Овде молитвата греит душата

Сами, а со сите се петмината монаси во реканскиот манастир Свети Јован Бигорски. Манастирот постои повеќе од десет векови. Светата чудотворна икона на Свети Јован лебдела над бигорскиот извор и била знак Божји. На нејзината светост и се поклонуваат и христијаните, но и муслиманите од мијачкиот крај.

Во куќата на дедо ми има една икона со ликот на Исус со Марија, Неговата Мајка… Ја донел некој од Ерусалим, но никој не знае кога. Дедо ми има 84 години, куќата 4 – пати по толку, а иконата како од секогаш да била тука. Како дете, паметам, често одевме во таа куќа и иако малку знаев, или, воопшто речиси не знаев за верата, ќе се прекрстев пред иконата и ќе запалев свеќа… тоа го правеа сите.

Голем дел од нашето време трагаме, барајќи одговор… што сe кријат нашите мисли или од каде доаѓа нашата молитва.

Чудно, за секоја болка има некаде лек, болката го разорува телото, но потоа следува исцеление; нашиот живот трага по некоја мудрост, и одеднаш со само неколку збора, или само со помисла, Го откриваме Создателот, Неговиот пат и вистина.

Наш е, бидејќи сe во нас е Негово…како земјата, од неа се раѓаме и во неа се враќаме, зашто сме направени од кал…но, Бог во таа грутка ни вдахнал и душа…

◆◆◆

„Ова е дом за молитва“, пишува на влезот на Бигорскиот манастир. Беше ноќ и студено беше кога влегов првпат. Во карпите над Радика, Свети Јован ја оставил својата икона и посакал тука да го направи својот дом. Бог му ја исполнил желбата и во него ја излеал сета Своја милост.

Во исто време, високо во ридот, над бигорниот камен, во пост и молитва се подвизувал монахот Јован, кој и го изградил манастирот во 1020 – та година и подоцна станал архиепископ Охридски. Монахот ја нашол иконата на Свети Јован како лебди над изворот и ја доживеал како знак Божји.

Десетина века нe делат од неговото време, но молитвата останала, а и чудотворната икона која и денес им дарува благодат на оние кои што и пристапуваат со вера… на болните и на оние со мака, особено на жените неротки, поради бездетноста нивна. Колку молитвата ви е силна, толку милоста Божја ќе слегне на вас… овде, по молитвите на Свети Јован и на монасите од Река.

Бил дете на престарените Захариј и Елисавета, и со своето раѓање „ја разреши неплодноста на родилката и безгласноста на татка си“. Преданието вели дека бил сираче од 40 – от ден, во Јорданската пустина. Облечен во камилска кожа се хранел со акриди и со див мед. Пророк и Претеча Христов, кој го крштаваше народот со вода, за потоа Христос да го крштава со Свет Дух.

Судбината ќе го одведе во царските дворови… ќе биде почитуван поради својата мудрост и праведност, но и казнет поради прекорувањето на царот за прељубата царска.

Главата на Свети Јован се слика најчесто во неговата рака, како сведок на злоделата на царот Ирод и жена му Иродијада.

„Покајте се“, вели Свети Јован, но можеме ли и колку? Сами е тешко, но со силата Божја не е невозможно. Нема да дознаеме ако не се обидеме. Со крштавањето го носиме ангелот Христов на десното рамо, слободни сме по волјата, но зависни по гревот.

◆◆◆

Во Бигорски зората се дочекува со молитва, среде резбата на големите мајстори од Река, светогорскиот декор и монашката милост. Петмина на утринската Литургија ја слават сесветоста Божја, мирот и крепоста на благиот Бог.

Телото и Крвта на Христа, ангелскиот монашки стих и чудата на Свети Јован…

„Со став Божји, со вера и љубов пристапете“ – вели бигорскиот игумен, отец Партениј и со неверојатна кротост благословува… го соединува овоземниот човек со Небесниот Бог. Светата Причест и Самиот Бог во нас, Неговата бесконечност, богочовечност и вонвременско постоење. Се спасуваме и стануваме дел од вечноста, ослободени од гревот наследен или „заработен“, но само ако се покаеме и си простиме.

Од долгите молитви бессони се неговите очи, но со еден поглед што смирува… можеби светогорската светост и неговиот престој таму, или, мудроста на старите Отци или, можеби Свети Јован, му подариле толку многу љубов за тој да ни ја дарува нам.

Ноќта спроти денот на благата вест (Благовештение) манастирот минува во бдение, будно се моли, се отвораат светите мошти, се осветува елејот, се помазуваат верниците за здравје, сe за слава на Мајката Божја и на Нејзиниот Плод. Светите мошти се исцелителни, поставени во стакло и во кадифе пред резбите на мијачките мајстори; со целив и со голема покајничка метанија им се поклонуваме до земја на Свети Јован, на апостолот Јаков – брат Господов, на Свети Кирик и Јулита, на Свети Трифун, на Свети Пантелејмон, Свети Евстатиј, Света Параскева – маченица Римска, Света маченица Ирина, но и на Чесниот Крст Христов, од Распнувањето на Исус, чијашто честичка се чува во сребрениот крст.

Службата е долга и секојдневна, но и крепоста и ревноста на монасите од Река, повеќе од седум часа во храмот и уште толку надвор од него.

◆◆◆

Молитвата е разговор на човекот со Бога. Во манастирот Бог е пред нас, бидејќи сe во него е Божјо – и библиските резби, и елејната светлост и темјановиот мирис и монашката песна, како сите да се еден во смирение и кротост. Послушноста е најголемата монашка доблест, во заветот на скромност, безбрачност и љубов. Сепак, љубовта е најголема, онаа што ни ја даруваат нам и на својот Бог.

Несебично и со насмевка, монасите ги пречекуваат и испраќаат многуте гости од целиот свет – за нив Божји чеда, кои што ја побарале милоста на Крстителот на здравје и убост.

Реканските мајстори на резбата, зографите, градителите и копаничарите, со многу умешност го украсиле домот на Крстителот Господов. Бигорскиот манастир е ремек- дело на овоземниот човек, кој со верата и посветеноста на Бога му вдахнал живост на дрвото и живот на каменот.

Свети Јован е последниот старозаветен пророк и најголем меѓу родените од жена, аскет, проповедник, крстител и маченик. Живеел испоснички во Јорданската пустина, бил строг кон себеси, но праведен и мудар, удостоен во водите на Јордан да Го крсти Проповеданиот… „дојден да сведочи за Светлината“ (Јн. 1,8). Свети Јован го отвора Христовиот пат и по него чекори. „Покајте се, зашто се приближи царството небесно“ – се неговите зборови блиски и до современиот човек. Покајанието значи да ја признаеме грешката, или да сме подготвени да го платиме својот долг, но и да го промениме умот и да го откриеме новиот човек во себе. Со вистинското покајание ја заслужуваме смиреноста како најголема човекова доблест. „Со страв Божји, вера и љубов“, Го примаме Христа, но дали и живееме со Него? Покајанието на Свети Јован нe подучува на подвиг, за да се преобразиме себеси и својата душа.

Не случајно Свети Јован ги одбрал Бигорските карпи во врвовите на Бистра, зашто таму сe е поблиску до Бога. Од дамнина народот од Река одел да печали по светот, но верата ја носел во себе, и учел и научил како да ја сочува.

На трпезата во Бигорски, среде Велигденските пости има стотици гости. Но, пресната храна и молитвите, ги крепат и ги зближуваат монасите и нивните по вера, ближни браќа и сестри.

Од памтивек манастирот ги собирал поклониците и покајниците. Редот е долг за оние што сакаат да простат, исповедта е тајна, но силна. Само човекот што умее да простува, умее и да продолжи. Да се прости, или да се заборави гревот е големо дело, но за малиот човек што страда е неопходно.

Петмина се повторно на молитва – Отец Партениј, Отец Макариј, Отец Доситеј, Отец Хрисант и Отец Вартоломеј. Тројца од нив со свештенички чин, еден ѓакон, еден монах, еден послушник и неколку искушеници (кои еден ден можеби ќе ја почувствуваат монашката светост). Мисијата нивна е поука, кротост и мир, и сe со ред, се моли, се учи, се собира, се подучува, се црта, се пее, се дава, се простува, се исповеда… Тие се млади, но силни по верата и по духот со желба да се истрае и да се победи. Немирни се овие времиња, но молитвата нивна е кротка. Совршени се ликовите во библиските резби на Бигорскиот иконостас, како и дрвото од вештите раце на зографите од Река.

Старите мајстори ја издлабиле и ја насликале сета мудрост на Светата книга, ја вдахнале сета светост на големиот Бог.

Чудна тишина има во утрата на манастирската Црква во Бигорски. Монасите ја слават милоста Божја и Неговите дела. Им се враќам на старите резбари. Иконостасот, дело на мијачките мајстори, завршен е во 1835 година. Петре Филиповски – Гарката, брат му Марко од село Гари, Макариј Фрчковски од Галичник, Аврам од родот Филиповци од село Осој… Црквата е градена во 1800 година, но со последните ископувања откриени се темели на мала црквичка од турско време. Султанот издал ферман до Бигорскиот игумен, Митрофан, со којшто се дозволува да се направи Црква. Живописот е од различни период, меѓу најколоритните е галеријата на портрети на манастирските игумени и ктитори, од 30 – тите години на 19 век, дело на зографите Михаил и Данил и познатиот Дичо Зограф од Тресонче.

Првиот познат игумен на манастирот бил Иларион. Сепак, најбележит овде по своето време е архимандритот Арсениј (1807 – 1839), но не помалку заслужен за сето убаво денес е и сегашниот игумен, отец Партениј, кој со својата мудрост правилно го води монашкото братство и ја проповеда науката Божја.

Голем е подвигот и поуките на монасите од Река, но сепак, покрај сe, во Божјиот храм, поставена во стакло плени чудесната икона на Свети Јован. Преданието вели дека таа „сама дошла во манастирот“, како знак на желбата на Крстителот за манастир во којшто ќе се прослави името Божјо. На барање на игуменот Харитон во 1885 година со 2500 сребреници, таа ќе биде опкована во сребро што ќе и даде една Божја светлина. Верниците во знак на благодарност ја прославиле милоста на Свети Јован и неговите чуда преку иконата негова. Свети Јован ја исцелува болката, ги слуша воздишките, нашите молитви. Но, само ако побараме со вера, со љубов, ќе ни се даде. Многу бездетни жени му благодарат на Свети Јован за чедата свои и за благодатта што тој ја доби од Великиот Бог. Тие оставаат дар за спомен во злато и сребро, но и солзи и радост. Свети Јован ни помага кога го молиме од срце зашто нема посилно од љубовта кон Бога и од верата наша за милоста на Неговиот Отец.

Иако е пролет, студени се ноќите во карпите на Бистра и водите во Радика и каменот во Река. Испеал народот многу за овој крај… И со право. Сe наоколу е Божја убавина… Галичник, Битуше, Велебрдо, Ростуше, Гари… Најсочните пасишта, најбујните пејзажи, најбогатите носии и најубавиот манастир…

Монасите од него направиле рајска градина, свое гнездо и дом за молитва, а поклониците и покајниците свој „свет град“. Рано наутро овчарите ги изнесуваат своите стада кои се посебен декор на пасиштата крај Река. Се слушаат птици и песни на кавали…


Чудотворната икона на Свети Јован… монашките песни… црковните ѕвона, во сe се раѓа новиот ден. Петтемина повторно се во храмот… близу до своите чеда… до својот Бог и во својата молитва која овде ја грее душата.

Постојат материјални докази дека имало четири цркви на местото на денешниот Бигорски манастир, во времето на 11, 16, 17 и 18 век. Во сите наврати, кога разбојниците ги рушеле црквите светата икона исчезнувала и потоа пак се појавувала.

И денес иконата на Свети Јован прави многу чуда. Надалеку е позната нејзината благодат за жените неротки, кои добиваат милост пред Бога и стануваат мајки.
Чудотворната икона ги исцелувала и многуте болки и болести на верници од целиот свет. Неодамна, таа го излекувала и бубрегот на една жена која била спремна за операција, но посакала претходно да му се помоли на Свети Јован за здравје. Докторите и ја откажале операцијата затоа што била оздравена. Во спомен на чудата, по примерот на хиландарската икона на Пресвета Богородица, иконата на Свети Јован има три раце, е троерачна.

Патува и пишува: Маргарита Столеска