Со враќањето на имотот се враќа гордоста на граѓаните

Во Гостивар министерот за финансии Никола Груевски врачи 28 решенија за денационализација

Во присуство на наследници и сопственици на одземен недвижен имот, завчера во големата сала на ХЕЦ „Маврово“ во Гостивар, министерот за финансии Никола Груевски врачи 28 решенија за одземен недвижен имот на лица од Гостивар, Тетово и Кичево, како и на манастирите „Св. Јован Бигорски“ од село Ростуше, „Света Богородица – Пречиста“ од село Другово и на манастирот „Св. Атанасиј“ во Лешок, a и на црквите „Св. Атанасиј“ од гостиварското село Врапчиште, „Св. Атанасиј“ од тетовското село Брвеница и „Св. Јован Богослов“ од тетовското село Отушиште. Со овие решенија на поранешните сопственици или на нивните законски наследници им беа вратени во владение 13. 564 квадратни метри градежно неизградено земјиште, 238. 489 квадратни метри земјоделско земјиште, 147. 000 квадратни метри шума и вкупно 22. 635. 276 денари надомест за одземен имот. Министерот Груевски со обраќањето до присутните истакна дека Владата на ВМРО – ДПМНЕ, во 1998 год., откако ја презеде власта, вети дека ќе исправи една повеќе децениска неправда на граѓаните на кои им бил одземен недвижен имот од тогашната „народна власт“ и е на добар пат целосно да го исполни ова ветување. Досега, како што потенцира тој, од пристигнатите 4. 300 барања, 76 отсто се позитивно решени, а за останатите постапката е во тек. Како што рече министерот Груевски, барателите треба да бидат трпеливи, да не ја губат надежта бидејќи службите се максимално ангажирани и верува дека овој процес целосно и успешно ќе заврши, многу порано од законскиот рок – 2006 год.,.

Со враќањето на неправилно одземениот имот на граѓаните, како што рече министерот Груевски, им ја вративме довербата и гордоста на граѓаните кои со децении беа понижувани и обесправени. Во изјавата за „Нова Македонија“, министерот Груевски објави дека на 28 овој месец Министерството за финансии на комерцијалните банки ќе им изврши дознака на денарски средства за да можат да ја сервисираат годинешната октомвриска рата од старата девизна заштита на граѓаните, со што ќе се реализира одлуката на Владата на Македонија, донесената пред неколку месеци.

Киро КИПРОСКИ