партиски недоразбирања.

Ова е еден од најубавите и најголемите манастирски конаци со површина од над 1000 квадратни метри. Манастирската црква и конаците се подигнати врз древните темели од времето на Охридската архиепископија. Ова манастирско светилиште, како што рече надлежниот архиереј на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Тимотеј, со векови било непресушен извор и незгасливо огниште на цврстина на верата на Македонците.

Со светата архиерејска Литургија во манастирската црква и чинот на осветувањето на конаците чиноначалствуваше Неговото блаженство, архиепископот Охридски и македонски г. г. Стефан во сослужение со митрополитите Дебарско – кичевски Тимотеј, Струмички Наум, Брегалнички Агатангел, братството од манастирот Св. Јован Бигорски, игумени од повеќе македонски манастири и други свештенослужители.

Пишува: Киро Кипроски