Тие што граделе, пак градат

Историјата и по 150 години се повторува

Киро Кипроски

СЕЛОТО Рајчица потонало во зеленило. Неговата местоположба е на источниот дел на Дебар, на брегот на Дебарското езеро и таму вниманието на посетителот го привлекува манастирскиот комплекс на црквата Св. Георгиј Победоносец, која е изградена во непосредна близина на регионалниот пат Маврови Анови – Дебар. Ова македонско светилиште со извонредната архитектура плени и восхитува.

Историјата во овој прекрасен крај и по 150 години се повторува. Во 1835 година, монашкото братство на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ ја изградило црквата на свети Великомаченикот Героргиј Победоносец и манастирските конаци. Црквата која опстојува и до денеска, била зографисана од монахот Данил и од прочуениот зограф од Тресонче, Дичо Зограф и се вбројува меѓу најубавите цркви на Балканот.

Љубовта кон манастирот нe поттикна и ни даде сила да истраеме и да го обновиме, односно да изградиме нов манастир и да го обновиме нашиот метох во Рајчица – со задоволство го започна разговорот творецот на ова прекрасно македонско светилиште, архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“. Пред неколку години ние ја покренавме иницијативата, на 27 септември 1999 година, на Крстовден ги осветивме темелите, продолжи да ни објаснува отец Партениј, а деновиве ги осветивме и конаците. Овој чин го изврши Неговото блаженство, поглаварот на МПЦ г. г. Стефан, а богослужеа и митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј и струмичкиот митрополит г. Наум.

Инаку, во селото Рајчица до шеесеттите години на минатиот век живееше христијанско население и основно занимање на жителите им беше винарството. Бигорскиот манастир имал голем имот, посебно во атарот на ова село. Скоро 90 отсто од површината на Дебарското поле, а сега езеро, било сопственост на Бигорскиот манастир. Токму затоа, како што вели игуменот Партениј, монасите на Бигорскиот манастир ја изградиле црквата, како и манастирските конаци и ја посветиле на Св. Георгиј Победоносец, па така метохот бил економскиот дел на Бигорскиот манастир.

Архитектурата на манастирот е според византискиот стил, за трпезаријата е искористен опус миксум, стил во кој што во последниве 200 години не е градено во Македонија. Изградбата е од камен и од црвена печена тула во комбинација со розетни од крстови со вметнати апликации, запазена е архитектурата на прозорците во препознатливиот стар македонски стил. Манастирот располага со 1.200 квадратни метри корисна површина во кои се наоѓаат 17 соби, трпезарија со 120 квадратни метри, библиотека, зографилница, технички кат каде е сместена камбанаријата…

Манастирот е изграден на темелите на урнатиот манастир, со далеку поквалитетен матерјал од претходниот, кој е повисок за два ката; сега, по осветувањето на манастирските конаци, ќе започне и духовниот живот, со воведување на монашки ред на женско монаштво.

Пишува: Киро Кипроски