Рајскиот дворец на свети Георгиј

СВЕТИЛИШТА РАЈЧИЦА КАЈ ДЕБАР – РАЈСКИОТ ДВОРЕЦ НА СВЕТИ ГЕОРГИЈ

Бигорските монаси го вратија црковниот живот во дебарското село Рајчица. Со заложбите на игуменот, отец Партениј, кој подолго време престојуваше на Света Гора, во женскиот манастир се негува византиското пеење и светогорскиот декор. Во овој крај, според некои, проповедал и Свети Климент.

Во мислите или можеби на сон, пред многу години, или можеби само пред некој ден, некогаш, во нечиј поглед или приказна, сигурно сте го откриле рајот, или сте го побарале, ама бил далеку. Доблеста, велат ќе ве одведе пред неговите порти, во царството на Великиот Бог и на Неговите ангели. Баш така и го замислував, светот почнува со Адам и Ева, со нивната љубов и грешност.

„Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“… без принуда, доброволно, преку Својот збор, Бог ни подари и светлина, ѕвезди и мудрост. И најпосле го направи човекот, и единствено нему му вдахна бесмртна душа, но и разум, слободна волја и чувства.

Сe рајско беше во човекот, но и околу него. Го бараме во височините, можеби и е таму, но чинам не многу поразличен од овој, земниот рај. Љубов е нашиот Бог, а таа се наследува, со неа се раѓаме и ја предаваме, за утре пак некој да ја спомне.

✦ ✦ ✦

Празникот на Свети Георгиј се чествува 3 пати во годината. Првпат на 6 мај, познат под името „Ѓурѓовден“, втор пат на 16 ноември, како ден на Свети Георгиј – Ѓурѓиц“ и трет пат на 9 декември, познат како „Свети Георгиј – Посен“.

Го сликаат како момче што го убива ѕверот. На бел коњ, тој им ја носи победата на воините, слободата на плениците, исцелението на болните. Млад е, но бестрашен, „великомаченик, победоносец и чудотворец“… името му е Свети Георгиј.

Роден е во 270 година, според некои во Кападокија, според други во градот Бејрут или во Лида Палестинска. Неговите родители биле богати, богобојазливи и чесни. Татко му маченички пострадал за верата во Христа, мајка му, иако сама, го воспитала во правоверност, набожност и чистота. На дваесет годишна возраст, поради неговата убавина и стројност ќе стане трибун во елитната царева војска, а подоцна и член на Советот на државата (место кое го добивале избраните во редот). Тоа било време на прогон на христијаните, а римскиот император Диоклецијан (284 – 305) бил озлогласен меѓу поклониците на Христа. Георгиј бил најомилениот негов воин, но не му била омилена и неговата вера. Смел во својата ревност, тој до крај Го исповедал Единиот Бог и маченички го завршил овоземниот живот. Многубројни се маките на св. Георгиј, но Христос е неговата крепост – „побргу ти ќе се измориш измачувајќи ме, отколку јас, кој ги трпам страданијата“, ќе му рече на Диоклецијан докажувајќи ја на тој начин својата непоколебливост на патот кон вистината Божја.

✦ ✦ ✦

Верата во Бога значи излез, Бог не ги заборава своите чеда, ако молитвата им е силна. Колку се многубројни страданијата, толку и чуда направил Свети Георгиј. Меѓу најпознатите и најприсутни во христијанската иконографија е убивањето на змејот, со што ја спасил царската ќерка и градот Бејрут, а со тоа и многубожечкиот народ, кој подоцна ја примил Христовата вера.

Младата девојка обично се слика во заднина, со раширени раце, чекорејќи кон тврдината, која е симбол на Црквата Христова, засолниште на верните, за утеха и радост. Но, Свети Георгиј го исцелил и момчето што го каснала змија, го спасил синот на свештеникот од заточеништво, ги услишил мајчините молитви, правел и прави чуда со своите икони. Меѓу многуте познати меѓу народот, е и чудото во Сирија, кога со градот Рамел загосподариле Сарацените (муслимани). Додека свештеникот се молел во храмот „Свети Георгиј“, некој од нив посакал со лак и стрела да ја прострела иконата, доживувајќи ја како „штица пред која се моли некој безумник“. Иако стрелата била насочена кон иконата, одненадеж таа го свртила својот правец и се забила во раката на стрелецот. Од ден на ден, раката станувала сe подебела, а болките неиздржливи. Притоа тој се сетил на христијанските робинки во неговата куќа и по нивна препорака го повикал свештеникот од христијанскиот храм и го распрашал за свети Георгиј и за неговиот Бог. Свештеникот го посоветувал да ја земе иконата на Свети Георгиј, да стави кандило пред неа и да го остави да гори цела ноќ. Утредента, рано наутро, да ја помачка раката со елејот, но да го направи тоа со вера и со молитва и раката ќе му оздрави. Сараценот благодарен и вчудовиден ги послушал свештеничките барања и добил исцеление. Раката му била здрава. Во знак на благодарност го прочитал житието за страдањата на светиот маченик Георгиј и држејќи ја иконата во своите раце преку солзи барал прошка за безумието свое. Бакнувајќи му ги колената на свештеникот го молел да биде крстен и потоа јавно, пред сиот народ, ја проповедал верата во вистинскиот Бог и Неговата милост. За многу кратко време извршил силен подвиг и многумина привел кон Христовата вера. Самиот добил венец маченички со помошта и со молитвите на свети Георгиј.

✦ ✦ ✦

Во селото Рајчица, велат, од дамнина имало црква, и монаси, и вода. Свет е овој извор и лековит. Народот оваа вода ја вика „агијазма“, чудотворна е и чуда прави. Ја немало 40 – тина години, за потоа со осветувањето на темелите на новите конаци, пак да протече. Селаните го викаат „светиот извор“, и секој што ќе дојде, не си оди без да се замие, со молитва за здравје. Не случајно овој крај е рајски, велат изгревот овде е чудесен, со поглед на карпестите свиоци на планината Крчин, кон дебарското езеро и лозјата во недоглед… го добиваме рајскиот поглед. Но најмногу, поради монашките молитви и нивниот копнеж по Божјите убавини. Ако веќе го имаме Божјиот дом, значи веќе сме блиску до рајот.

Првиот човек, што ги поставил темелите на метохот на Свети Георгиј (како огранок на манастирот Свети Јован Бигорски), бил јеромонахот Иларион, родум од селото Татар Елевци во 1761 или 1762 година. Во 1835 година, јеромонахот Арсениј од Галичник, ја изградил црквата Свети Георгиј во долната маала Радовци, во село Рајчица. Бигорскиот игумен Иларион, во своето четиридецениско игуменисување го развил монашкиот живот и го збогатил манастирскиот имот.

Среќа, блаженство и живост имало во селото со седумдесетина куќи, некогаш… жита, лозје и добиток се простирале на десната страна од Радика.

Денес, во овој крај се живее кротко, но молитвено и богоугодно е во женскиот манастир во Рајчица. Монасите од Бигорски и нивниот игумен, отец Партениј, се надеваат на Божјата милост, но и сестрите – искушенички, кои ја чуваат чистотата во Божјиот дом и ја бараат милоста на Великиот Бог. Од зори, младите монаси, со старечка мудрост ја шират Божјата наука. Сесветоста Божја е во нивната кротост, во мислите и во зборот. Во совршен ред, со молитва, се зазорува новиот ден, кој како да излегува од Рајскиот дворец на свети Георгиј и чиниш, во секој момент од фреските или од црквата, ќе те пречека момчето – воин, на бел коњ, победоносниот свети Георгиј. Фреските, насликани од зографите Михајло и Димитриј (кој подоцна се замонашил во Бигорскиот манастир и го добил името Даниил),

го враќаат библиското време во новиот свет. Монашката љубов кон Бога е голема, но и нивните резби, живописи и фрески. Неуморно, од зори до залез, тие ги минуваат деновите во пост, молитвено, во богомислие и труд.

Монахот Даниил ја основал зографската школа и учителствувал во неа, меѓу неговите најдобри ученици бил и познатиот Дичо, зограф од Тресонче, кој овде го спечалил занаетот и ги нацртал најубавите фрески и икони. Преданието вели дека и ликот на свети Наум, по два века, за првпат е насликан овде. Со многу бои, живописно, како во некоја од рајските градини, со сите Христови преданија е малата црква во Рајчица. По истиот образец е насликана и црквата „Света Пречиста – Кичевска“. Верниците ги кажуваат своите молитви во исповед на свети Георгиј, кој по својата ревност ќе добие милост пред Бога, за нив и за нивното исполнување.

✦ ✦ ✦

Јеромонахот Доситеј од Бигорскиот манастир (еден од тројцата монаси – свештеници кои денес богослужат во манастирот) беше добар домаќин и водич на новинарската екипа од „Национал“. Овде се негуваат старите манастирски, но и македонски обичаи: за добредојде локум и студена вода, за гостите. Потоа, како во секоја домаќинска куќа следува разгледување на манастирот… сe е ново и чисто, во византиски стил и светогорски декор. Доминантна е црвената боја како симбол на љубовта кон Бога, но и кон верниците. Ги има многу и доаѓаат од секаде. Упорноста на монасите и хуманоста на верниците ќе ги возобноват конаците и црковниот живот во рајскиот крај. Манастирската облека „во бело“ и неговата насоченост кон исток е _онази на Божјиот бескрај… овде човекот „од светот“, го наоѓа својот мир, разговара со својата душа, ја открива Божјата вистина, смислата на своето постоење и мисијата, зашто сме овде и сега.

Овде човекот се издигнува над своето време и се приближува кон Бога, ја открива „големата тајна на побожноста“. Со пост и со молитва старозаветните пророци, Мојсеј и Илија се приготвувале за средбата со Бога, ја барале и ја добиле големата мудрост. Во манастирот Рајчица, секоја недела, во пост и молитва богослужи по еден од монасите – свештеници од Бигорското семејство. Тројца се на број: отец Партениј, отец Доситеј и отец Макариј. Тие секојдневно ја проповедаат Божјата блага вест, доближувајќи се до вечното блаженство на нивното царство. И Бог е милостив затоа што сме блиски по љубовта. Двете Негови најголеми заповеди се:

„Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум“.

„Возљуби го својот ближен како себеси“.

Не сте ги заборавиле, нели, и немојте, затоа што само така сме едно. Нашиот живот и спасение, сe почнува и завршува со името на Христа.

✦ ✦ ✦

Од најстари времиња во Рајчица, живееле само македонци – христијани, но тешки и погубни биле турските зулуми, кон крајот на 19 и во почетокот на 20 век, кога животот станал неподнослив. Оттука рајското село, покрај убоста ја носи и големата тага на печалбарите од овој крај. Најмногу од нив заминале во Влашката земја (Романија), но и во Грција, Бугарија, а некои дури и во далечна Русија. Сепак, верата и молитвите ги понеле со себе.

Денес во селото има само две христијански куќи и манастирот на свети Георгиј, кој се издига високо над карпите над езерските води. На 27 септември, во годината 2000 беа поставени темелите на новиот манастир, кој ги собра благонамерните луѓе од сиот крај. Неговото високопреосвештенство, Дебарско – кичевскиот митрополит, Тимотеј, литургиски го чествуваше празникот на Воздвижение на Чесниот Крст, при што ги освети и манастирските темели. И повторно се слушаат камбаните во рајскиот крај, се слави и се велича името Божјо во параклисот на свети Григориј Палама – солунскиот чудотворец, свети Нектариј Битолски и свети Јован Кукузел (песнописец, кој ги компонирал најубавите псалми, во црковно – византиско пеење). Последните двајца светители, за првпат кај нас, по Света Гора, добиваат свој дом за молитва. Трпезаријата е за стотина верници во Христа… конаци и одаи за бденија и радост… сe има во рајскиот дворец на свети Георгиј. Како сите судбини на староседелците да се испреплетени во монашките молитви на рајскиот крај. Земјата е мајка на сe плодно, а тие откорнати од неа, со тага го напуштиле родот свој, своите лозја, своето жито, својот плод. Но, монасите во своите молитви, ги споменуваат солзите на секоја болка, блиску се до секоја човечка душа, сочувствуваат со секоја загубена милост. Молитвено и богобојажливо, ја враќаат празничната радост и некогашната живост на верското чествување на големите денови, за Бадник, Божиќ, Василица, Богојавление, Ѓурѓовден…

„На денот“ – кога се слави, се ставаат софри, се печат погачи и леб, се шараат крстови и резби, се пее и се наздравува. Леблебии, суво грозје и локум… сирење и вино, сe има на црковните трпези, и многу насмевки, и многу солзи.

✦ ✦ ✦

Постот, молитвите, покајанието, исповедта, се повторно во Божјиот дом. Се соединуваме со Христа… Значи, Бог не ги заборава Своите чеда, каде и да се. Во Рајчица, монашката благост ќе ги крепи, ќе го чува нивниот дом, ќе им дава светост на студените води, ќе ги исцелува нивните болки, ќе им ја крие тајната, но и ќе ја прераскажува нивната судба.

Бог ќе ги слуша нивните воздишки каде и да се, а монашките молитви ќе им даваат живост и виделина на нивните желби. За еден ден, можеби пак да се вратат.

✦ ✦ ✦

Во рајскиот крај секое утро во големата вода се огледува синилото на небесниот бескрај… во секој изгрев се зачнува Божјата светост, Неговата вистина го бележи секој нов ден. Кориците на Светата книга ја раскажуваат големата мудрост… апостолскиот повик, старозаветното пророштво. Монасите го носат „крстот свој“ – далечен на нашиот свет, одречени од сe лажно и блудно, од сe земно и страсно; но молитвата ни е заедничка и патот кон спасението за ослободување од „превласта на телото и смртноста на духот“…
… Врнеше тоа утро, бевме далеку, но сепак со нашата молитва… бевме блиску до рајот… грешам… со нашата молитва, сe беше рајско во домот на Свети Георгиј… тоа утро со нашата молитва сите бевме едно…

Патува и пишува: Маргарита Столеска